0
Иако во претходниот пост напишав дека и јас и мојот пријател-компањон сме се откажале од планираните саботни активности - утредента и двајцата едниот за другиот констатиравме дека не било така. И јас и тој, сме му работеле зад грб едниот на другиот.

Јас после само два-три часа одмор морав да појдам на пчеларник, за да видам дали конечно имам ларви во Јентер апаратот - и имав.

Сите, туку-што испилени ларви ги префрлив на рамката носач-на-матичници, и иако семејството стартер не ми беше подготвено како што треба, а требаше барем повеќе од неколку часа матичната решетка да биде затворена - ја завршив таа работа, претходно вадејќи ги рамките со отворено легло што беа од двете страни на рамот-носач.

Целиот овој процес, мислам дека е очигледно, јас не го сфаќам сериозно како што би требало. Ова одгледување матици ми е прво во сезонава, и се уште е доста пред време.

Мислам дека годинава е тотално поинаква од типичниот ритам и греота е да се жртвуваат работно расположени врвно развиени пчелни семејства во време кога неочекувано се случува ептен добра паша - а и седумдневната временска прогноза беше поволна.

За да ги направам трите планирани оплодници извадив по еден рам мед/нектар/полен и пчелата на него, уште по еден рам затворено легло, и заедно со по еден градежник, на тој начин го населив и затворив секој одделен дел од троделниот оплодник (три оплодника во едно тело).

Овој оплодник (со вентилациски мрежи на подницата) истиот ден (саботата) го донесов дома и го оставив во темна просторија.

Утредента го однесов во Горна Матка, каде на пчеларникот случајно се сретнавме со мојот пријател.

Мојот пријател-компањон ги поставува новите српски метални матични решетки, дел на местото од неквалитетните и деформирани портокалови пластични. 
Тој вчера утрината (недела) ми се јави и ми кажа дека му доаѓаат некои гости, и вчера, како мене работел, т.е. го однел на пчеларник потребниот ДБ нуклеус и новите матични решетки кои требаше да се постават на посилните семејства.

Се изненадив кога дојдов горе и го видов како ја работи работата со мат. решетки - не издржало срцето јуначко, па додека ги чекал гостите решил да претрча до пчеларник за да си ја заврши таа работа.

Семејството што изгуби матица комплет со сандакот го префрливме половина метар понастрана (толку колку што беше потребно за излетниците рамномерно да се поделат) а на негово место го поставивме нуклеусот - а јас рамките со легло ги поделив, внимавајќи во секој дел да има по еден до два пристојни матичника.

Остaнатите матичници (3) ги додадов во троделниот оплодник, но дури откако почекав околу еден час, за пчелите од туку што отворените оплодници да се ориентираат.

Додека чекав пчелите од оплодникот да се ориентираат...
...Се испружив на ливадата и ги фотографирав ливадските цвеќиња...
...Како што се, на пример и овие први цветови на мајчината душица, или...
...Овој цвет на јагода.
Троделниот оплодник.
Откако го завршив пресадувањето на матичниците се вратив кај пчеларникот во скопското поле и таму направив увид во прифатеноста на матичните ларви од вчера. Искрено речено, заборавив да избројам колку основи од матичници пчелите прифатиле.

Само си го средив Јентерот. Извадив две-три пропуштени дна на матичници со веќе дводневни ларви и исто толку, со јајца, и заедно со неколкуте превидени еднодневни ларви ги “пресадив“ на долната летва на рамката носач-на-матичници за пчелите да им пресудат.

Потоа ги исполнив прописно чепчињата со восок и целото саќе на Јентерот го испрскав со силен насочен млаз од прскалката за да ги исперам ларвите.

Во друго семејство ја најдов матицата и ја затворив во Јентерот.

Друга матица во Јентер заточеништво.
Потоа на неколку семејства им поставив по една празна рамка во плодиштето, под матичната решетка, а одземената рамка со мед и полен (била на прва или десетта позиција) ја качував во медиштето распоредувајќи ги правилно сите 9 рамки, кои веќе беа полни со тазе мед.

Температурите деновиве беа околу максималните 30 целзиусови и цветот на багремот рапидно бргу созреваше.

Некогаш ќе мора вака, со задоцнување да објавувам постови - па за активностите од денеска, овој пост ќе биде сигурно само прв дел.

Продолжението следи.

Постави коментар Blogger

 
Top