0

Последен пат, јас и мојот пријател-компањон на пчеларникот во Долна Матка бевме на 11-ти април (види: Два дена интензивно пчеларење).

Во меѓувреме, додека јас бев на аргатлук, мојот пријател-компањон ги поминал со преглед половина од сандаците, и за вчера останаа само уште околу десетина.

Полека, вчера, ми се случи да почувствувам како да влегувам во некоја рутина со пролетните работи на проширување на пчелните гнезда.

Не ми се бендисува тоа чувство на рутина во пчеларството.

Пчеларот обземен од такво чувство затромавува и инертно се однесува и таа квази-поспаност носи несакани последици - не само на план на поединечни пчелни семејства, туку води и во погрешно насочување на целиот пчеларник.

Рутинизираниот пчелар не ги чувствува тенденциите и не реагира никако на предвесниците/знаците - затоа што целосно оперира врз база на минатите искуства и сознанија.

Мојот компањон не успеал да ги допрегледа сите семејства затоа што се зафатил да го “теписира“ просторот пред сандаците и тоа, од сликава подолу, е видливо дека квалитено го направил!

Во еден од неодамнешните постови прикажав една поилка, направена од мојот пријател-работодавач-на-два-дена (види: Мајска болест во април)

А конкретно, оваа наша поилка е модел кој што може да се примени во изолирани и најсушни предели, дури и во пустиња (со најредуциран отвор).

Направена е од пластично буре кое е поставено во друго буре (може да биде од секаков материјал) кое е комплетно закопано в земја.

Се прави отворен цилиндер од мрежа (најдобро пластична) која оди се до дното на бурето. Ако отворот на бурето е поголем, како овој нашиов, може да се стави пловка, ете, како тука, од стиропор - ако отворот е потесен (пример, 5 см. дијаметар) нема потреба, затоа што мрежата е површината на која пчелите слетуваат, пешачат до водата, стојат додека полнат и полетуваат.

На оваа поилка уште и недостасува еден обрач од дебел стиропор кој би се поставил да го затвори одозгора просторот меѓу двете буриња (температурата на водата тогаш ќе биде константна и ниска). Ваквата поилка е исклучително економична затоа што испарувањето на водата е минимално.

Одозгора има “кров“ што може и треба да биде повисок. Кровот обезбедува поилката да биде хигиенска, т.е. во водата да не падне измет од празнењето на пчелите.

Друго дополнување што би можело да се направи, за тешко пристапни локации, е да се постават ребрасти лимови или такви пластики (од кров/настрешница) накосени кон поилката за да ја прибираат дождовната вода во поилката.

Ваквата поилка (ако е со широк отвор како нашиов) задолжително треба да биде во ограден простор или пак околу неа треба да се направи ограда - за да не привлече други животни. Ако пак се направи со еден или повеќе тесни отвори, оградата не е неопходна.

Ако се сака, оваа поилка може да се направи да биде и тотално незабележлива/маскирана.

Да се вратам на почетокот. Ете, продолживме со пролетните проширувања и изаедначувања на семејствата, на пример, како ова во Дадант-Блат сандак:

Тука додадовме две празни изградени рамки од двете страни на леглото, плус една рамка со сотна основа во средина на леглото.

Пчелите беа мошне мирни бидејќи имаше паша. Затоа и без проблеми се работеше без чадалка.

Прегледувајќи откривме дека семејството од првиот сандак на најгорната фотографија е безматично. Не само што беше безматично, туку имаше и развиено “пчели-матици“ од чии што јајца веќе имаше, тука и таму, ларви.

Од легло имаше уште по некоја затворена ќелија. Сето ова значеше дека пред две недели, кога сме го прегледувале, не сме забележале дека нема матица. Ова значеше и дека јас се уште не знам по кои знаци може да се препознае безматично семејство неколку дена по обезматичувањето (откако пчелите ќе ја “прежалат“ старата матица).

Бидејќи видовме три матичници од кои што излегле матици а од нив немаше ниту траг, решив да му ги одземам рамките со неправилно легло а да му додадам два рама со многу ларви и јајца од други сандаци - како подготовка за спојување или друга некоја алтернатива.

На овој пчеларник имам и три фарар сандаци во мошне запуштена состојба - од кои два “плачеа“ за ротација.

Додека ги средував (долу легло и мед а горе празни рамки и некоја со легло) помина скоро еден саат.

Така и вчерашниот ден си замина во неповрат.

Постави коментар Blogger

 
Top