Тоа здружение е она на кое јас му припаѓам - барем ментално.
Во пракса, многу повеќе од изминативе години јас не сум ја платил годишната членарина отколку што сум бил “член“.
За тоа “семејство“ од пчелари, особено за раководствата кои долги години биле “на власт“, со мали исклучоци, јас сум бил и сум останал “бунтовник“ без причина.
Искрено кажано, премногу работи не ми се допаѓаат во раководењето со здружението, така што, за да не се нервирам и, како што ми се случувало понекогаш, да не избувнувам, и да не им го “бранувам“ мирот на останатите, кои се пасионирани посетувачи на редовните неделни собири што ова здружение ги организира, јас не одам веќе на тие состаноци.
Имало години кога не сум бил буквално на ниту еден состанок.
Сепак, не може да одбегнам а да не контактирам со по некој “редовен доаѓач“ на овие состаноци на здружението “Матица“ (така се вика), кое патем кажано, поинаку од со “редовно доаѓање на состаноците“, речиси и воопшто не функционира.
За најголемиот дел од тие редовни доаѓачи, присуствувањето на пчеларските состаноци што започнуваат со првиот четврток (или, порано беше, петок) во месецот ноември, траат цела зима и завршуваат некаде кој-знае дали во март или април, за тие мои колеги, доаѓањето на тие собири е главна зимска пчеларска активност.
За нив е најважно да имаат доволно голема затоплена сала и пчеларско предавање на репертоарот.
Без обзир што, ретки се оние колеги на кои не им се случило, барем еднаш, ако не секој пат, да задремат на тие предавања.
Во овој период, месецот октомври, главно се намалени сите останати пчеларски активности, па така, “нервозата“ околу предавањата кај редовните “членови“ на скопското здружение почнува да расте - но, се разбира, во октомври, Матица не работи!
Затоа малку беше чудно и предизвикувачки кога еден наш колега, преку интернет програмата фејсбук, ме информира дека за петок е закажано вонредно предавање.
Мојот првичен информатор ми кажа дека некој романец, јак пчелар, ќе го држел предавањето, а кога го потпрашав за контекстот околу предавањето, т.е. како воопшто дошло до него, тој воопшто ништо не знаеше.
Два дена пред петокот и колегата Бранко Тасевски, кој веројатно е актуелен претседател на кумановското здружение “Пчела“, на својот личен фејсбук профил објави: “Пчеларско здружение ПЧЕЛА од Куманово, на ден 25.10.2013г. (петок) во 14 часот организира предавање со следните теми: 1 начин на пчеларење во Романија и 2 прихранување на пчелните заедници. Предавачот е Дудау од Република Романија.“
Подоцна, ден пред петокот, на пчеларската фејсбук група од пчеларот Иван Додевски беше објавена оваа информација:
“Колеги пчелари и пчеларки на ден 25.10.2013 (петок) со почеток од 17:00 часот, во Стопанска комора на Македонија, ќе се одржи предавање од страна на предавачот Dudau од Република Романија.И така, јас решив да направам големи тектонски промени во моите останати фамилијарни обврски за да си го одвојам времето потребно за мое присуство на предавањето.
Теми на предавањето:
1. Начин на пчеларење во Романија.
2. Прихранување на пчелните семејства.
Денес разговарав со претседателот на Здружението МАТИЦА од Скопје и ги поканува сите заинтересирани кои сакаат да присуствуваат на ова предавање, кои се членови на групата ДОДЕВСКИ.“
Откако ги однесов децата “на викенд со преспивање“ кај баба им во другиот дел од градот, најпосле, шетајќи како туриста покрај новите и за мене убави архитектонски и скулптурни зданија од “Скопје 2014“ јас пешки си дојдов во салата на Стопанската Комора на РМ.
И...
И она на што присуствував кога дојдов беше, беше ни малку замаскирана комерцијална презентација на сируп и погачи за прихрана на пчелите.
И ништо повеќе!
Романија?
Пчеларењето во Романија?
А да... Тоа беше делот од презентацијата каде еден романски пчелар, дел од маркетинг тимот, објасни на кои начини тие досега, во Романија успешно ги користеле сирупот и погачите!
Поголем дел од времето беше оставен за поставување на прашања од присутните пчелари - а тоа време, се разбира, некои од дежурните поставувачи на прашања, го искористија - ако не за друго, барем да ги збунат “предавачите“.
Јас си излегов од таму, да признаам, лут. Лут на пчеларот што ме информираше, лут на себе си што го повикав и мојот компањон-пријател, лут на претседателот на здружението, лут на сите нас што немаме, сме загубиле тотално осет за да направиме разлика меѓу предавање и презентација.
Од еден дел од презентацијата, од филмот што на видео-бимот одеше во позадина мене ми се разјасни контекстот на ова “предавање“.
Група наши пчелари, очигледно, биле во Романија, во посета на мануфактурата која ги изработува производите, и оваа активност беше всушност возвраќање на “услугата“!
Организаторите намерно го користеле терминот “предавање“ за да привлечат што е можно поголем број пчелари на презентациите организирани ист ден, во Куманово и во Скопје!
И сега, кога ги пишувам овие редови, јас се уште сум лут.
Лут сум на сите и се прашувам: до кога?
До кога раководствата на здруженијата толку мизерно ќе го вреднуваат времето на членовите?
Или пак, дремката што ги фаќа една третина од присутните на предавањата, организирани пак од нив, сепак, им го дава тоа право?
Постави коментар Blogger Facebook