0

Вчера беше прекрасен сончев ден. Не баш како денешниов, што раздени со, за Скопје, ретко видена прозрачност и сончевна јаснотија, после ноќниот дожд.

Вчера, кога дојдов на пчеларникот во скопското поле немав намера да отворам пчелни семејства за да согледам каква е состојбата со развојот, но ... На заминување, веќе имав мошне добра претстава за тоа. Причина: одлично време па отворив три семејства.

Откако ја проконтролирав состојбата со пренесувањето на храната од хранилките (шеќерниот сируп), за што и бев дојден, временската состојба беше толку пријатна, а температурата на соце толку висока што не можев да одолеам.

Првото пч. семејство што морав да го видам беше она, бившото безматично.

Од средината на месец февруари кога ова семејство ја доби новата матица, до сега (10-ти март) семејството успеа да развие легло на три фарар рамки.
Рамката на која матицата најпрвин започна да полага јајца


Средната рамка со легло. Првите пчели (во средина) веќе се излезени.

Другиот крај на леглото. Соседната рамка е блокирана со полен.
Квалитетот на леглото не е баш нај, но имам искуство со вакви матици, и понекогаш ним им е потребен нешто подолг временски период за да се кондиционираат до максимум - па дури тогаш ќе се види дали искуството од претходното семејство им нанело непоправливо штетни и трајни последици. Првите пчели од нејзиното легло во новиот дом, веќе беа излезени. Хранилката не му беше испразнета но пчелите работеа на сирупот (беше прилично редок).

Следното семејство што го отворив имаше легло дури на 4 рамки, но со помали површини. Земено заедно, имаше вкупно легло нешто помалку од 1,5 цели рамки.

И третото посилно семејство што го отворив имаше вкупно приближно толку, доминантно затворено легло.

Пчелно семејство што има само 2 рамки со компактно затворено легло.

Леглото му беше распоредено на само две рамки (по малку повеќе од половина рамка). Матицита на трета соседна рамка се обидела да пронесе неколку јајца но немала услови. Семејството делуваше блокирано со мед и полен.
Видливо блокирано семејство. Тука веднаш до оваа рамка додадов уште една празна рамка. Ова семејство нагло ќе добие во сила штом главнината од пчелите во леглото ќе излезе.

Втората рамка. И до неа од страна беше додадена друга празна рамка - точно меѓу рамката полна со монофлорен полен и леглото.

Посилните семејства имаа тенденција да се изблокираат со монофлорен полен - и ова мене ми се виде како добар инстинкт - затоа што за една недела во временската прогноза веќе се најавуваше студен бран со можност за снежни врнежи и температури под нулата.

Сега-за-сега пчелите на оваа локација ги користеа доминантно поленските извори (повеќе на цветен прав отколку на нектар), главно белите тополи (Populus alba) и дренот (Cornus mas).
Ранопролетна поленска паша од еден вариетет на бела топола (Populus alba)
Светло-жолтите делови од цветот на тополата се мета за пчелите.
Вака изгледаа истите тие гранчиња на белата топола една недела претходно.

Рано започнатото прихранување со тенок шеќерен сируп се покажа како школски добар потез за забрзување на развојот на пч. семејства (на оваа локација).

Постави коментар Blogger

 
Top