Ритам кој, тукушто презимените пчелари, како мене, тешко го следат.
Пред неколку дена, во средниот ден од работната недела, не можев да издржам и попладнето заминав на пчеларник.
Мојата слива џанка, пред дворишниот влез во Скопје, беше во полн цвет. Бела, привлечна за око, привлечна за пчела... За оса, за мува, за бумбар - за се!
Претпладнето започнав со тридневниот процес на бојадисување на новата пчеларска опрема - но тоа ми беше премногу здодевна работа за да го убијам целиот тој преубав сончев ден со неа!
Признавам, скоро неподготвен тргнав накај пчеларникот. Грабнав само некои остатоци од сируп, зажичени градежни рамки од лани и стигнав таму, во скопското поле, околу 15.30 часот.
Веднаш по “слетувањето“ му се спуштив на нуклеусот што беше жртва на грабежот што го предизвикав...
Ух, отворајќи го и гледајќи во подигнатата рамка, со олеснување констатирав дека се извлекол од голем дел од бељата: целиот заклопен мед што беше покриен со пчели беше на рамката - украден беше само медот од страните, што пчелите не го покриваа.
Во ќелиите на останатите две рамки имаше отворен мед!
Почнала некоја подобра паша, си помислив... Не заради полните ќелии - тоа беше од сирупот во хранилката, туку затоа што грабливките се ориентирале на попривлечното за нив - нектарот од природата.
Ете ги, ги фотографирав и шишињата со сируп на останатите два нуклеуси - колку да се види потрошувачката за една недела.
Не можам да кажам дека тој ден направив некоја многу паметна работа на пчеларникот - повеќе ги отворав ланските деленици, за да им ја видам состојбата и да видам до каде се со трошењето на сувиот бел шеќер, како стојат со резерви од мед и до каде се со леглото.
Повеќето беа со легло на 2-3 ФР рамки, но најдов и неколку за кои си помислив дека би биле мртви ако зимата беше “прописна“. Имав на пчеларникот 7-8 шишиња полни со 1,5 литри сируп на страна, па си зададов задача да им ги поставам на овие лански деленици - иако тоа беше не баш компатибилна работа со делумно потрошениот шеќер истурен врз поклопните даски. Но, подобро така, отколку да ми седи сирупот настрана.
Уште малку и, времето за прихрана со сируп, на оваа локација ќе одмине...
-------------------------------------------------------------------------------------
После три дена, во саботата, сливата џанка зуеше пред мојата врата а белиот снег од нејзините цветни ливчиња паѓаше врз главите на децата и врз главите на моите гости...
Уште еден прекрасен сончев ден, ден што не можев да го пропуштам - и оставајќи зад себе се (и гостите) - “летнав“ на пчеларник.
Пак дојдов не баш најподготвен - ама, не ми беше тоа важно - дојдов да се дружам со пчелите - да видам до каде се!
Веќе во мислите ми ја снема и последната дилема за тоа дали треба да започнам со пролетното проширување на пчелните гнезда - а и во неделната прогноза најавата беше дека времето ќе биде мошне поволно - најниските температури околу 5-от Целзиусов степен а највисоките: дури до 24-от!
Повторно, “слетувањето“ на пчеларникот ми беше околу 15 часот.
Тука сливата џанка само што започнала со цветањето.
Во минатиот мој пост, кој што се однесуваше на мојата посета на овој пчеларник пред точно една недела, пропуштив да запишам дека на посилните семејства што ги отворив, тој ден пред една недела, од двете страни меѓу рамките со легло и рамките со полен им поставував рамки-градежници со затегната жица.
Ова пч. семејство под фолијата, молеше за проширување - одбивајќи да празнува на 8-ми март! |
Тие рамки мене ми служат да видам во каква ситуација е секое пчелно семејство одделно - тие рамки знаат многу да му кажат на оној што умее да ги прочита!
Ретко, но сепак се случува, како бонус, да се добијат и еве, вакви рамки - изградени природно, без сотна основа а скоро со 100% работничко саќе.
Пчелите си бараат проширување... |
Јас ги вадев оние рамки каде забележував трутовско саќе и ги менував со рамки со сотни основи, или со рамки со полуизградени основи (од лани). Онаму каде што ќе забележев само малку трутовско саќе, тоа го отстранував а рамката ја поставував во средина на гнездото. Сега започнав и да ги ротирам рамките со легло за 180 степени - но само оние рамки кои имаа повеќе од половина од рамката зафатена со легло.
Само едно семејство прегледав каде двата градежника беа во оваа фаза на изграденост а немаа ниту една ќелија трутовско саќе! |
На сите прегледани сандаци им ги отворав и летата на долните спратови... Некаде морав и долу да преместувам по некоја рамка со полен и мед, оти горе немаше веќе место...
Навистина, си мислев, додека си заминував, себичен сум, и безобразен, што не сакам да пропуштам ниту еден ваков прекрасен ден, како што беше вчерашниот, саботниов...
П.С. Како надоврзување на претходниот пост, да кажам дека матицата што угина навистина беше од нуклеусот што неуспешно се обидов да го засилам. Пчелите што останаа ги споив со пчелите од семејството под него.
Постави коментар Blogger Facebook