6
Договорено беше завчера да појдеме на пчеларниците, но јас и мојот пријател-компањон се откажавме веднаш штом сабајлето го видовме денот - тмурно, облачно, росливо и ветровито.

И двајцата во себе си ја насликавме сликата како по тоа студенило и дожд отвораме сандаци кои крчкаат од преполнетост со пчели (така мислевме завчера) и сите тие бесни со самоубиствена желба да не убодат, собрани во роеви рипаат врз нас... И двајцата на интернет ја видовме истата временска прогноза за вчера и решението да не одиме завчера брзо и едногласно стана конечно.

Тоа е луксузот во логиката и размислувањето што го имаат пчеларите со помал број на сандаци. Во април таа логика за нашите колеги со повеќе пч. семејства едноставно не може да функционира.

Кога вчера се вратив од пчеларникот во скопското поле можев да констатирам дека временската прогноза за вчера навистина се оствари. Поминав прекрасен сончев ден, со малку ветер - и за тој ден успеав, во еден дел заедно со мојот компањон, да отворам и видам голем број пчелни семејства во нашите три пчеларника.

Иако бев решен да го напишам овој пост пред спиење - не можев, ме совлада сонот и уморот. Така, остана ова, да го правам денес следниот ден по нашиот поход.

А денот (вчера 11.04.20013) почна со неизвеснот за тоа колку време јас ќе имам за пчеларење. Требаше некој да ми го земе синот од школо и да го причува неколку часа. Ми откажа бабата на една од неговите школски другарки и јас требаше да барам алтернатива. Имав среќа што постојат мобилниве телефони и додека утрината, нешто после осум часот, се движевме со џипот на мојот пријател кон Матка, друга баба на една друга негова другарка прифати да го земе заедно со нејзината внучка и да ги причува двете деца до 14.30 часот.

Иако немавме премногу време, додека одевме кон Матка јас и мојот компањон не можевме да го избегнеме фактот дека ќе минеме покрај локацијата каде се наоѓа канцеларијата на ветеринарот што ја врши регистрацијата и внесувањето на бројката од пописот на пчелни семејства во централниот владин регистар, особено кога и двајцата констатиравме кој датум беше вчера и дека само уште неколку денови остануваат да измине рокот за поднесување на бројката (15-ти април).

Тука загубивме речиси повеќе од половина час затоа што јас инсистирав со ветеринарот да ги расчистиме голем дел од проблемите што ветеринарите им ги создадоа на пчеларите барајќи да се плаќаат некакви такси при регистрацијата/евиденцијата на бројката на одзимени пчелни семејства.

Инаку за нашиов ветеринар (во Сарај) ќе кажам дека беше необично разумен и јас би рекол добар човек. Со луѓе како него, мене барем, ми е полесно да откривам каде всушност лежи проблемот и кој всушност го креирал. Многу помогна што ми се случи деновиве да контактирам со повеќе негови колеги, и некои исто така разумни како него, од повеќе делови на Македонија.

Сите тие немаат време, а бога-ми ниту интерес, да се посветат на следење на регулативата која важи одделно за секој вид на животни - а која кај нас или недостасува, или е бедно изкоординирана, кога ја има. Трагично за нив е што во нивната вет. комора имаат луѓе кои немаат сенс за постоечката практика а немаат ниту доволно правнички способности, па на ветеринариве им испраќаат упатства кои и наспроти добрата намера да воспостават ред, всушност сеат хаос, заблуди и револт кај нас пчеларите.

И тука, кај нашиов ветеринар, се уверив дека пристигнало истото писмо-упатство од нивната ветеринарна комора, кое јас го знаев, и прочитав од пред неколку дена. Бидејќи овој ветеринар имаше компјутер и интернет, токму од овој мој блог (без да го види всушност блогот) му ги отворив двете владини одлуки, објавени во службен весник (особено онаа за регистрирањето и идентификацијата што неговите колеги од вет. комора не сакале да ја видат).
Писмото од вет. комора до вет. друштва.
За контра аргументи на ставовите од овој допис видете ТУКА 
(вест објавена на: 13 април 2013)

Интересно беше што за разлика од многу други негови колеги, тој всушност беше интелектуално подготвен за прием на нови контра аргументи. Така, од неговата канцеларија ние излеговме со регистрирање на пописот во централниот регистер, т.е. бројката на пчелни семејства, без притоа да платиме ниту една од давачките што нивната вет. комора ги инструирала да ги земаат од нас пчеларите на лице место со објаснување дека тоа е неразделно поврзано со добивање/недобивање на субвенции.

Кога стигнавме на првиот пчеларник во Долна Матка веќе беше поминат десет часот. Понесовме голем број рамки со сотни основи, арно ама, подоцна се покажа дека ќе ни требале само неколку. Сите семејства до едно ги отворивме и констатиравме дека во глабала се речиси два пати послаби од семејствата во скопското поле.

Едвам три - четри семејства од дваесетина можеа да се споредат со посилните во скопското поле. Тука немаше онакви пријатни изненадувања од ланските деленици, како што имаше таму. Неколку пч. семејства беа толку многу заслабени што мораше да ги засилувавме со тресење малку пчели од посилните пред нивните лета.

Главно ротиравме по некоја рамка (Дадант-Блат) за 180 степени, каде имаше услови за тоа, или пак разместувавме рамки со мед.

Не го понесов фотоапаратот а и батериите што ги имавме за фотоапаратот на пријателот беа преслаби, така што не успеавме да направиме ниту една фотка.

На другиот пчеларник во Горна Матка, не отидовме со намера да правиме детален преглед. Таму ситуацијата со развојот знаевме дека беше уште поназад.

Најдовме и две угинати семејства. Конечната смрт кај едното беше пред наши очи (матица немаше) а другото очигледно угинало неколку дена порано. Двете семејства успеале да одгледаат мала количина нови пчели но тоа очигледно прескапо ги чинело.

Иако едното угинато немаше ни капка мед во околината на гнездото а последните пчели беа млитави а сепак живи, другото угинало со остатоци од погача врз глава.

Останатите 15-тина семејства во Дадант-Блат сандаци работеа добро. Неколку од нив - посилните - отворивме, и им наместивме некоја сотна основа, но за останатите имавме само толку време колку да им ставиме нова количина сируп во хранилките.

Во 14.30 моравме да бидеме во градот за го собереме малиот.

Мојот работен ден со пчелите сепак не заврши тогаш. Откако сопругата со ќерќичката се вратија дома, јас околу 15 часот и некоја минута со точак стигнав на пчеларникот во скопското поле.
Група сандаци со расцветани диви овошки во позадина.
Работната задача ми беше да спречам семејствата да ми излезат од контрола и затоа акцентот го ставив на силните семејства и поставувањето на нови рамки со сотни основи во нив.

Кај сите силни семејства се решив во долниот спрат да преместувам рамки со мед и полен, и по некоја рамка со легло а целта беше да направам место за поставување по две рамки со сотни основи на четврта позиција од лево и десно. За овие пч. семејства, предвидов дека по неколку дена, откако ќе бидат изградени и занесени со легло, ќе бидат кандидати да им биде направена првата ротација на спратовите.

Бидејќи настаните не дозволија да го публикувам овој пост вчера, а денес поминав уште еден ден на пчеларникот - каде дојдов пак двократно, овој дел од приказната за денешниот ден главно ќе ја имате во слики.
Ова не се пчели угинати од нозема туку поради тоа што патот до гнездото под хранилката се блокирал - поклопната даска од лесонит се налегнала на фолијата под неа. Сирупот стоеше негибнат. Сепак, кога го отворив, ова семејство изобилуваше со свеж нектар.
Вака изгледаше рамка со сотна основа додадена минатиот пат во “семејството што ми го направи денот“. Беше занесена.
Еве една од двете рамки градежници со жица додадени на истото семејство. Една четвртина е трутовско саќе.
Еве ја другата градежна рамка. Тука две третини од рамката е трутовско.
Оваа рамка со доминантно трутовски ќелии беше извадена пред да биде леглото затворено и седеше неколку дена надвор на отворен простор. Потоа беше поставена во долниот спрат на посилно семејство. Вака изгледа исчистена.
Еве како ја обработив пред да ја вратам во некој друг сандак на доградување. Остана само саќето со работнички ќелии.
Пред да си одам дома го отворив семејството што го сметав за слабо и ноземично - на 23-ти март го нареков: чувар на матица.
Бев вчудоневиден до кое дереџе стигнало. Мораше веднаш да се реагира. Нему не му се одбројуваа деновите туку часовите. Матицата (обележана) беше присутна.
Решив да направам деленик со рамки легло и пчели од единствениот ЛР сандак на пчеларникот. Беше крајно време - почнуваше интензивно да прави матичници. Одделив две рамки со легло пред излегување и истресов пчели од уште две рамки, во ЛР тело со подница и поклопна даска.
Додека со точак се враќав накај дома си помислив дека сум будала што не истресов уште барем десетина пчели во телото/спрат каде беше матицата. Искрено да кажам, сериозно се посомневав дека можеби матицата и неколкуте преостанати пчелки нема да ја преживеат ноќта.

Утредента наутро, после обврската со синот, мораше да се појавам на пчеларникот, за да ја додадам матицата на деленикот.

Матицата вака ја најдов - и пчелите и таа беа слабо (едвам) подвижни.


Сепак матицата успеа малку да се затопли и да се одвои од неколкуте пчели.



Така како што беше, без да ја допирам, заедно со рамката, ја додадов на деленикот.
Бидејќи забележав обид на една пчела да ја убоде - решив да ја накапам со малку течен мед.
Матицата беше едвам подвижна - но тоа е мошне попогодно за нејзин успешен прием. Медот врз неа дополнително ги зголемува шансите за успех во приемот.
После неколку минути ситуацијата беше ваква.

Еве неколку завршни куриозитети од мојата денешна попладневна посета на пчеларникот.

Огромна потреба за трутовско легло - дури и во работнички ќелии.
Рамка со сотна основа што била поставена вчера. Денес е во овој стадиум и матицата ја “работи.“ Отворив неколку од семејства каде вчера бев додал по две рамки со сотни основи. Во сите семејства ситуацијата на изграденост беше иста!
Ситуација со истата група пчелни семејства денес пред заминување. Некои од сандаците се за еден спрат повиисоки затоа што над фолијата (плодиште), повлечена 5-10 сантиметри, добија по еден спрат со изградено саќе.
На овој начин, без да се нарушува микро-климата во плодиштето, пчелите добиваат дополнителен простор каде ќе можат да ги депонират вишоците на нектар од овошно-врбовата паша - и на тој начин да го деблокираат плодиштето. 
П.С.
Пред да си заминам, го отворив ЛР деленикот, за да го проверам приемот на матицата.

Матицата шеташе слободно по рамките со легло!

Постави коментар Blogger

  1. Анониманаприл 14, 2013

    И кај моите кошници е присутна појавата на трутово легло,многу повеќе,отколку во минатите години. Дали мислите дека годината ќе биде роева?

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Не мислам дека ќе биде пороевска од други години. Овие денови доаѓа до пресврт заради подобрената временска ситуација - а речиси нема дел од Македонија каде што сега нема паша.

      Пчеларот треба да внимава на пчелите да им биде овозможен пристап до поголем празен простор (простор = саќе).

      Избриши
  2. Анониманаприл 16, 2013

    Има една ‘цака‘ при градбата на рамот градежник.Ако сакате да биде изграден со работнички ќелии треба да го намалите растојанието на двата соседни рама со кои граничи градежникот.Имено,јас буквално двете соседни рамки ги ‘залепувам‘ со градежникот.За тоа е потребно рамките да бидат обични т.е. без хофманов размак.Пчелите чуствуваат дека немаат доволно простор(трутовата затворена ќелија е испупчена и бара поголем простор од работничката) и секогаш градат работничо саќе.Кога ќе ја започнат изградбата, растојанието(големината на улицата) го враќате на 12 мм, т.е. 36мм од средината на едната рамка до средина на другата рамка

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Баш ви е добар коментарот г-дине/г-ѓо Анонимен.

      Не го знаев ова, а ми се чини дека и-тоа-како “држи вода“.

      Во практика ќе го проверам. Ќе треба да се провери и колкаво треба да е тоа растојание за да биде доволно. Имам одредена количина рамки со потесен хофман од 33 мм. (Собира 11 такви рамки во еден стандарден спрат).

      Но дали тоа растојание ќе биде доволно за целта? (100% работничко).

      Иако подолго греме ги користам овие рамки (маркирани ми се со жиг одозгора со буквата Т) не сум обрнал внимание на овој контекст.

      Многу ви благодарам. (За една ваква цака се исплатува времето и трудот потрошен за создавање/одржување на овој блог)

      Избриши
  3. Анониманаприл 16, 2013

    Нема проблем г-не Михајловски.Со задоволство ќе го поделам своето искуство со другите.Жал ми е за Мелитагора што не излегува повеќе.И јас таму научив еден куп работи од пчеларството.Ви посакувам се најдобро.Со почит-Зоран Димов од Кавадарци

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Анониманаприл 16, 2013

      Заборавив предходно да напишам: Моите рамки се со дебелина од 25 мм.(вклучително и сатоношите и бочните и долните летвички). Зоран.

      Избриши

 
Top