0

Има многу наши колеги, пчелари кои чуваат пчели во самиот град (Скопје). Најголемиот дел од нив, сигурен сум, забележале дека, кога пчелите се чуваат во самиот град, климатски и развојно за пчелите, овие скопски градски услови се само со неколку дена доцнење зад нашите најужни медитерански краеви (Гевгелија).

Во Скопје, во самиот град, една од најмоќните паши (и најчисти - во градот никој не ги прска овошките) е овошната - но за најмалку 90% од пчелните семејства оваа паша е развојна.

Ако временските услови се погодни, семејствата-гревчиња, што едвам презимиле, во периодот кога доминира оваа паша (придружена од уште многу други треви и дрвја) ја имаат последната шанса да се извлечат и да станат барем помошни: за претстојниот период на ранопролетни паши.

Од друга страна, семејствата кои се одзимиле во полна форма, експлодираат во својот развој и при неколку последователни добри денови - се блокираат од внесениот полен и нектар.

Но, на периферијата од градот, приказната е поинаква, поточно доцни за повеќе, а годинава дури и за десетина дена. Сливата џанка пред мојата куќа, во полн цвет, јас ја фотографирав на 23 март а ете тука, на пчеларникот, на периферијата од градот, џанката е во иста состојба на 4-ти април.

Денес (четврток, 4-ти април 2013), само три дена после претходната посета, јас на пчеларникот се појавив дури два пати. Најпрвин пристигнав околу 10 часот утрината со колата, натоварена со спратови полни со рамки со сотни основи.

Беше променливо облачно и на пчеларникот владееше мртвило. Пчелите одгледуваат легло и освен едно-до-две семејства, сите други немаат вишок пчели за да ги испраќаат на паша по пониски температури.

Јас бев во временски кусок. Требаше во 11 часот да се појавам во училиштето на синот, а тоа значеше дека имам само половина час да истоварам се и да отворам некое пчелно семејство. И отворив две.

Попладнето, околу 16 часот, пак се вратив, овој пат со мојот велосипед (точак). И сега, навистина беше многу подобро за работа па успеав набрзина да ги отворам речиси сите посилни семејства - и да потрошам, колку што е можно повеќе рамки со сотни основи.

Вечерва, пред да го напишам ова, констатирав дека сум направил само 10 фотографии од кои за блогов можат да бидат интересни едвам две  - три. (Ете ги подолу).
Последен момент за преглед на единствениот ЛР сандак во пчеларникот - неотворен од 23-ти март.
Вака изгледаше денес ФР рамката поставена на 23-ти март. Оваа рамка заврши во долниот спрат, заедно со уште една, блокирана од полен и мед.
Вака изгледаше горниот спрат на ЛР сандакот пред да го затворам. Првата рамка од лево е градежник без жица, а 4-тата и 7-тата се рамки со сотни основи (искрпени од фарар). Ова го направив затоа што мислам дека сандаков нема да можам да го отворам речиси недела дена.

За овие три изминати дена претходната стагнација во развојот очигледно беше веќе минато - и работите пак почнаа да се движат по френетичниот пролетен развоен колосек.

Правејќи место за рамките со сотни основи (некаде, како што видовте погоре, додавав и по две, среде легло) во некои семејства одлучив рамките-градежници, главно со трутовско легло да ги спуштам во долниот спрат.

Во теоретски нормални услови би требало да правам ротации на спратовите, но сега ја имав предвид прогнозираната најава на нов студен бран што би требало да настапи за 3 - 4 дена.

Ризикот од преладување на леглото од само еден рам (главно трутовско легло) ми изгледаше како најприфатлив. Очекувам, оние семејства што ќе имаат најмногу пчели, развојот да го продолжат во долниот спрат и по пониските температури кои наскоро би требало да настапат.

Постави коментар Blogger

 
Top