0
Денес немав ниту намера, ниту план да одам до кај пчелите. Одејќи си од пчеларник, минатиот пат, мислев дека сум ги средил за најмалку 5 дена таму да не се појавувам.

Но, слободното време има свој табиет.

Сабајле го видов, закачен на ѕидот датумскиот план за одгледување матици со помош на Јентер апаратчето. Не паметам која година сум го напишал, но тогаш сум почнал со одгледување матици токму на денешен датум.

Компјутериве се чудесни помагачи на помнењето. Покрај датумот на ливчето сум го напишал и името на денот, па сега кога го отворив компјутерскиов календар, требаше само да ги вратам годините, се додека не дојде до поклопување на денот и датумот: среда, 14-ти април... Било тоа: 2010-та.

Потоа, ми дојде еден комшија да купи мед а по него и пријатели на седенка, и јас веќе си помислив дека денот е еден од оние кога сите се сеќаваат на тебе - ќе ми мине со гости.

Арно ама, околу 12 часот ситуацијата се расчисти и јас немајќи што друго да правам, решив да пребарам низ наредените спратови - ми требаа рамки погодни да бидат градежници без жица.

Барајќи открив дека имам заборавени три фарар и еден лангстрот спратови, полни со рамки делумно исполнети со лански мед. Не биле вредни за центрифугирање но тогаш не сум сакал да ги враќам кај пчелите - затоа што беа со медлика.

Сватив дека сега е вистинскиот момент со нив да расчистам, но требаше да појдам на пчеларник, а кога веќе одам...

Зошто да не го подготвам Јентерот и да почнам еден турнус матици?

После еден час средување на елементите на јентерот, што лани не го користев, па молците го беа освоиле, јас околу 14 часот бев на пчеларникот.

Ги поставував спратовите со мед под леглото на оние семејства каде претходно не сум спуштал рамки со мед и легло (средни и средни накај слаби).

Патем поставив уште неколку медишта на нешто послаби семејства, и проверив каква е ситуацијата со нектар во медиштата што пред два дена ги поставив. Веќе пчелите работеа на нив - а тоа значи дега имало добра паша.
Еве, пчелите се качиле да го средуваат медиштето.
Патем качуваат и нектар со што се деблокира плодиштето а така, сметам јас, се релаксира нагонот за роење.
За да ја видите оваа и сите други фотки на мојов блог во нивната полна големина, кликнете на неа со десното копче на компјутерскиот глушец и одберете ја опцијата да го отворите линкот во нов таб или нов прозорец.
Така мислам дека ќе можете да го видите новиот нектар во ќелиите!
Но денес денот се чини не беше добар за работење без чадалка. Пчелите беа исклучително одбрамбени. Цел рој ме опседнуваше со упорност како што е тоа вообичаено за есен.

Отворив едно од посилните семејства и го поставив Јентерот со саќето завртен кон рамка со легло (без неговата матична решетка), за пчелите да го чистат и сами да ги затворат чепчињата (дно на ќелија) со восок (молецот ги беше “издупчил“). Од другата страна на истото семејство му поставив и една рамка со носачи на матичници.

Одгледувач и стартер решив да ми биде семејството “што ми го направи денот“. Пред да ја поставам специјалната преграда-фиока со матична решетка, се разбира, требаше да ја најдам матицата. Знаев каде треба да ја барам и веднаш ја најдов токму таму - на додадената рамка со сотна основа од минатиот пат.

Заедно со рамката ја сместив во првиот спрат а веднаш над него ја поставив хоризонталната преграда-фиока со матична решетка. Во празното место на горниот спрат поставив рамка со легло и пчелите што си беа на неа, извадена од едно семејство со стара матица.
Ова семејство го одбрав бидејќи неговите пчели се најдобри /најмирни на мојот пчеларник.
Една од повеќето теории за генетиката докажала дека кај пчелите некои особини можат да се пренесуваат преку храната (млечот).
Видлива е хоризонталната преграда-фиока со матична решетка.
Пчеларскиот ден ми заврши дваесетина минути пред 17 часот - и не само мене туку и на пчелите.

Задува некој северен, силен и студен ветер и пчелите нагло прекинаа со активноста.

Постави коментар Blogger

 
Top