6

Завчера (недела) кога појдов на пчеларникот во скопското поле, да ви кажам, не се амбицирав да направам некаков си посеопфатен преглед на пчелните семејства. Немав таква амбиција.

Бев да видам дали е се во ред со пчеларникот. Дали ќе го најдам онака како што сум го оставил пред повеќе од 10-тина дена.


Другиот мотив ми беше да го сефтосам новиот фотоапарат што два дена пред тоа го купив, откако стариот (Canon IXUS 130 IS) го вратив и од вториот сервис со дијагноза дека му е неисправна основната електронска плоча - “малер“ за чие санирање би требало да се даде неисплатлива сума на пари (околу 60 до 80 евра).

Апаратчето има доста големо оптичко зголемување па го испробав на овој “хеликоптер“ што се одмараше собирајќи сончева топлина на еден камен.
Со мојот стар точак стигнав на пчеларникот, и набргу се уверив дека се е в ред.

Многу ме интересираше каква е состојбата со осите - и морам да признаам дека сум мошне изненаден што, како и минатиот пат кога последен пат бев тука, оси скоро и да немаше.

Со упорно подолготрајно набљудување успеав да видам неколку оси кои слободно си влегуваа во некој од сандаците.

Очигледно беше, набљудував една, како тоа го прави, дека неколку оси успеале да измолат влез во сандак, и да го добијат мирисот на пчелното семејство - на мошне сличен начин како што тоа го прават и самите пчели кога се сироти. (При појавата на утринските ниски температури осите ги губат своите гнезда - веројатно затоа што не можат доволно да ги загреат - па тоа кротко однесување сигурно не е без мотивација!)

Но такви беа буквално само неколку оси!

Како и мачките, преостанатите оси не се територијално “лојални“ на само една локација, еден сандак - и очигледно тие биваат привлечени и од топлината на другите пчелни гнезда, па потоа од пчелите биваат вовлечени во пчелното гнездо, и поради туѓиот мирис, биваат убивани - штом ќе ја променат локацијата од каде што решиле да крадат мед.

Овој феномен на снемување на осите, не сега, туку уште во октомври, го забележувам последниве години откако решив ДОСЛЕДНО да го применувам мојот модус на борба со осите КАЈ СКОРО СИТЕ пчелни семејства во пчеларникот.

Да не се враќате и барате по блогов: модусот се состои во тоа да се затвори секое дупче на сандаците низ кое може да се провлече оса, и да се остави само едно мало лето во горниот преден дел, на висина приближна на онаа каде би требало да почнува медната зимска капа.


На овој начин секоја оса, пеперутка или пак туѓа пчела крадливка пред да дојде до медот мора да мине низ пчелното клубе - намерно велам: клубе, затоа што тоа значи дека влезот во сандакот е бранет и во услови на ниски утрински температури.

Висината над земјата и малата големина на летото обезбедуваат заштита на клубето од друг вид на предатори.

Забележав дека пчелите по малку носеа
 од два вида полен.
За овој модус на зазимување и борба со инвазијата на оси е многу битно времето кога ќе се спроведе - а препорачаното време е: веднаш после престанокот на летните горештини.

Мора пчелните семејства да се сеуште во интензивно одржување на леглото, бидејќи во борбата со осите, секако дека има загуба на неодреден број пчели.

При ваквата поставеност за зазимување, карактеристичен и е мирот што постои на пчеларникот, малиот степен на подготвеност за одбрана што го одржуваат пчелите.

Бидејќи подолг временски период речиси и да немало притисок од пчели-туѓинки и оси, пчелите не напаѓаа, па затоа јас, со новиот фотоапарат (Nikon L310) можев буквално да си легнам на теписите пред сандаците, да набљудувам и патем да си правам безброј фотки на самите лета и полетувалки од непосредна близина (макро).

Во Скопје започна да се појавува есенската магла и таа всушност не дозволува, на сонце, да биде онолку топло колку што би можело да биде. Затоа веднаш, кај себе си, осетив отпор на идејата да отворам повеќе пчелни семејства...

Тука сум пропуштил да го заменам
сунгерот со дрво.
 Сепак, откако ми помина првиот мерак во фотографирањето, и на момент ми се причини дека е навистина доволно топло за да отворам некој сандак, решив тоа да го направам со еден каде на 9-ти септември имав забележано дека нема доволно мед за зима.




После прихранувањето, во спратот беа оставени неколку рамки делумно полни со мед за пчелите да го чистат/пренесуваат долу.
Една од рамките беше исчистена а другата не - пчелите, очигледно беше откако подигнав една рамка од долу, немаа место каде да го пренесат медот.



И затоа ова семејство беше комбинирано прихранувано со сируп.



Прихранувањето го правев повремено со пластична милерова хранилка а истовремено и континуирано, со шише (крај неа).





Резултатот може да се согледа од фотографиите:









Еве ја првата фотка на матица со сефте прополизираниот фотоапарат.

Откако го затворив сандакот, и откако се проврткав испитувајќи дел од можностите на фото апаратот со правење уште фотки, немав навистина што многу друго да правам освен да си заминам.


За заминување мораше да ми текне, откако во моја непосредна близина слушнав прасок на ловечка сачмарка.

Имаше во близина, не еден туку група на ловци кои очигледно пукаа многу, и можеби, на се што ќе мрдне.

Решив дека е добра идеја веднаш да си заминам пред некој од нив да нанишани на мене.


Постави коментар Blogger

  1. Оваа година за прв пат ставив неколку подници со мрежа, кои имаат можност да се затворат скроз (при поладно време). Прво што приметив е поставеноста на клубето во средината на кошницата.Подниците се сеуште отворени и планирам да ги затворам некаде околу нова година. Рамките имаат венци со мед во облик на полукруг. Кај полните подници клубето е на предниот дел веднаш до летото-како кај твоите кошници.Очигледно дотокот на свеж воздух игра голема улога како ќе биде распоредено самото клубе. Мене ме интересира (според тебе) дали ваквата поставеност на клубето е подобра при рано пролетниот развој (тогаш и овие подници ќе бидат затворени скроз, за леглото да се грее подобро). Количината на пчели по улица е сличен како на фотографиите прикажани кај тебе,(околу половина рамка) и тоа на 5-6-7 улици.Првото легло ќе биде во средината на улицата а потоа ќе се шири кон предниот дел на улицата, кон летото. дали има некоја предност во ова?Зоран-Кавадарци

    ОдговориИзбриши
  2. Здраво Зоран,
    Конкретниот одговор на твоето прашање е: не, нема некоја предност.
    Но за времето на затворањето на подниците имам коментар/сугестија. Направи го тоа многу подоцна, при крајот на февруари или можеби во март.
    Добро е првото зимско легло да биде што помало и ако може, да стартува што подоцна.
    Но сепак влијание има и тоа што имаш под мрежата. Преголемата изложеност на ветер не е добро да ја има и затоа ако подниците се превисоко (како кај мене на платформа) подобро да им се делумно или целосно затворени.

    ОдговориИзбриши
  3. Со среќа новиот фотоапарат, да сликаш само убави работи.

    ОдговориИзбриши
  4. Со среќа новиот фотоапарат ! На ќерката и купив пред една нгодина ист нмодел и апаратчето за тие пари е пери носи ....убави слики и неверојатни бои.
    Што се однесува до финтата за оси се согласувам потполно не и како да е крајно решение.
    Имаш сереќа што немаш голема наезда на оси односно изгледа и времето ти помага (поладно е кај вас).Осите кај мене пукнатините залепени со прополис (пример помеѓу двата спрата спојот) ги разградуваат и си прават нови отвори позади клубето.Овие оси одат на школо во некој од Америчките колеџи . :)
    Поздрав od Simit

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Не знам Никола, како да ти ја опишам густината на оси што кај мене годинава ја имаше - да кажеме дека беше приближно една оса на квадратен метар!

      Обично во други години, медликата на шумата ги спасуваше пчелите од преголема опсада - но годинава и таа потфрли.

      Избриши
  5. Оваа година осите кај мене беа посебна приказна. Се појавија уште во јуни и веднаш почнаа да навалуваат на кошниците. Никогаш досега не сум забележал во тој период да се така настроени. Во шишињата - мамци слабо влегуваа. Мислев дека ова ќе биде година наклонета на осите, но од непозната причина ги снема. Во јули и август одвај да забележував по некоја осамена оса. Во септември се појавија повторно, заедно со стршлените. Не беа премногу (како пред две години), но сепак ги имаше.
    Не знам дали имаат свои метеоролози, но на крајот на септември се изгубија и осите и стршлените. Можеби ја предосетија ниската температура што се наближува. На четврти и пети октомври утринската температура падна до -6 степени, но осите се изгубија порано.
    Можам да речам дека оваа година не ми правеа поголеми проблеми.

    ОдговориИзбриши

 
Top