0

Како на сурферски бранови, пашата и временските услови со нивните осцилации го носат, речиси незабележително, моментот, кој секому од нас, пчеларите може да му дарува “бинго“ во форма на најквалитетни матици.

Јас едвам постигнувам да се посветам на овој интернет дневник - а имам, под своја ултимативна грижа, само околу 20-тина пчелни семејства.

Вчера имав мошне напорен ден а снимив само две фотографии.

Најпрвин констатирав дека матицата затворена во Јентер апаратчето си ја завршила својата работа и положила јајца во ќелиите чии дна ги затворив со восок минатиот пат.
Јајцето е исправено и едвам се гледа. Најдобро ќе се види ако ја отворите фотографијава во нов таб/прозорец.
Тоа беше добрата вест. Понатаму се нижеа лошите.

Констатирав дека матичниците во двата деленици направени од безматичното семејство веќе ги немаше - веројатно последица од пчелите што морав да ги истресам од други семејства за да ги засилам - оти голем дел од првичните пчели биле ориентирани летачи и се вратиле назад.

Пресадив нови матичници од безматичното, и тоа беше лесна работа, затоа што ризикот го знаев, но, дека рутината ме убива сватив откако ја фотографирав и втората фотка.

На неа се гледа спуштениот матичник кој веќе следниот момент го уништив, не забележувајќи дека меѓупросторот меѓу сотоносците од рамките на долниот спрат и долните летви на рамките од горниот спрат на безматичното семејство ми е нарушен, т.е. практично и го нема.

Подоцна во денот, кога ја подигнав истава рамка, пред очи ми зјаеше голема празна шуплина со дно преполно со млеч. Пех. Премногу брзам... Ќе беше тоа рекордерска матица...

Вчера го отворив и стартерот/одгледувач - делот под матичната решетка. Матицата таму си го направила за околу десетина дена своето царство, несејќи на 8 - 9 рамки. Најдов два рама со доминантно отворено легло и ги качив над матичната решетка, од двете страни на рамката-носач-на-матичници. Откако ќе ја затворам (со фиока) матичната решетка тие две рамки ќе останат се до некој час пред да ги пресадам првите ларви од Јентерот.

Понатаму во пчеларникот работењето ми беше во отворање на производните изротирани семејства, поставување сотни основи по потреба и вадење на фолиите, на чие место поставував матични рештки.

Вчера за мене беше првиот летен ден - затоа што топлината ме отепа. И покрај тоа што внимавав да не дехидрирам, навратувајќи му се почесто на шишето, базичната телесна неприлагоденост на крајот резултираше со голем умор и истоштеност - како при вообичаен топлотен удар.

Вчера, да не заборавам, ги заменив местата на двата ЛР сандаци. Крајно време беше. Овој сандак беше единствениот што покажуваше нова тенденција кон роење. Се надевам дека губитокот на голем дел од излетниците ќе го смири за извесно време.

Генерално бев изненаден од количината на нектар и мед што сите сандаци во меѓувреме ја собрале.

Во овој период, пред багремовото цветање, ова е многу ретка, речиси невидена појава.

Постави коментар Blogger

 
Top