3

Знам... Знам дека бев на истиов пчеларник пред три дена, но... Денот од неделата беше сабота (23-ти март), ден кога можам да појдам кај пчелите а да не мислам на домашни обврски.

И во прогнозите беше дека температурата под сенка ќе биде прилично ниска - но влијанието на сонцето го немате во ниту една прогноза за вашата локација. Кога тоа ќе се комбинира со ветерот, што скоро и го снема - денот, на крајот беше многу убав - еден од поубавите пролетни пчеларски денови во мојот живот!

Освен што убаво си поминав, а за тоа се заслужни пријатните изненадувања што ми ги приредија неколку пч. семејства, денот воопшто не беше онаков каков што јас си го замислував.

Тргнав со идеја дека мора да појдам (“искористи го денот“, тоа ми е омилена рубрика од еден наш дневен весник) а бидејќи не можев да одам со точакот, што последниве денови почна да испушта карактеристични звуци на дробење на лагери кај педалите (мора да го заменам ланецот, лагерите на предната ѕвезда а можеби и целата ѕвезда) решив да ја искористам колата за пренос на спратови со главно зажичени рамки-градежници што ги средував последниве денови. Инаку за она, што со домашниот есап, си мислев да го правам на пчеларникот, а тоа беше прихранувањето, воопшто не ми требаше кола.

Кога стигнав на лице место, (околу 12.30 часот, сливата џанка беше на ден-два до процветување) веднаш се фатив за оној дел од пчеларникот што ми е најмногу изложен на сонце.

Малку време требаше за да ми се разјасни дека условите се поповолни одошто очекував дека ќе бидат и дека наместо намќорско прихранување со иста/слична доза на сите семејства - ќе можам да направам детален преглед.

Најпрвин целта ми беше да видам каква е индивидуалната состојба на пч. семејства со храна, но кога тоа го започнав, сфатив дека доволно е топло да можам и прецизно да видам каква е состојбата со легло. Тоа, инаку, севкупно земено, во пчеларската литература се нарекува: прв пролетен преглед.

Резултат на ова беше што временски успеав да се завлечам, па така, на крајот од денот, ниту сите семејства ги прихранив, ниту пак успеав сите да ги прегледам.

Но, што да се прави, цел ден, сосем сигурно во ова време од годината не е можно да се работи а да е безбедно за пчелите.

Најпрвин се фатив за едно од семејствата кои при првото прихранување имаа во хранилка удавени пчели. Во минатиот пост пишував за удавените пчели во хранилка. Сега ќе надополнам: точно е дека со поставување на стапче во милеровата хранилка се намалува или избегнува давењето на пчелите, но... Јас го испитувам овој метод со милеровите хранилки за да видам дали овие хранили се доволно добра замена за рам-хранилките во индикација на преголема заразеност или пречувствителност на зараза со Nosema ceranaе. 
Мртви пчели во одделот за пчели (со дрвце) на сувата хранилка не можеше да се видат. Сепак, нему му го залепив судбоносниот печат на аномаличност за оваа пчеларска сезона.
Бидејќи имам само неколку рам-хранилки, ќе биде добро доколку смогнам сили да ги тестирам оние пчелни семејства кои ќе ми бидат изгледни за учество во операциите за одгледување матици. (Многу удавени пчели во хранилка = елиминација.)

Убеден сум дека матиците одгледани во и од семејства кои имаат премногу нозема се мошне послаби и консеквентно: подложни се на тивка самосмена во невреме, или пак угинување при презимување.

Инаку семејството имаше легло на три рамки, и во сите други аспекти не делуваше несекојдневно. Беше блокирано со храна и затоа решив да не го прихранувам.

Ете, заради ова семејство ми се потврди разумноста на потребата да се отвора/прегледува, пред да се прихранува.

Со следното семејство (ќе го крстам: бр. 2) ќе го завршам и деталниов приказ на овој мој ден во пчеларникот. Тоа семејство беше сосем нормален лански деленик, и сега беше со излет на пчели кој што не се разликуваше од некои други пристојни пч. семејства во пчеларникот.

Семејство бр. 2.
Вака изгледаше под поклопната даска/фолијата (нормално, пчелите се повлечени поради прскањето)
 Ова семејство “ми го направи денот“ кога доаѓајќи до рамките со легло, уште првата беше со легло околу 80% од рамка, доминантно затворено.
Семејство бр. 2. Првата рамка...
Морам да кажам дека бев пријатно фрапиран, кога открив дека сите негови четири рамки со легло беа такви - дури и подобри!
Семејство бр. 2. Втора рамка...

Семејство бр. 2. Трета рамка...

Семејство бр. 2. Четвртата/последна рамка.

Развојот галопира!

Што направив во оваа ситуација?

Пред во хранилката да ставам шеќерен сируп, лево и десно од леглото поставив по еден рам градежник со затегната исчистена (стара) жица.
Вака изгледа една моја типична рамка-градежник.
Почетокот на саќето е остаток од старото саќе исечено во облик на латинската буква V.
Старата постоечка жица најпрвин е загреана, па избришана/исчистена со крпа, а потоа дозатегната.
Ќе видиме подоцна како ќе биде изградена!
Моја проценка е дека се уште има време за ова семејство да го зафати роевскиот нагон и има големи шанси во меѓувреме (додека ноќните температури се се уште блиску до нулата) да изгради две рамки со природно работничко саќе. Таквата рамка (очекувам да биде со блиску до 100 % работничко саќе) јас ја ценам многу повеќе отколку малку побрзиот развој што би го добил, доколку на место на градежниците би поставил некоја комбинација со рамка со сотна основа или рамка со празно изградено темно саќе.
Вака семејството го оставив...
Забележливи се двете рамки-градежници поставени лево и десно од централните 4 рамки со легло.

Понатаму приказов ќе го продолжам, главно со фотки и коментари под нив.

Пчелно семејство чија матица потфрлува (стара). Леглото изгледа мошне лошо.
Пчелите уште од сега се подготвуваат матицата да ја заменат. Семејството беше блокирано со храна и затоа до леглото поставив празни изградени рамки со темно саќе.
Се додека “владее“ оваа матица, рамка-градежник тука нема да има.

Сума сумарум, од прегледот на повеќе од половина семејства во пчеларникот со 20 семејства, заклучив дека развојот е мошне брз - освен кај оние пчелни семејства кои имаат проблем со ноземата и консеквентно на тоа имаат и угинати пчели во непренесениот шеќерен сируп во хранилките (а такви, дополнително констатирав, имам уште две, од кои едно има добри шанси да се извлече, но другото оди надолу и доколку не успее да го затопли леглото како што треба, ќе биде употребливо само уште неколку дена, како чувар на матицата).
Вака изгледа сега семејството кое има голем проблем со нозематоза.
Неговата хранилка = веќе видена слика!

Колку за индикација на потенцијалот, годинава имам само едно пч. семејство во ЛР опрема - и тоа имаше легло на 5 рамки со нешто помалку од 60% покриеност на рамката со легло. (Нему му ротирав една рамка за 180 степени и му поставив еден фарар рам-градежник со жица, без да го прихранувам)
Единственото пчелно семејство во Лангстрот-Рут сандак.
Ваква рамка едвам се квалификува за ротирање за 180 степени. Правилото е леглото да биде раширено на доста повеќе од 50 % од рамката за таа да се ротира без опасност од негативни последици.
Кога ќе ја видите оваа сцена (матица шета по саќе преполно со храна и полен) јасно е дека слепото прихранување што дома го планирав тука ќе беше контрапродуктивно

Постави коментар Blogger

  1. Анониманмарт 26, 2013

    Интересна презентација.

    ОдговориИзбриши
  2. Цитат: Ете, заради ова семејство ми се потврди разумноста на потребата да се отвора/прегледува, пред да се прихранува.

    Убаво е тоа, но кај мене временските услови се така „добри“ па не дозволуваат отворање на семејствата. Што да прави оној што има поголем број на кошници? Април е на прагот, а немам скоро никакво сознание каква е ситуацијата во кошниците.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Пчеларите со поголем број семејства уште од крајот на летото работат со методи кои овозможуваат пчеларот да не им “виси на глава“ на пчелните семејства.
      ’Луксузот’ што јас сега си го дозволувам (со околу 20 семјства), за тебе не важи.
      Иако таа неправда лесно може да се исправи (ха, ха, ха...)
      Настрана од шегата... Неколку пати во пишувањето кажав дека со седење дома пред компјутер добар есап за пчеларниците не се прави. Сум отворал/прегледувал пчелни семејства на 1000 метри н.вис. во февруари - но секако, времето тогаш НА ПЧЕЛАРНИКОТ било добро.
      Генералската логика на големиот пчелар (отворање на само неколку карактеристични семејства) не носи повеќе од приближно меѓу 50 и 70% од вистината за ситуацијата во сите кошници.

      Избриши

 
Top