0

Излегов од дома во 16.30.

Требаше да биде тоа кратка посета на пчелите.

Да видам дали Јентер апаратчето ми го суредиле пчелите и да одлучам дали да затворам матица во него. И...

Ништо...

Пчелите речиси не го ни допреле апаратчето. Овие неколку претходни дена пашата била слаба.

Што да правам, си помислив?

Можев на сила да затворам матица и на крај да го добијам она што го сакам, но ларвите и јајцата ќе мораше да ги исперам затоа што ќе беа со различна старост.

Ајде, си реков, ќе вртам петка-глава.

Сонцето заоѓаше, беше облачно, пчелите беа прибрани - и решив да го отворам сандакот со 13 рама легло каде беше поставен градежникот со откинати Хофманови одбојници, па, ако матицата се качила во горниот спрат (минатиот пат беше ротиран) ќе ја затворам, ако не се качила, тогаш се откажувам и ќе го пролонгирам одгледувањето на матици за уште неколку дена.

И бидна така што матицата не се качила а јас само направив место за Јентерот и рамката носач-на-матичници, а го извадив градежникот - затоа што пчелите речиси ништо не градеа, а и она што го изградиле беше со ќелии со преодна големина, повеќе накај трутовско.

Кога веќе сум тука, ајде, си реков, да изротирам еден од сандаците на кои не им имав спуштено рамки со легло во долниот спрат а горе веќе беа скоро на 9 рама со легло.

Откако го завршив него, имаше време и за уште еден сандак и му се пуштив на оној со првата спасена матица, бившото безматично (Види: Безматично семејство во зима,  па: Безматичното семејство стана матично, потоа:  На бившото безматично добро му тргна, и уште: Бившото безматично убаво напредува.)

Во неговиот картон ми пишуваше дека на 11-ти април бил прегледан и имал 4 рамки залегнати со легло од летва до летва (претходно била некоја рамка изротирана за 180 степени) а пак 5-тиот рам бил градежник со доста работнички ќелии/легло. Значи пред осум дена сум поставил еден рам со сотна основа меѓу леглото и пред да го ставам капакот сум прихранил.

Поставувањето на сотната основа очигледно значело смртна пресуда за матицата.

Денес таа рамка со сотна основа ја најдов изградена, но незалегната.

Од едната страна на сандакот имаше на рамките матичници (каде што бил градежникот со многу матичници и на рамот до него) а од другата страна на сот. основа немаше ниту еден матичник.
Рамот-градежник со голем број матичници.
Многу од матичниците се упште не беа затворени.
Од ова семејство направив два деленици со по две рамки легло и екстра пчели од рамките со мед а на старото место остана само едната рамка-градежник со големиот број матичници од кои некои беа незатворени.
Овој рам со добро позициониран матичник отиде во еден од делениците.
Овој матичник од истиот рам погоре, беше лошо позициониран (за деленик), но беше добар за пресадување - и отиде во вториот деленик.
Бидејќи ова семејство остана речиси без пчели, го засилив со два рама легло и екстра пчели од едно друго, кое имаше стара матица (потфрлуваше) која пчелите се подготвуваа да ја заменат. (На неколку рамки имаше негувани основи за матичници, можеби во еден имаше и ларва.)

Подоцна, за неколку дена, планирам ова семејство да го поделам уште еднаш, со тоа што, ако треба, ќе пресадам некој матичник во делениците.

Сакав и уште повеќе да го зајакнам ова безматично семејство но констатирав дека оние средни семејства кои ми преостанаа како погодни за да ги делам, всушност се забранети (на првата прихрана имале мртви пчели во хранилка).

На одење си помислив, што се занесувам јас со јентерот и матиците!

Да си го пролонгирам одгледувањето на матици за уште некој ден, да видиме како ќе почне багремовата паша, па потоа, точно на поминување на пашата, ќе го форсирам оплодувањето и добивањето на нови матици...

Постави коментар Blogger

 
Top