1

Речиси девет дена изминаа откако се создадоа услови јас вчера повторно да се појавам на пчеларник.

Два вида непогоди беа актуелни. Најпрвин природните, многу дождливо време а потоа и фамилијарните, еден погреб и подготовките за роденден на мојот син.

Не се реализираше првичната прогноза, прогнозата од времето кога поаѓав на пчеларник минатиот пат - немаше температури околу нулата, туку значително повисоки.

Уште кога ги направив првите чекори во пчеларникот, веднаш ми стана јасно дека ќе се откажам од една од првичните цели за моето доаѓање. Нема да прихранувам. Та не сум луд! Видете: сливите џанки на пчеларникот и наоколу се во полн цвет, а времето иако не е идеално, не е ниту лошо.

Потоа си помислев дека сега ми преостанува втората главна цел. т.е. да дозавршам со деталниот пролетен преглед, но... Ситуацијата сега, се разликуваше од онаа од пред речиси десетина дена.

Уште од отворањето на првото непрегледано семејство, без некои јасни и очигледни причини ми се стори дека нешто е чудно. Развојот ми изгледаше мошне поуспорен од она што сметав дека би требало да биде.

Колку поуспорен. Ај да видам, си реков и веднаш се фатив да го отворам семејството што на 10-ти март имаше легло само на 2 рамки и кое го стимулирав само со поставување на две темни изградени рамки од двете страни.
Петта рамка со легло. Какво беше, види ТУКА.
Кај него леглото го избројав раширено на 5 рамки.

Бидејќи нему му немав додадено рам-градежник, се уште не ми беше јасно што се случува, но за ова семејство развојот ми изгледаше сосем во ред. Решив да му додадам еден градежник и една (од двете рамки што ги имав на пчеларникот) рамка со сотна основа а пак една од неговите рамки само со мед и полен ја спуштив во долниот спрат.

Потоа се фатив за спроведување на зацртаната програма т.е. преглед на уште едно непрегледано семејство, но... Откако констатирав дека и тука имам успорен развој, си помислив дека ќе треба да ја сменам програмата...

Му се навратив на семејството што минатиот пат “ми го направи денот“. Тогаш, да се потсетиме, тоа имаше огромни површини со легло на 4 рамки. Јас се понадевав дека поради прогнозата со ниски ноќни температури (околу нула целзиусови) ако му поставам градежници со жица, ќе добијам рамки со висок процент на природно работничко саќе.

Пех! Испадна - ништо од тоа! Првата градежна рамка имаше едвам 50% работничко а втората имаше уште помалку. Температурите и дождливото време го поттикнале роевскиот нагон многу време пред семејството да се развие до пред полна сила.
Првата рамка-градежник.
Втората рамка-градежник. (види каква беше пред девет дена
Се уште збунет од ситуацијата што не ја очекував, двата рама ги оставив каде што беа а сред легло поставив еден рам со основа, и од страна, една рамка со бело (девојчинско) изградено саќе.

Во долниот спрат му сместив три рамки стар мед одземен од едно од угинатите семејства (во зима).

Сега решив дека друго ми е најважно: да отворам што повеќе од оние семејства каде што имав поставено дури и по две рамки-градежници со жица.

Резултатите кај сите преостанати што ги отворив беа далеку попоразителни. Имаше семејства кај кои овие рамки беа до 80% изградени, но исклучиво со 100% трутовски ќелии. На едно место дури најдов подготвителна матична основа.

Секаде каде што имав по две вакви рамки едната ја вадев и ја оставав надвор (за топење) а другата ја оставав во семејството - затоа што оваа рамка сега претставуваше идеална подготовка за додавање на првите рамки со сотни основи - основи што инаку ако беа додадени минатиот пат кај повеќето семејства со вака силно изразен роевски нагон сега ќе беа изградени/деформирани со преодни и трутовски ќелии (на многу места).

Немав доволно време за да ги отворам баш сите сандаци, па затоа решив дека е поважно да ги допрегледам непрегледаните сандаци од минатиот пат.

Понатаму, во нив секаде поставував странично до леглото по една градежна рамка без жица од една, и рамка со изградено или бело, или темно саќе, од другата страна.

Од пчеларникот, додека снегот од паднатите цветни ливчиња на џанките паѓаше врз сандаците, си заминав со домашна задача.

Морам итно да направам четриесетина рамки со сотни основи, и следниот пат, најбргу што можам, со нив да се појавам на пчеларников!

Постави коментар Blogger

  1. Цитат:
    Видете: сливите џанки на пчеларникот и наоколу се во полн цвет, а времето иако не е идално, не е ниту лошо.

    Ќе ме искомплексираш. Кај мене на први април го внесоа првиот полен (од дренот) за оваа година. Уште не почнала смената на генерациите. Кај тебе веќе ќе почне роидбената сезона. Кога ти ќе цедиш мед, јас ќе проверувам дали багремот има цвет.

    ОдговориИзбриши

 
Top