Денес се вратив од пчеларникот поприлично замислен.
Кога пред сандаците има трева не се забележуваат оние неколку стотици пчели кои преку ноќ или рано наутро излегуваат од сандаците немоќни да летаат. Во овој период од годината, овие пчели-лазачки, нашите постари колеги ги обележале како “болни од мајска болест“.
Јас, за да не ја косам тревата постојано, обично собирам стари фрлени теписони, а понекогаш и теписи, и ги поставувам под и пред сандаците. Ова често пати овозможува да се видат некои работи кои се тешко видливи кога околу сандаците има трева.
Кога ги забележав овие пчели, прво на што си помислив беше дека можеби имаат некое труење (од земјоделците во околината). Втора помисла ми беше, кога видов дека ниту една пчела нема полен, дека можеби се водоносци - и дека можеби носат вода од блиското езерце за кое се сомневам дека можеби се третира со некои инсектициди против комарци.
Но, ете, денот измина и јас сум сега убеден дека се работи за она што во пчеларските книги се нарекува “мајска болест“.
Инаку двата изминати дена од викендот јас пак ги поминав во аргатење за истиот мој пријател-пчелар. (Види: Аргат бев, мајко - а убаво ми беше)
Деновите за работа беа прекрасни, особено вториот, неделата.
Мојот пријател и газда (на два дена) се обидува одново да воспостави контрола над сопствените пчели. |
Правејќи го ова рутински гледавме да поткреваме по некоја рамка за да видиме дали можеби семејството е влезено во производство на нови матици, или има некаква друга аномалија.
Роевски матичници. Ројот не ја напуштил кошницата бидејќи мојот пријател има правило секогаш оплодените матици да имаат поткастрени крила. |
Ваквите роевски матичници поставени во повеќеделни оплодници, не се пропуштаат - напротив, мојот пријател во ова време од сезоната - ги посакува! |
Кога вака “запечатен“ сандак треба подетално да се прегледа - е тогаш, “проблемот“ т.е. прегледот, станува подолгорочен! |
Делумно под моја сугестија (и тој е читател на блогов) мојот пријател решил уште од Скопје, на сите посилни семејства со околу 8 - 9 рамки легло да им поставува матични решетки и одозгора медишта.
Досега тој немал свое искуство во врска со оваа операција, особено за тоа како таа ќе се одрази на прихранувањето (дали пчелите ќе одат преку медиштето да го собарат сирупот од пластичните милерови хранилки на поклопната даска).
На овие негови пчеларници надморската висина е околу 850 метри и утринската температура во неделата беше помалку и од 4 целзиусови.
Подоцна, утредента, тој се увери дека пчелите го работеа сирупот многу подоцна во денот, на пладне и до мрак.
Она што јас му го укажав, беше фактот дека пчелите при ваквата поставеност на сандакот дадениот сируп не го складираат во леглото, туку најпрвин го депонираат во ќелиите на медиштето. Со тоа се избегнува привременото блокирање на плодиштето, кое, колку и да е краткотрајно (најдолго неколку дена) сепак може да го стартува производството на матичници кај висок процент од развиените пчелни семејства.
Првиот ден (саботата) го работевме истиот оној пчеларник каде го забележавме феноменот со сеопшт престанок на работата на пчелите во 15 часот. Тој ден се случи сосема истата појава, но овој пат еден час подоцна, во 16 часот.
Утредента откривме дека ова однесување е директно поврзано со пашата. Во неделата, приханетите пчели што не го беа завршиле пренесувањето на сирупот даден вчера, работеа (со нешто послаб интензитет, но сепак...) до речиси 18 часот.
Мојот пријател има причина сериозно да се замисли за локацијата каде му беше тој пчеларник (за презимување). Јас мислам дека таму има сериозен дефицит на ранопролетна флора. Ако истото важи и за на есен, тој пчеларник почесто ќе произведува силни (нормални) но доста (зависно од вкупната бројка на семејства на тоа место) и многу слаби пчелни семејства.
Овој пост не содржи ниту 1% од она што двајца пчелари можат да го доживеат и дискутираат за два дена помината со стотина пчелни семејства, но што да се прави, засега можам да напишам толку...
Ех, години поминале... Ова била моја (жигосана) рамка (од 1990). Пред кој-знае-колку години јас и тој сме правеле трговија. |
Вакви сончеви топилници мојот пријател и работодавач за два дена има и користи повеќе истовремено. Еден му служи и за да си стоплува вода! |
Требаше јас да погодам колку тежи еден ваков полн калап со восок. Треснав некоја бројка - и нормално, не погодив. Тежеше повеќе од 4 килограми. |
Постави коментар Blogger Facebook