Изнасилено поленособирање во февруари со соја и млеко во прав
Додека ја гледам прогнозата за наредните седум февруарски дена (до 22 февруари), сфаќам некако дека и покрај најавите за ноќно паѓање снег, прогнозираните дневни температури се движат околу 10-тиот целзиусов степен. Таква беше, во голем дел, и неделата што измина.
Оваа ситуација во февруари ме потсетува на еден друг февруари во минатото. Тогаш, бидејќи освен мразовците (каде што ги има) и леската, друг вид полен се уште немаше, јас решив да ја испробам корисноста на практиката да им се понуди на пчелите, како замена за полен: соино брашно и млеко во прав.
Тоа најпрвин го направив со соиното брашно кое го ставив во кантичка на осончено место. Кантичката беше од сите страни пристапна а одозгора беше заштитена со некоја покривка/кровче од евентуален дожд. Ова поставка беше поставена на 15-тина метри од сандаците.
Изненадувачки брзо пчелите ја пронајдоја сојата и брмчејки френетично целите се покриваа од соината прашина. За неколку минути ги полнеа/правеа своите поленски корпички и веднаш ги внесуваа во кошниците. Истовремено пч. семејства беа прихранувани и со шеќерен сируп.
Интересно беше дека полено-собирачката активност пчелите од најсилните семејства ја започнуваа во услови на сончево и ведро февруарско време уште во утринските часови, кога температурата под сенка почнуваше да го надминува третиот целзиусов степен!
Ваквото поволно време траше повеќе од 15-тина дена. После неколку дена активно работење на сојата посетата на пчелите почна да се намалува. Тогаш решив да го аплицирам млекото во прав, на ист начин. Веднаш за уште неколку дена се поврати истиот френетичен интензитет во поленособирањето. После неколку дена и ова се намали до степен на само неколку пчели.
При крајот од овој поволен временски период (повеќе од две недели) јас го отворив најсилното пчелно семејство кое влечеше најголеми количини соја и млеко во прав, сакајќи да видам колкави се површините под легло.
За моја жал и непријатно изненадување, леглото беше со дијаметар од 5 - 7 сантиметри а околу него ќелиите беа заполнети со “полен“ од соја и млеко. Имаше толку легло колку што би имале и без никаква прихрана со “поленски замени“.
Наравоучението за понатаму беше: ништо не може да го замени природниот разнороден полен а стимулативното прихранување со шеќерен сируп треба да го започнувам кога разнородниот полен во околината ќе го има во изобилство.
Постави коментар Blogger Facebook