Ете, неколку дена после проверката на додавањето на матицата во безматичното семејство, јас вчера пак се појавив на пчеларникот.
На интернет ја гледав временската прогноза и констатирав дека во наредниве неколку дена речиси континуирано ќе има дожд, но и релативно високи температури.
Од искуството во толкувањето на овие прогнози знам дека и покрај дождот (што цел ден врне денес) обично има по некој прекин кога и сонцето би можело да се пробие - и за половина час, пчелите можат да си донесат доволно полен (таков период имаше и денес).
Затоа, да, оценив дека е време. Време е да ги инсталирам хранилките - за прво давање на мала количина (1 - 2 дцл.) шеќерен сируп.
Кога дојдов на пчеларникот а и за цело време потоа, роскаше ситен редок дожд - но пчелите летаа и се враќаа со собран полен - игнорирајќи го дождот. Дуваше источен ветер, но околната шума и меѓуораничните дрвореди беа одлична бариера.
Меѓу најактивните собирачи на полен, од влегување се гледаше дека е семејството со новододадена матица (види фото).
Пчелите на бившото безматично семејство... И по дожд френетично внесуваа полен најверојатно од леска. |
Едвам дочекав да се појави првиов полен на оваа локација (макар и да не биде разнороден - како што сега не е), за да почнам да прихранувам со сируп (раствор од сув шеќер во студена вода направен на самиот пчеларник во пластични шишиња од 5-6 литри).
Се уште и тоа како се можни дури и повеќедневни студени бранови, кога пчелите ќе мора да одржуваат легло на ниски температури - и соодветно на тоа, ќе мора да конзумираат повеќе храна - а на овој пчеларник имаше на рамките преголеми, загрижувачки количини медлика.
Се плашев дека овие пчели се на работ од егзистенцијата - и не би можеле да конзумираат уште од медликата без да имаат лоши последици. Сега, на оваа локација, во скопското поле, тие го прават и одржуваат првото “пролетно“* легло и секоја пчелка е најважна!
Се на се, вчера од пчеларникот си заминав со оптимизам: имам добри очекувања за овие пчелни семејства - кај сите, освен кај едно, забележав поленособирање.
*пролетно легло е леглото кое е настанато од стимулацијата на внесот на полен од природата, наспроти зимското легло, за кое пчелите доминантно го користат поленот/пергата складирани во саќето од минатата есен.
"раствор од сув шеќер во студена вода" - дали секогаш на ваков начин додавате сируп или само во определени ситуации (ако може нешто повеќе околу ова кога ќе имате време)
ОдговориИзбришиПоздрав од почетник пчелар
Во пчеларството нема ништо што правам “секогаш“. Но, не би загревал шеќерен сируп без некоја друга и поважна потреба, тоа е сигурно. Никогаш не знаеш кога може да се претера и да се направи поголем ХМФ. А која би била целта на загревањето? Погуст сируп? За преработка на сирупот, ако е многу густ, на пчелите ќе им треба дополнителна вода...
Избришимислам дека шербетот зовриен е поразложен на попрости шеќеро од незовриениот шербет така што е полесен за консумација на пчелите или сум во заблуда?
ОдговориИзбришиПриродна инстант храна за пчелите е нектарот.
ИзбришиНектарот е всушност збирна именка која под еден чадор/поим прима огромен број разновидни хемиски компоненти од кои, кај цветниот нектар, предоминантни се сахарозата, гликозата и фруктозата, но во никогаш исти пропорции.
Кога ние прихрануваме пчелни семејства треба на ум да имаме дека ако се обидеме да направиме приближна замена за нектарот - тоа нема да ни успее - велам така - гледано од економски аспект. (нектарите содржат и огромен број други различни микро елементи кои не се од групата на јагленохидрати)
Поради економски причини, ние или прихрануваме со само еден вид од овие доминантни шеќери или се обидуваме да направиме некаква комбинација (најслична на нектарот) но економски исплатлива (што може да ги оправда вложениот труд, топлинска енергија, времето...).
Разложувањето на дел од чистата сахароза (белиот шеќер) на гликоза и фруктоза може да се направи на повеќе различни начини. Сите оние начини кои вклучуваат неприродно висока температура (над 45 целзиусови) можат да предизвикаат појава на отровни, контрапродуктивни нус-супстанци (како ХМФ). Особено тоа е случај кога за забрзување на процесот на разложување се употребуваат, покрај повисоката температура и киселините.
Во мојот конкретен случај, јас од економски причини, бирам да прихранувам со еден вид од шеќерите, т.е. сахарозата (конституент во одредени видови на нектар и до 70 - 80 %), НО во услови кога од природата има внес на други видови нектар или пак во сандакот има достапни, по можност незаклопени резерви од мед со природно потекло.
Значи - кога се прихранува евтино, мора да се внимава дадената прихрана да не биде единствен или високо предоминантен извор на храна за пчелите за пролонгиран временски период (во сезона, повеќе од 7 дена).
Ако не се внимава на ова, прихранувањето ќе резултира со негативни последици по пчелите, како на ниво на поединечна пчела, така и на ниво на семејство затоа што чистите сахароза, гликоза и фруктоза се само малку, незначително понештетни од нивниот коктел, ако претставуваат единствено достапна храна за пчелните семејства за подолг период.
П.С. Сиромашната храна (сахароза, делумно збогатена/разложена од природните ензими излачени од самите пчели) има најмалку негативни реперкусии во пероди од годината кога пчелите “хибернираат“. Затоа медот добиен од тенок сируп, поради поголемата пчелна преработка, има далеку поголема биолошка вредност за идните генарации на пчели кои ќе се одгледаат од него, ако се случи тој биде доминантен извор на храна.
Ви благодарам на одговорот, сега е многу појасно. Поздрав
Избриши