0

Знаев дека утринава времето за на пчеларник ми е кратко, но морав да појдам.

Вчера кога ги прегледував матичните дна од Јентерот, ги прегледав дали ми се занесени само оние (половината) кои што ми беа со отпосле затворени дупки. Не ми текна да ги видам како стојат другите (си посакував да се сигурно добри).

Утрово констатирав дека сите освен едно чепче со ларва, пчелите ги исчистиле додека биле јајца. За една ларва немаше зошто да се малтретирам и оставив се за утре, откако ќе се вратам од планираното патување во една пчеларска продавница во Лесковац, Србија. Јајцата на другата половина од Јентерот беа добри, негибнати. Ете, колку добро пчелите си ги затворија дупките - во останатите ќелии (без чепчиња) ларвите беа негувани сосема нормално.

Останатото време на пчеларникот го минав во довршување на работата што ја правев вчера, т.е. на две семејства им ги вадев фолиите, од плодиштата вадев рамки со мед а им дотурав сотни основи.

Во медиштата над матичните решетки годинава, за почеток, секаде поставувам по осум стари изградени рамки за мед.

Сите производни семејства ми се сега во работен модус (немаат абер од роење) и како што гледам на прогноза, се до втори мај не се заканува некакво лошо/дождливо време - но тоа е далеку и може да не се оствари.

Пак ги отворав и прегледував четирите слаби семејства - оние што ми се патат во борба со ноземозата (имаа удавени пчели во хранилките).

Нив до сега не сум им помогнал ниту со легло, ниту со пчели од другите семејства. Дури сега, овие денови се чини дека сите, освен едно, тргнаа по развојната патека. Но и тоа последното се извлекува - само кај него, ова се одвива значително поспоро од кај останатите.

Сите овие работи не ми се видоа како нешта кои би биле интересни - веројатно затоа не направив ниту една фотографија.

Кога се вратив дома имав само околу два часа одмор, кога ете, на врата, т.е. прозор, ми се појави мојот пријател-компањон. Време беше да одиме на пчеларникот во Горна Матка.

Мене, после ручањето ужасно ми се спиеше - така што морав да испијам, заедно со пријателот, едно жешко турско кафе.

Кога стигнавме горе, дуваше некој ветер, но мене од него не ми се стори дека ми доаѓа свежина.

Веднаш се фатив за најсилното семејство (во Дадант-Блат 12-ка). При минатото отворање (види: Град на глувците) тоа беше ослабено со пчели и му беа веднаш ставени две рамки со сотни основи. Сега на отворање, одозгора изгледаше вака:


Во медиштето над фолијата носеше нектар и нему веднаш му одзедовме дури 2 рамки со легло и пчелите на нив + една рамка со мед и пчели, а му додадовме 2 рамки со сотни основи а фолијата над плодиштето ја заменивме со матична решетка.
Мојот пријател-компањон со репрезентативна рамка со легло - која му беше одземена на оригиналното семејство и му беше донирана на едно послабо.
На овој пчеларник доминираа две крајности, многу силни семејства, за нијанса послаби од ова најсилното, и крајно слаби, но витални - донатори и приматели на помош.

Јас си мислам дека тоа е некој вид среќа во несреќа, бидејќи во недостаток на опрема (сандаци и др.) кај ќе ни беше крајот, ако сите пч. семејства беа добри/силни.
Градежна рамка која била заборавена на погрешно место.
Трутови се раѓаат - во самотија.
На крајот најдовме и едно семејство кое по повод на нашата последна посета ја ликвидирало својата стара и дефектна матица (шарено легло) и направило неколку (изброивме пет) убави затворени матичници.

Планот со нив сега ни е: утре да донесеме пчели од полето во троделен оплодник (без рамки со легло или барем без отворено легло), во нив да инсталираме матичници а оригиналното семејство да го поделиме на два дела (еден дел да биде во нуклеус).
Не се има секогаш рамка со сотна основа.
Оваа (ДБ) рамка е досега доста квалитетно изградена со работничко саќе.
Овој пат, денеска, потрошивме поприличен број сотни основи и ги засиливме со пчели и легло речиси сите пч. семејства на кои тоа им беше потребно.

Дочитање до утре.
(Ќе имам, веројатно, фотки од барем една српска пчеларска продавница)
Не е мечка - туку пчелар што мора да работи за секоја капка мед!

Постави коментар Blogger

 
Top