Само што падна ноќта.
Јас се враќав од пчеларникот во Долна Матка а пред влезот во куќата ме дочекаа налегнатите гранки од багремите чии цветови го испуштаа познатиот опоен мирис...
Багремот уште вечерва во Скопје почнува да меди!
Во Матка имаше вистинска гужва на поилката која ја опишав во постот “Не знам да препознаам безматичност“.
Пчелите во меѓувреме (за 5 дена) испразниле речиси пола буре, така што мојот пријател-компањон си помисли дека му се дупнало бурето.
Веднаш се фативме да го отвораме она што го сметавме за безматично, но и аномалично пч. семејство (со лажни матици).
Затвореното легло индицираше лажни матици, но јајцата што ги видов во ќелиите беа сосем исправни - како да ги несела матица.
Оваа енигма мора да ја решам, си реков, иако мојот пријател ми сугерираше да го баталиме и да не губиме премногу време.
Бев упорен и најпосле ја открив матицата - млада и брза.
Но семејството веднаш до него ни го направи најголемиот проблем - имаше едно-чудо затворени матичници, и уште и една излезена млада матица која успеав да ја фатам но држејќи ја за крилата ми се ослободи и кој-знае-каде згина.
Како бре мајку-му, не сме го виделе ова минатиот пат, пред само пет дена, кога сме му одзеле еден рам со затворено легло и пчели? Зошто ли не се изроило?
Најпрвин решив да ги заменам местата на сандаците. На негово место поставивме слабо семејство а пак него го ставивме на сосем нова позиција во пчеларникот. На крајот од денот практично го поделивме на три дела со легло а медиштето со пчелите во него ги додадовме на четврто послабо семејство.
Во оргиналниот дел поставен на ново место му оставивме само 4 рамки од кои две беа со легло и матичници.
Потоа цел ден ни беше конценриран на отворање и прегледување на сите други посилни семејства, но за среќа кај нив се уште доминираше работното расположение - на три сандаци дури оценивме дека ќе биде потребно да им се додаде уште едно медиште.
На сите им ги вадевме фолиите и им поставувме матични решетки.
Ова семејство во Фарар го имаше освоено вториот спрат и матицата полагаше јајца на комплетно нови рамки. Пчелите работеа во медиштето над мат. решетка. |
Утре е први мај, и до Матка речиси ќе биде невозможно да се пристапи, од луѓе-излетници (не пчели)...
Постави коментар Blogger Facebook