Однапред им се извинувам на оние чисти и пречувствителни еко-био-органски души, ако ова што подолу ќе го прочитаат им се чини дека има негативна обоеност за органското движење.
Со ова мое искажување немам намера да ги девалвирам принципите на органското пчеларење, но секако сакам да укажам на неколку работи што можеби никому нема да му изгледаат како баш позитивни.
Сертифициран мајко, сакам да бидам - па после и нека умрам (субвенциониран)
Без некакво заобиколување, ќе кажам дека Македонија спаѓа во една од убедливо најбогатите држави со сертифицирани органски пчелари - и тоа секому што се разбира од оваа проблематика му изгледа како... Трула работа!Оваа состојба во Македонија се должи најмногу на државната субвенција, која, како купче денари по пч. семејство, беше а и се уште е, повисока од онаа која што од државата се добива за конвенционалните пчелни семејства, но, според мое согледување оваа состојба се должи уште и на свеста, т.е. несвесноста за функцијата што треба да ја има органскиот сертификат.
Кај нас, кај македонските пчелари, едноставно отсуствуваше свест дека сертификатот е употреблив единствено за оние кои целат кон тоа да бидат чисто комерцијални полупрофесионални или професионални органски пчеларства, а не и за типичниот “мал“ пчелар полухобист што работи со од 30-35 до 50-150 пчелни семејства (една година комерцијален пчелар, а следната веќе, пчеларски социјален случај).
Кај нас во Македонија, ваквите “мали“ пчелари кои се сертифицираат со поддршка на државата, јас всушност ги сметам за инструменти за правење државна субвенција за... сертификациските фирми!
Дали тоа Апсурдот, како некоја вевчанска карневалска маска, е она што се кези на крајот од органското патешествие?
Веднаш одам до крајот, кога целокупното земјоделие на една (било која) држава би преминало 100% на органско. Што ќе биде тогаш?Немам дилема, нејзиното население, без можност за увоз, би било подложено на екстремно здравото сончево гладување (Sungaizing) или пак, во најмала рака на гладни години!
Со ова мое смешно искажување сакам да истакнам еден едноставен факт - органското земјоделие, а пчеларењето не е исклучок, вака конципирано е долгорочно гледано, нископродуктивно - ете затоа и задолжително мора да биде повисоко валоризирано на пазарот - и тоа не малку, туку значително повеќе од т.н. конвенционално пчеларење.
Продуктите од органското земјоделие се всушност елитистичка храна, храна за постоечките добростоечки средни и високи класи на западните општества.
Органското земјоделие всушност не би можело да постои без својот контрапункт - конвенционалното (храна за останатите, посиромашните класи).
Сериозно го мислам ова: за да постои, на органскиот мед му е неопходна валорзација на пазарот
Соодветното пазарно валоризирање на органското земјоделие е смртно сериозна потреба! Потреба која мора да се прифати со истата сериозност со која се сфаќа совет од лекар после преживеан срцев удар! Но за тоа да се реализира локално и во пракса - потребен е конзуматорот: високата класа потрошувачи!Пред да зачекори во ова органско пазарно миље, секој од нас, пчеларите, наместо да се однесува како еко-пеперутка, освен што треба да стапне на земја и да анализира/размисли каде би ги пласирал вишоците на своите пчелни производи (ако воопшто редовно ги има) уште мора да си одговори и на прашањето: колку повеќе пари можат да се добијат на мојот, локален пазар, за мојот локален органски мед, а можеби, и полен или прополис? Има ли тука доволен број конзуматори од елитна/висока класа?
Потоа е нужен и одговорот на прашањето: ако воопшто постои, каде оди трендот на оваа диференцијација (органско - конвенционално), т.е. дали во иднина може да се постигне разлика во цените во корист на органските наспроти конвенционалните пчелни производи и дали таа разлика, ако воопшто ја има, ќе има тренд да се зголемува или да се намалува?
За мене досегашната состојба на македонскиот пазар со мед беше јасна: не е можно да се оствари ниту денар повеќе (нема доволен број купувачи). Сум гледал на полиците органски мед во бедна состојба: мизерна амбалажа/етикета, истечен/леплив, како стара мома уморна од чекање на свршеникот/купувач. А трендот во Македонија, според мене е: оваа состојба нема среднорочно (2 до 5 и плус години) да се подобри!
Што се однесува на светскиот пазар со мед, моето мислење е дека се постигнува предност пред конкуренцијата (конвенционалниот мед), но разликата во цена или отсуствува, или, ако воопшто ја има, е незадоволително мала/симболична и дури е со тренд на намалување, главно затоа што со помош на неекономски мерки (државни и други субвенции и донации) страната на понудата се зголемува.
А тајната на финансискиот успех и самоодржување кај органското пчеларење се крие токму во парадоксалното поддржување на претставата за раритетност и недостаток на производствен капацитет - мистичната претстава за малите, секогаш недоволни, количини мед кои можат да се понудат/произведат.
Тајната се крие, всушност во лоцирањето на богатиот клиент или купувачот-сноб, јагненцето што мора да умре а не знае од што повеќе да се плаши, дали од смртта од глад (веднаш и сега), или пак од агоничната смрт што ја носи со себе конвенционалната храна полна со резидуи од пестициди.
И кога ги споменав неекономските стимулатори (субвенциите) - не одземајќи им ја димензијата на добронамерност - тие во случајов со економската самоодржливост на органското земјоделие имаат недвосмислено контрапродуктивна улога.
Овие субвенции прават ирационално, неосновано зголемување на понудата на органски производи и го уништуваат пазарот на ваквите производи, кој пак може и треба да се развива само паралелно со растењето на јавната свест и... побарувачката, но и со стандардот кај локалните потрошувачи (локални = во рамки на градот, регионот и најшироко: државата).
Врз оние колеги што, после читањето на горниот став, веднаш ќе изрипаат со идејата дека органското пчеларско производство може да биде наменето за извоз, веднаш ќе истурам студена вода, затоа што, според мое уверување, таа работа однапред е осудена на неуспех (финансиски и др.)!
Мое согледување е дека увозниците дистрибутери на органски мед кои освен со откуп од локалните пчелари би се занимавале (и се занимаваат) и со увоз на органски мед од други држави или други економски зони, немаат ниту увид, ниту доволно доверба во туѓите сертификациски куќи/брендови - но сепак, спорадично би увезувале сертификуван органски мед, под услов да ги добиваат истите маржи како што тоа го навикнале со конвенционалниот мед, но, за жал и со друга цел: за да извршат притисок на локалните производители-пчелари - со цел да си ги зголемат профитните маргини од нив, профити што кај овој тип на продукт се помали (поради стартно повисоката цена а помали квантитети на локалната понуда).
Јас не мислам дека е реално некој локален пчелар да започне со органско пчеларење со цел добивање на пчелни производи само за извоз, без постепено квантитативно да израсне на локално ниво/пазар до потребните димензии и без да има локален избор за пласман - во спротивно, ќе биде ценовно масакриран, т.е. трудот ќе му биде евалуиран мизерно, во најдобар случај на исто ниво како и на конвенционалниот пчелар (ќе доживее органски банкорт).
Сакам да имам пчели за да јадам најчист органски мед - а кој не сака!?
Органската идеја сепак има некомерцијална цел.
Но таа цел никогаш не би била толку широко прифатена и присилно искомерцијализирана кај нас пчеларите, и не би била истакнувана и промовирана, да не е добар протагонист на маркетингшката теорија искажана со пардигмата: ако е мошне тешко како новодојденец на пазарот рамноправно да влезеш и да се поставиш на рамноправна позиција со останатите конкуренти, тогаш обиди се, полесно е, да се поставиш над нив!
Затоа, сметам јас, органското пчеларење им е и особено привлечно на сите почетници во пчеларењето или дури и на почетниците во дистрибуцијата на пчелни производи!
Од друга страна, органското пчеларење бара високо функционално пчеларско образование и големо усвоено пчеларско искуство во класичното, т.е. конвенционално пчеларење.
Ова е парадокс, затоа што во сегашните услови, органското пчеларење најатрактивно им изгледа баш на пчеларите-почетници со еколошки светоглед, а долгорочно самоодржливо (не и профитабилно!) сертифицирано органско пчеларење, во практиката се покажа, никако не е возможно за пчеларите-почетници.
Денес органското пчеларење, се чини, дека за главните негови протагонисти, пчеларите, не е многу повеќе од средство за самоистакнување во конкуренцијата со колегите.
Јас сметам дека оваа констатација важи за целиот свет, не само за Македонија.
Во државите каде што постојат некои материјално/финансиски придобивки (субвенции или донации), кон овој формален модус на пчеларење се привлечени особено пчелари кои едвам се самоодржуваат и како конвенционални пчелари, па тие тука си бараат финансиско прибежиште.
За жал на некои, нема научно верификување на претпоставката што е втемелена во основата на самото постоење на органското пчеларење - дека најчист земјоделски производ, па и најчист мед, се добива ако се практикува ригорозна примена и контрола на, во наводници “најчистите“ методи и техники на пчеларење - имено, медот што може да се добие од конвенционалното пчеларење, по ниту еден мерлив и немерлив квалитативен параметар може да не се разликува од органскиот сертифициран мед.
Напротив.
Во јавноста одекнуваат информациите дека во одредени декларирани и сертифицирани органски медови се пронајдени супстанци кои се забранети во сите видови на мед (антибиотици, високи проценти сахароза и сл.)!
Исто така, секому ќе му предочам дека еден сертифициран органски мед што бил лошо третиран од пчеларот или пакерот/дистрибутерот (на пр. бил примитивно декристализиран, некогаш и повеќе пати) или пак одстоил подолго време на продажните полици (како што се случува во Македонија), во генералната скала на квалитет, стои многу, да, многу пониско од конвенционалниот мед, кој што не бил лошо третиран (никогаш декристализиран, тазе) а потекнува од пчеларниците на едуциран и искусен конвенционален пчелар.
За крај ќе речам дека свеста за големата и се поголема, и поголема загаденост на земјоделските производи со хемиските супстанци кои се користат во земјоделието заради остварување на комерцијални ефекти е придружена со очајничко барање на решение кое по сите димензии ќе му парира на трендот на загадувањето.
Но, органската идеја и нејзината реализација во практиката, барем во доменот на пчеларството, се покажа и докажа како речиси невозможна мисија!
Така, денес, наместо органските пчелари на гласен критички тапет да ги поставуваат дел од методите применувани во конвенционалното пчеларење (во борба за стекнување на подобра позиција за себе на пазарот), тие молчат и се потиснати од негативната пропаганда на своите колеги - конвенционални пчелари. Овие не прават ништо друго освен што со прст покажуваат како се спроведуваат (т.е. не се спроведуваат) кодексите и одредбите на овој тип на пчеларење од страна на самите негови поддржувачи/протагонисти (тие со право велат: конвенционалниот пчелар своите пчели ги третира против вароата со недозволени средства дење, а пак органскиот - ноќе).
Линкови (ажурирано на 29.03.2013):
Закони и правилници (Министерство за ЗШВ) МК
Национална стратегија со акционен план за органско производство 2008-2011 МК
Правилник за правила и постапувања во органското пчеларство МК
Листа на средства за чистење и дезинфекција МК
Борба против болести и штетници во органско пчеларство МК
Органско пчеларство – можности и перспективи МК
Храна и прихрана на пчелите МК
Корисни информации и контакти (Министерство за ЗШВ) МК
Основи на органско пчеларство МК
Цени на производи од органско потекло (Има за мед, од Министерство за ЗШВ) МК
Федерацијата на производители на органски производи на Македонија (ФПОПМ) МК (Нивниот портал од 2011: organicmacedonia.org.mk не работи)
Pravilnik o metodama organske stocarske proizvodnje/Organska proizvodnja u oblasti pcelarstva СРБ
СПИСАК ОВЛАШЋЕНИХ КОНТРОЛНИХ ОРГАНИЗАЦИЈА СРБ
Pravilnik o nacinu vodenja evidencije i sadrzaju izvestaja u organskoj proizvodnji 2008 СРБ
Pravilnik o kontroli, sertifikaciji i metodama organske proizvodnje 2012 СРБ
„конвенционалниот пчелар своите пчели ги третира против вароата со недозволени средства дење, а пак органскиот - ноќе.“
ОдговориИзбришиДоволно ми е ова да го прочитам и се ми е јасно.