(Овој пост е продолжение на Безматично семејство во зима а тој пак, беше продолжение на Пчела в уво (што да се прави?))
Есапот дома и есапот на пчеларник ретко се случува да се изедначат. Она што ние пчеларите сме најчесто склони во месеците декември-јануари да го испланираме - ретко кои пчели успеваат да ни го остварат - нашите, се чини најмалку.
Јас тргнав на пчеларник да извршам споојување со издупчена хартија на безматичното семејство (долу) и осакатеното семејство што го поставив врз него (горе, над поклопната даска).
Она што ме дочека беше непријатно изненадување: повеќето пчели од горното семејство се наоѓаа на подот умрени или во агонија.
Изглед на средината во која егзистирало агоничното пчелно семејство (донатор на матица) во последните свои денови. Забележливи се трагите од дијареја. |
Преостанати, се уште живи, беа само дваесетина пчели и..., кога ја подигнав едната рамка, и матицата.
Бидејќи, зимскиот модус на пчеларење уште не беше за мене завршен, немав ниту еден матичен кафез на пчеларникот, но и матицата баш не ми изгледаше премногу витално за сама да биде затворена. Решив да ја додадам рамката на која се наоѓаше матицата, заедно со 5 - 6-те пчели кои се наоѓаа до неа, а кои веднаш штом ја извидив рамката, ја покрија заштитнички со своите тела (не беше премногу топло - околу 6 - 8 Целзиусови).
Стрелките го означуваат видливо ферментираниот мед - ова е мошне лоша (кобна) храна за презимување на пчелите! |
Ја помрднав претпоследната рамка од долното безматично семејство и во направената празнина ја спуштив оваа рамка со матицата и неколкуте пчели на неа.
Што се случи со матицата?
Нема да ве држам во неизвесност. После неколку дена дојдов да проверам и... матицата слободно шеташе на соседната рамка, а за нејзино полагање на јајца пчелите беа подготвиле триесетина и повеќе ќелии.Кругот го означува местото подготвено за несење на матицата а стрелката ја означува матицата. |
Накусо кажано, моја претпоставка е: од последиците на поголема заразеност со крлежи (вароа). Причината е јасна, бидејќи ниту едно семејство од овој пчеларник не беше третирано пред декември (со оксална киселина) поради доцната медликова паша. (Јас припаѓам на оние ретки будали, за кои чистотата на комерцијалниот мед е поважна од ризикот по живот на пчелните семејства! ) Сега, дојде време да се плаќа данокот - најмногу од страна на оние пчелни семејства кои во септември-октомври имаа најмногу легло!
Постави коментар Blogger Facebook