6

Иако денес не ми одговараше да појдам на пчеларник, некако не можев да издржам - времето беше предобро па решив, уште сабајле, откако ќе го оставам детето в школо да го “запалам“ точакот и да ги извозам тие 15 километри што ме делеа од пчелите - а богами, овој изминат студен бран ме одвои од нив цели 10 дена.

Пресметав дека ќе имам само еден час на пчеларник, и си го наместив алармот на мобилниот - тоа е исклучително битна работа - во спротивно ќе се заборавам - и детето ќе остане да ме чека со наставничката (нервозно насмеана).

Кога стигнав видов дека пчелите на речиси сите семејства работеа мошне активно, но моето внимание е секогаш насочено кон барање аномалии - и веднаш забележав дека пчелите од едно од семејствата беа драстично помалку активни а и корпичките со полен им беа половично полни. Уау, брзоплето си помислив, кога стигна ова семејство да остане без матица?

Иако на доаѓање си мислев дека за еден саат нема што многу да се направи, сепак решив дека приоритет ми е да направам увид на ова семејство, иако се уште беше ладно во утринските часови (околу 10).

Храната што пред десет дена беше додадена во хранилката, беше пренесена, но одозгора, под фолијата, како да немаше пчели - да, си помислив, ова лошо изгледа... Кревајќи ги една по една, неколуте рамки од горниот спрат (полни со мед) забележав на нив малку пчели но... Под нив на две-три улички во првиот спрат беа сконцентрирани останатите пчели. Го тргнав настрана горниот спрат и извлеков една од рамките каде беше центарот на малото пчелно гнездо.

На две рамки, од само една нивна страна, имаше затворено легло со дијаметар од 20 сатиметри и обележана ланска матица. Ова беше прегледување за буквално две секунди - и бидејќи беше се уште доста ладно, не фотографирав.

Уште кога ги правев првите ротации во февруари ова семејство погрешно сум го проценил (како качено) а тоа всушност започнало и продолжило со одржување на леглото во долниот спрат - од што сега последицата беше заостанување во споредба со другите. Сепак, преостанатите пчели ми делуваа здраво и мислам дека ова семејство откако сега го изротирав (леглото да биде во горниот спрат), му додадов рамки со мед од горниот спрат (долу, на долните рамки немаше ниту една ќелија со мед) и одзгора над фолијата и поклопната даска му поставив затоплувачки материјал и нов сируп во хранилката - мислам, реков, дека ќе напредува побргу и веројатно при крајот на мај ќе ги стигне другите.

Потоа, останатото време го потрошив за да го погледнам одозгора уште едно, од порано сомнително, семејство, што, како и при минатата посета на пчеларникот пред десет дена, го немаше пренесено сирупот, а имаше, како и тогаш, пак уште еднаш еден лош симптом - удавени пчели во хранилката/сирупот.
Вака изгледаше хранилката на истото семејство пред 10 дена. Тогаш сирупот го заменив со нов а хранилката ја исправ - но сликата со пчелите денес беше иста.

Решив, уште лани, долгорочно да ги маркирам и набљудувам овие семејства кај кои ќе најдам мртви пчели во хранилка (засега, оваа пролет такви имам 2). Тие наизглед се сосем нормални, но решив нив да ги исклучам од било какви пчеларски операции, особено од нивно вклучување во одгледување на матици, нивно користење за засилување на заслабени на семејства, итн. За нив се сомневам дека имаат преголема заразеност со нозема церана.

Кога го отворив ова сомнително семејство, а работев без чадалка, пчелите беа одбрамбени, не делуваа слабо под фолијата, но забележав дека на подницата имаше нездраво голема количина угинати пчели.

Решив, бидејќи немав време за друго, само да ги испрскам одозгора пообилно со прскалката во која имав јодна тинктура, да им го заменам сирупот со свеж, а во просторот од хранилката наменет за нивен пристап до сирупот, ставив и едно сламкасто дрвце - моја стара практика/навика од времето кога имав други, секакви, објаснувања за давењето на пчелите в хранилка.

Останува да се види дали ова пчелно семејство, кое очигледно успеало да одгледа доста млади и здрави пчели, ќе успее да ја подобри и надмине својата лоша состојба (велам лоша, но ова треба да се свати само релативно, бидејќи за такво го сметам само заради некои некомплетни индикации).

Инаку, кај другото семејство каде забележав удавени пчели при минатата посета и порано, сега немаше ниту една удавена (и таму бев ставил стапче, но уште минатиот пат) а сирупот беше пренесен - но сепак, и ова семејство јас го ставив во ментален карантин и цела сезона од таму нема да го извадам.

Времето бргу ми поминуваше, но не издржа срце јуначко, па морав да го отворам семејството на кое минатиот пат му поставив две празни рамки до само двете рамки со легло.
Младо легло на новододадената рамка. Страната наспроти “старата“ рамка со легло.
“Надворешната“ страна од истата рамка. Сликав и работев набрзина. Температурата во утринските часови не беше погодна за кревање рамки со легло.
Сите чепнати семејства ги прихранив со свеж сируп (стигнав да направам само неколку литри во едно шише) а остатокот го дотурив на оние семејства што имаа најактивен излет.

Во училиштето на син ми стигнав на време, малку испотен, но токму кога заѕвони ѕвончето.

Постави коментар Blogger

  1. Поздрав колега и да знаеш дека те следам што пишуваш и ке давам коментари ;)

    ОдговориИзбриши
  2. Нема потреба од закани (ха, ха, ха). Ова е јавен пчеларски дневник.

    Се додека сме културни и, кога критикуваме не го сокриваме сосема својот идентитет (ти си Г. Н. нели?) коментарите се и повеќе од добредојдени.

    Оваа форма на читание не одговара баш секому.

    Времето ќе покаже дали ти одговара тебе.

    Инаку коментарите се цензурирани, за да не станат мета на реклмани спамирања.

    ОдговориИзбриши
  3. Да јас сум Горан (пчелко) инаку како gokosoft ми е пријавен блогот , ,,заканата" не е упатена да те заплашам туку да те стимулирам и да знаеш дека си читан. Како викат подобро лоша критика отколку никаква ;) , инаку цезурирањево малку ме нервира , спамовиве може отпослем да се средат . Позтрав и се најдобро.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Не се работи за класична цензура. Немам можност да ги уредувам коментарите туку само исцело да го одобрам, избришам или избришам со маркирање за спам.

      Од искуство знам дека кога оваа опција на мое одобрување постои - коментирањето е многу подостоинствено.

      За ПОДДРШКА или друго, без зборување, најдобро/најбрзо е да се користи чекирањето на РЕАКЦИИ-те (под постот).

      Избриши
  4. Бидејќи има цензура, морам да бидам културен. Ќе те критикувам за „точакот“. Јас возам велосипед.
    ПС
    Нема смајлички, малку да се „искезам“.

    ОдговориИзбриши
  5. Ааааааааа!
    Начекав да те критикувам за точакот. Јас возам велосипед.
    За другото не најдов место за критика...


    ПС
    Нема смајлички. Малку да се „искезам“.

    ОдговориИзбриши

 
Top