0

Денес (5-ти април 2013) сосем промашив со моето читање на прогнозата. Не знам ни самиот што, но дожд сигурно не очекував.

Морав денес да одам на пчеларникот во Долна Матка, во спротивно, си мислев дека ќе имам проблеми со кинење на диво саќе од поклопните даски. Откако ќе го оставам синот в школо (8 часот) имав три опции за одење: со автобус, со кола и со точак.

Утрото беше суво и иако облаците беа непрегледно големи, и во далечината, накај Матка, изгледаше како да врне - јас сепак одбрав да верувам дека маглата што го спојуваше небото и земјата не е дожд туку ниски облаци. Затоа решив да одам со точак.

Проблемот беше во тоа што морам да се вратам најдоцна до 11.50, за да го земам синчето од школо.

Од дома тргнав во 8.30 и на пчеларникот бев за точно еден час (дванаесетина километри главно по блага, но и стрмна угорница).

Уште кога стигнав во селото Глумово, пред Матка, почна да врне нешто повеќе од капка-две. Иако имав час и половина за работа, решив да не одолговлекувам - времето изгледаше како да не мисли да се подобрува. Бидејќи не очекував дожд, не носев ништо воодотпорно од облека.

Колку и да се внимава при отворањето (работам без чадалка) прополисот на десетина целзиусови беше тврд и пчелите одбрамбено реагираа на сите вибрации.

Резиме од посетата беше дека времето за отворање беше крајно неповолно: студ и дожд, но сепак, едно од трите семејства што ги отворив, пред да почне посериозно врнење на дождот, имаше итна потреба од додавање на сотни основи, затоа што веќе имаше на поклопната даска започнато со градба на диво саќе.

На сите семејства, без да подигнувам рамки, само им ги комплетирав горните спратови со десет рамки (сотни основи и изградено саќе).

За домашна задача тука ми остана прихранувањето кое следниот пат ќе мора да се направи, затоа што на две од трите семејства резервите со мед беа скоро никакви.

Возев по ситен африкански (Сахарски) дожд што оставаше црвени трагови на се што ќе паднеше. Дома стигнав во 11.15 часот а го објавувам овој пост во 14.05 часот.

Постави коментар Blogger

 
Top