Денес денот навистина беше во склад со вчерашната прогноза - сончево и, на сонце, топло, но во сенка не повеќе од 10 - 12 целзиусови (без ветер).
Ваков ден во февруари не се пропушта, и заедно со мојот пчеларски пријател посетивме три наши пчеларници.
Отворањето на сомнителните сандаци беше неизбежно.
Во првите два пчеларника не констатиравме ниту една загуба на пчелно семејство, но сепак, поради релативно топлата зима решивме да ги затвориме мрежастите патосници кои се досега беа отворени.
Првата, главно поленска паша од мразовците беше веќе присутна, доста голем број пчели внесуваа на своите нозе крупни топчиња од нивниот полен во своите пчелни семејства - а тоа е вообичаена индикација за присуство на легло.
На третиот пчеларник решивме дека треба да се интервенира кај две пчелни семејства кои никако не преминуваа во вториот спрат. Беа изротирани и беа обезбедени делумно со мед во рамки или парче погача легната врз сотоносците.
Проблемите започнаа кога пред крај на посетата решивме да отвориме едно од семејствата кои се наоѓаа под делумна сенка од блиската шума а ова семејство имаше јасни трагови на дијареја (пролив) на предницата од сандакот.
Семејството беше угинато.
Угинало од глад под сотоносците на првиот фарар спрат (висок 19 см.) а над него имаше ист таков спрат со 5 - 6 рамки полни со мед (но, не баш до нивната долна летвичка).
Семејството очигледно беше ослабнато (загубило голем дел од своите пчели) и немало легло - па оваа беше навистина чудна смрт, во вака блага зима.
Уште едно пч. семејство од оваа четиричлена група, поствена во делумна сенка, при отворањето покажа дека има проблем со есенската медлика - имаше серки по сотоносците на рамките, но беше качено во горниот спрат и иако не појако од угинатото, се уште беше живо.
На отворената патосница со мрежа, ова семејство имаше огромна количина на угинати пчели - жална глетка.
Решивме одозгора да му поставиме половина погача, плус го покривме со фолија одозгора, ја исчистивме патосницата од мртвите пчели, ја затворивме, а одозгора, над поклопната даска од сандакот поставивме неколку крпи - и толку.
Пред заминување, ајде, решивме да ѕирнеме во уште еден сандак (веќе денот завршуваше).
Погледот во него откри дека во горниот спрат јас сум оставил само четири рамки на кои сега висеа пчелите и веднаш луто-одбрамбено реагираа на кревањето на нивниот покрив.
Јас бев шокоран - па ова семејство сосем сум го заборавил!
Се шокирав кога открив дека меѓу спратовите се уште стои - матична решетка! (Наесен дел од матиците со мат. решетка ги присилував да останат во долниот спрат - додека во меѓувреме заедно со тековната медликова паша, прихранував со шеќерен сируп - со цел да ги спасам пчелите од зимување/умирање на чист мед живо-медликовец.*)
Бидејќи целата пчела беше најгоре и почна безматично да зуи (но истовремено напаѓаше како лудо-лута) веднаш ме стрефи старото добро чувство на лутина кон самиот себе си, чувство што мислев дека одамна сум го заборавил.
Сигурно, си помислив, матицата е загубена - пчелата се качила горе и при студ се прибрала во клубе (во допир со медот), па ја оставила матицата под мат. решетка - да угине од студ.
Решив да додадам два рама со мед од угинатото пч. семејство, но - пчелите привлечени од мојата појава и топлината атакуваа на мене исто како што тоа знаат да го направат во есен, само што во есен тие летаат околу мене и се обидуваат да убодат, а сега, во зима, и уште пред стемнување, тие уште при првите обиди за убод, застануваа на мојата заштитна блуза и обичните панталони - привлечени од топлината на моето тело.
Наскоро, додека правев место за додавање на рамките со мед, бев преполн со пчели што ползеа по моето тело непогрешливо наоѓајки ги дупките од каде топлината излегуваше надвор и ... пронајдоа пат да ми влезат под заштитната облека, под џемперот, на вратот, главата и ... убодите не се броеја.
Една ме погоди дирекно во око, но врвот на денот беше една друга пчелка која ми се пикна в уво.
Привлечена од топлината, мислам дека ова пчелче ми стигна до самото ушно тапанче!
Брзо, му реков на колегата, види дали имаш батерија во колата - знаев дека не смеам со ништо друго (прст или сл.) да ја уплашам пчеличката која очајнички се обидуваше да мине низ моето уво - и се уште како да беше без намера да ме убоде.
Во меѓуврме, додека колегата бараше батериска светилка, се обидов да ја завртам главата и увото во правец на последните сончеви зраци кои се забележуваа над западните планини и после некоја минута мушкање, пчелата сама реши да си излезе - без да направи убод!
Го запрашав колегата, дали задникот и е цел, затоа што не ми се веруваше дека не ме убоде само затоа што не сакаше - туку затоа што можеби веќе осилото го употребила на мене, на некое друго место - но не, тој ми рече дека задникот и бил неоштетен.
Како и да е, додека се враќавме, мене чувството на тага и лутина заради мојата глупост (веројатно загубената матица) не ме оставаше.
Неверојатно е, си мислев, сенилноста да ти се појави во животот толку рано... (“среќен“ да ми е 48-от роденден!)
*мед живо-медликовец = мед кој пчелите го создаваат собирајќи слатки излачевини од организми кои живеат паразитирајќи на листовите од растенијата и дрвјата. Разликувам и расти-медликовец, т.е. мед добиен од вонцветните излачевини на растенијата/дрвјата.
Пријавите се на:
Објављивање коментара (Atom)
Постави коментар Blogger Facebook