Прекрасна низа од сончеви денови во Скопје.
Утринските ниски температури деновиве, споени со сонцето преку целиот ден, носат мошне убава комбинација на топлина и студ што ги замолчува и најголемите мрчатори на тема: времето деновиве...
И во саботата, и во неделата (викенд) јас бев на пчеларникот во скопското поле. И двата дена не се брзав многу со поаѓањето. Нема зошто да се брзам, нема што да се прави, си мислев...
Сепак, откога ќе пристигнев, и оние неколку часови што таму ги минував во работењето околу пчелите, ми беа токму доволни за да си помислам: уф, доста ми е за денес...
Всушност, било кој сандак по кој што ќе посегнев, имаше нешто за поднаместување, одземање или додавање.
Овие два дена, вчера и завчера, успеав да си ја реализирам намерата од порано, да го финиширам тестирањето на системот со задоцнети деленици.
Во кратки црти, опишан, тој систем изгледа вака:
Се прават трорамни нуклеуси/деленици кои пред тоа, во сезоната, служеле како оплодници (всушност, се работи за пчелите/рамките од последниот турнус на пролетни матици).
По оплодувањето на матиците овие три трорамни нуклеуси се префрлуваат во стандардно тело (во мојот случај: Фарар 19 см. подница + поклопна итн.) и по можност, потоа се засилуваат со еден рам легло во излегување од развиени семејства.
Летата на овие осамосталени семејства треба да си останат на истите страни како што биле дотогаш кога биле во еден заеднички троделен оплодник.
Тие се развиваат колку што условите им дозволуваат без специјално стимулирање (читај: прихрана) и им се обезбедува или изградено саќе (ако пашата е слаба) или сотни основи.
При крајот на летото или во почетокот на есента по потреба се прихрануваат со шеќерен сируп, колку што е финансиски можно/одржливо.
И ете, во ова време од годината, тие недоразвиени пчелни семејства, што всушност не би можеле да издржат една посериозна зима, одново се враќаат/стискаат во претходната своја почетна поставеност: три трорамни нуклеуси во поделениот простор на едно стандардно тело.
Освен затоплувањето што се добива со збивањето на пчелите на помал број рамки/простор, се добива затоплување и од страна, т.е. тие нуклеуси се затоплуваат едно со друго.
Дополнително затоплување (одоздола) може да се обезбеди ако, како во мојот случај, подницата на тој троделен нуклеус е конструирана така што всушност може да функционира како поклопна даска за некое соседно нормално или силно пчелно семејство - врз кое постепено, со чести преместувања на куси растојанија, овој троделен нуклеус, најпосле и се поставува да презими.
Некој што размислува прагматично би прашал: па зошто да се прави тоа префрлување, зошто да не се остават последните матици, т.е. тие троделни бивши оплодници да си развиваат и презимат како нуклеуси во истите тела, т.е. делови од тела?
И јас ова прашање практично сум го проверил, па сум констатирал дека во тој тесен простор блокирањето на саќето со полен и нектар не дозволува создавање на доволен број зимски пчели за успешно презимување.
Но, со други типови на сандаци, каде рамките се повисоки, на пример како кај ДБ, можно е презимувањето да биде далеку поуспешно, отколку со Фарар, и можеби при работата со нив, префрлувањето на пчелите од овие троделни оплодници не би било неопходно?
Сега-за-сега, после овој викенд јас за презимување на овој пчеларник имам три вака оформени троделни нуклеуси.
Сега останува да ја видиме каква ќе биде претстојната зима и како во тие конкретни услови ќе се однесуваат овие армоника-семејства наспроти нивните браќа и сестри (кои ги има исто така во доволен број) што ќе презимат самостојно.
Пријавите се на:
Објављивање коментара (Atom)
Постави коментар Blogger Facebook