0
Ми се случувале некогаш периоди, некогаш долги и со недели, а никој да не ми побара мед да му продадам.

Ама, имало и периоди, како деновиве, кога од многу места ми се закануваат дека ќе ми дојдат и ќе ми купуваат - а јас, да ви кажам, гледам во кантиве мои, и си велам: ми отиде медот!

Нема да имам за познатите/пријателите, ако непознатите ми го соберат целиот!

Но, без сомнение, тоа е само ирационален импулс што сепак, веројатно влијае на моето маркетингшко однесување - инаку немаше да ми се случи до овие денови, од лани, да ми останат четири канти (100 кг) непродаден мед!

А ете, деновиве ми се случија неколку работи поврзани со медот...

А и неколку “закани“ навистина се остваруваат деновиве.

Првин, ја чекав нашата стара другарка од Словенија да дојде и да купи по две тегли од секој вид мед, што го имавме годинава.

Таа дојде, но ме изненади со она што го донесе нејзиниот сопруг, по нејзина идеја: три тегли мед од пчеларот во Словенија од кого тие обично купувале.

Јас, напрсно реагирав, и наместо да се заблагодарам, ги испокарав со зборовите: “Аман бре луѓе, на рибар, риба не му се носи за подарок!“

Тоа, и околу тоа (цената на медов во Словенија) беше муабетот за овој нивен подарок пред да го пробам медот.

Навистина, ментално сме идиоти, сите до еден, кога за нешто, што има и вкус, и мирис, и арома - даваме предрасудувачки суд - без да го пробаме!

Но за да се проба нешто ново, потребна е и фокусираност на тоа - а најчесто за ова, кај сите нас, возрасните, потребната енергија ја нема.

Всушност, ако се сака градациско определување на возрасност, без дилема може да се каже дека некој е возрасен онолку колку што му недостасува енергија да испробува.

Иако пред гостите јас го отворив подарениот мед и го густирав, моето вистинско пробување/густирање се случи дури следното утро, откако останав сам дома, после испраќањето на децата в школо.

Најпрвин ја густирав теглата на чија етикета со покрупни букви пишуваше: “gozdni MED“ (шумски мед).

Медот во оваа тегла беше светол, но заматен, а тоа значи: длабоко влезен во природниот процес на кристализација.

Се уште беше течен но густ - и без некоја дистинктивна арома. Овој мед беше на ниво на најдобрите медови што во Македонија можат да се добијат а за кои нашите пчелари, ако се споредат со г-динот Тоне Томе, бараат и добиваат мизерно ниска цена.

Медот од втората понеобична стаклена тегла што го пробав имаше етикета hojev MED (елов или елков мед).

И овој мед имаше изглед и текстура како првиот, само што за нијанса беше потечен. Но веќе кај овој мед се чувствуваше одреден вкус што малку подолго се задржуваше во устата...

И третиот, последен мед што го испробав имаше иста боја и заматен изглед од навлезеноста во кристализација, но кај него, на етикетата пишуваше: kostanjev MED (костенов МЕД).


Вкусот му беше најдистинктивен и најинтензивен, по малку горчлив - онаков, силен, каков што кај нас често се случува да го има во регионите со костенови шуми.

Овој мед кај нас, или многу се цени или воопшто не, но секаде на Запад, на пазарот постигнува највисоки возможни цени - двојно, трикратно или петкратно повисоки од останатите!

Уште долго време откако главнината од густираната лажичка мед, замина во мојот желудник јас во устата ја чувстував горчливата арома на “костенот“.

Моите пријатели ми приредиле навистина СИЛЕН гест, не само поради цената што морале да ја платат за една стандардна тегла, туку заради квалитетот на пчелниот производ што ми го подарија.

Пчеларот Тоне Томе, го заслужува она што за себе го напишал на својот промотивен леток - дека е пчеларски мајстор!

Не само што, од трите негови производи се виде, се трудел пчелите да му донесат мед од локации каде има дистинктивна медоносна флора, туку и затоа што добиениот и изваден мед, со респект и знаење го третирал, па медот во неговите тегли ги задржал, во максимален степен, одликите на пашните извори кои што на етикетите тој ги декларирал.

Најпосле да кажам дека цената што ја платиле моите пријатели, за секоја од овие тегли, била иста: 9 (девет) евра!

Овие денови, сите што ме знаат и знаат каде живеам, слободно може да дојдат и овие медови, гордоста на Словенија, да посакаат/побараат да ги густираат.

Следнато нешто што сакам сега да го кажам е и заканата што пред речиси 2 месеци ми ја упати преку телефон еден Германец.

Тој во телефонскиот разговор на англиски, ми кажа дека бил лани во Скопје на изложбата со мед, купил од таму неколку тегли и многу му се допаднале. Прашуваше кога ќе се одржи пак тој настан, за да дојде специјално за тоа: да си купи мед.

Јас му го кажав терминот, но тој разочарано констатира дека нема да може да дојде во тие денови.

Целава оваа идеја, да се доаѓа од Германија во Скопје за да се купи мед за себе, мене ми изгледаше толку необична што посакав да го запознаам и му реков дека веројатно јас ќе можам да му пронајдам таков квалитет на медови какви што тој бараше: сто-посто природни, повеќе темни, никогаш незагревани, течни, без додавани хемикалии или шеќер.

Во моментот кога ми се јави јас за моите медови мислев дека токму одговараат на описот, со еден исклучок, годинава имам повеќе светли медови, а тој сакаше темни и некристализирани.

Вчера, откако во меѓувреме го заборавив, тој пак ми се јави и ми најави дека ќе биде еден ден (петок) во Скопје, па би сакал да му подготвам пет до седум тегли од медовите за кои зборувавме.

Е сега, јас имам да му понудам практично овогодишен и лански темен течен мед, но тој е со толку сличен вкус/арома што и јас не можам да го разликувам, па доколку некој од вас, колеги, има една тегла темен мед, во Скопје, слободно нека ме побара за да му ја понудам на Германецот кога ќе го сретнам...

А  како помина средбата со него, ќе можете да прочитате подолу тука!

ДОПОЛНУВАЊЕ

Средбата со германецот, доктор по професија, помина и беше мошне интересна/инспиративна и за обајцата. Тој си замина со 9 тегли, купени за 5 евра/една и според подоцнежната преписка, успешно ја поминал границата без никаков проблем.

Интересно беше неговото мислење дека нашиот мед е најдобар.

Подобар бил, според него, од медот во сите земји од околината, а тој секаде бил, и подобар бил нашиов мед и од медот во неколку други земји во светот (други континенти) каде тој престојувал/патувал.

Следниот ден и моите пријатели од Словенија си заминаа дома со зимница од 10-тина тегли евтин македонски мед (5 евра).

Така помина оваа моја извозна навалица.

А дома кај мене, останаа трите тегли словенечки мед, кои деновиве нашите пчелари ги густираа, оценуваа и ги споредуваа, со нашите македонски медови.

Постави коментар Blogger

 
Top