0
Навистина функционирало!

И јас, и мојот пријател-компањон за прв пат бевме во редот од 5 - 6 автомобили пред српската граница, откако ја минавме македонската гранична контрола - само со лични карти.

Вчера утрината после шест часот бевме договорени да направиме заедничка блиц посета на пчеларска продавница во Лесковац, Република Србија.

Главната причина беше да се набават стотина ДБ рамки со нестандардна димензија (еден сантиметар покуси од стандардните) и одреден број матични решетки.

И на одење, и на враќање, при преминувањето на границата не излеговме воопшто од колата, се прошетавме низ Јужна Србија, испратени од љубезните поздрави на полицајците и цариниците, како во старите времиња на бившата социјалистичка Југославија.

Пари променивме на самата граница по курс 109 динари = 1 евро. Во внатрешноста, овој курс е малку подобар.

За да пресметате колку македонски денари чини некој производ на цените видливи на фотографиите (отворајте ги во нов прозорец за да ги зумирате до максимум), ќе треба само сумата да ја поделите со 1.81. Јас вложив поголем труд во Photoshop за цените да ви бидат повидливи.

Минаа повеќе години откако не сум бил во Србија и некако општата слика на она што се гледа во надворешноста ме тераше да правам компарации и со минатото, и со нашата состојба.

Најпрвин, после осум часот утрината, стигнавме во Врање и после половина час лутање и прашување, конечно, стигнавме до еден од влезовите на главната врањска болница, од кој пак лево, на двесте метри, имаше едно кусо слепо сокаче на чиј крај се наоѓаше ова продавниче за пчеларска опрема  (42°33'6.42"N, 21°54'4.90"E) (на фотографиите часот е гравиран со еден час поназад).

На портата до влезот на продавницата заѕвоневме и се појави љубезната газдарица која ни отвори да разгледаме што имаат.
Подница за собирање полен
Алуминиумска мрежа за подници. Во Врање беше 1500 динари за 5 метри (50 см. ширина) а во Лесковац мојот пријател ја купи за 1600 дин.

За нешто што ќе прашавме, а тие го немаа, газдарицата, не уверуваше дека го имале и дека немањето е само моментална ситуација.

Не купивме тука ништо, па се упативме до следната, всушност главната наша цел, градот Лесковац, каде мојот пријател-компањон имаше договорено/порачано стотина нековани рамки.


Се гледа од фотографиите дека таму стигнавме за околу еден час.

Патем да кажам дека изгледот на овие два града, улиците, куќите и се друго ме потсетуваше на неодамнешните времиња кај нас, во Македонија. Си помислив дека Грујо или некој си друг наш градоначалник, наместо да дава пари за реклами по телевизии, треба само да ги праќа неговите опозиционери на бесплатни еднодневни екскурзии во Јужна Србија. Тука, однадвор, се изгледаше како кај нас што беше пред 5 - 8 години.


Веднаш штом стапнавме во продавницата во центарот на Лесковац (42°59'53.83"N,21°56'27.72"E)(освен неа има и уште една, туку што стартувана) свативме дека газдата и газдарицата се во некоја фрка.

Мораше бизнисот да го тераме екстремно бргу, затоа што тие доцнеа на некаква слава.
Центрифугата е производство на Радомед, фирма чиј сопственик го запознавме подоцна. Оваа беше 15500 дин. А соседната (за ДБ?) беше 17500)
Ни требаше малку време да разбереме дека сепак во продавницата ќе остане нивниот син, па на мира, ќе можеме да разгледуваме.
Блузони имаше вакви, но и за 750 динари.
Мојот пријател-компањон го прави бизнисот!

Тука се менуваше восок, се одговараше на прашања за цени и друго, а немаше многу простор за разминување - тројца-четворица во исто време внатре правеа гужва.

Оваа им е мошне потребна алатка на пчеларите со ДБ сандаци.
Телескопски собирач на роеви.
Како што се гледа од фотката, ЛР матичните решетки чинеа 300 динари а пак ДБ (за 12) беа 330 динари.

На крајот од нашето пазарење, кога купивме, нормално, и по нешто непланирано/ненајавено, мојот пријател, од сопственикот си доби и пчеларски нож на подарок.

Стоп! Им реков... Врати назад! Ова морам да го снимам. Сопственикот на продавниата му подарува на мојот пријател пчеларски нож.
Тој дури и не покани да дојдеме на нивната слава - всушност се работеше за пчеларска слава - слава на Пчеларското Здружение на Лесковац а тоа беше едно од трите пчеларски здруженија што постоеја во градот.

Соопштението на вратата од продавницата.

После посетата на една препорачана бурекџилница во градот (откако попусто баравме лепиња со кајмак), мојот пријател беше расположен да појдеме до местото каде требаше да биде славата и за тоа тој се погрижи и плати, работничката во бурекџилницата да исече една цела погача бурек на поситни парчиња - за да не одиме со празни раце.


Мене ме заинтригираа неколкуте штури зборови на сопственикот на продавницата, дека домаќинка на славата е жена од 35 години, која сама чувала 100 сандаци со пчели. Но од минатите искуства, знаев дека блиц-посетата на Србија веќе нема да има шанси да остане блиц.

Денот не ни беше добар за навигација, но откако малку залутавме по патот за Власотинце, го најдовеме местото Доњи Буниброд, каде живееше и имаше свој пчеларник домаќинката Марина Петковиќ (На Google само може да се копира и пастира: 42°57'49.30"N,  22°0'59.99"E и точно ќе го видите местото на пчеларникот (или клик)).


Всушност пристигнавме до едно вообичаено селско стопанство, со буквално се што може да се има (дури имаше и пауни).

Поради лутањето, за жал ја пропуштивме презентацијата на г-ѓата Марина, но од она што го видов и што го разбрав од разговорите, можев да констатирам дека се работи за пчеларство каде доминира стандардната работа со Дадант-Блат сандаци (12 рама) но со таа специфика што во есен, па се до рано на пролет, медиште се поставува под плодиштето.

Од пријатниот шок заради гостопримството, рацеве малку ми се протресоа и оваа фотка испасна матна.

Домаќинката, на која сопругот и беше помошник, заради организирањето на славата, која разбравме дека оваа година е целосно на нејзин трошок и организација, не стигнала да ги ротира медиштата, т.е. да ги постави одозгора.

Околу сандаците е третирано со хербицид. Оваа година, тврдеа сите присутни, развојот бил феноменален а веќе ги имале и првите приноси во медиштата.
Не можам со зборови да опишам, но веројатно многумина од вас знаат дека луѓето, пчеларите од Србија се шампиони на Балканот во гостопримство.

Мала презентација на она што ние пчеларите го имаме од пчелите.
(За поканетите медиуми?)

Најпрвин не дочека и поздрави нашиот повикувач, сопственик на продавницата во Лесковац, па потоа не претстави на домаќинката Марина, па ни пријде девојче облечено во народна носија со послужавник на кој имаше залачиња од пченица (жито), па потоа, чекајќи го главниот поп, го разгледавме пчеларникот и се запознавме со по некој од пчеларите.

Лево е сопственикот на пчеларската продавница во Лесковац а до него е сопственикот на фирмата Радомед.
Еве, го продолжувам серијалот на разни видови поилки. Оваа е исклучително естетска/украсна (материјалот на косините е керамичка плочка).
Еко презентација на мудри изреки за апикултурата. 
Се организираше и се направи групна фотографија на сите присутни членови на здружението (кое инаку имало повеќе од 100 членови).

Оваа фотка е максимално голема!
Остатокот од медиштата беа на отворен таван - а еден од пауните ги чуваше!

Кога најпосле дојде попот, двата попа (едниот беше пчелар, член дури на две, од трите лесковачки здруженија) пееја, благословуваа и се молеа а на крајот, на, за мене, досега невиден религиозен начин, со кревање, држење и вртење на лебна погача, се демонстрираше единството и слогата на сите пчелари еснафлии.


На крајот, сите појдоа, а и нас, непознатите македонци, упорно не замолија, да им се придружиме во големиот шатор каде беа поставени долги еснафски клупи и маси преполни со предјадења и сокови.


Двајца униформирани професионални келнери служеа алкохол и дополнуваа од пијалоците - не оставајќи ниту две секунди чаша да остане празна!


Не знам веќе, дали од алкохолот во главите, или пак од сонцето што како вршник го печеше кровот на шаторот, но нам ни стана претопло, и пред да дојде главното јадење (риба и др.) се поздравивме со љубезните домаќини фаќајќи го патот за назад.


Сите амбиции, веднаш штом ќе стигнеме дома, во Скопје, да одиме на пчеларник и да направиме безматични деленици, ни се стопија речиси до нула, откако доста повеќе од половина час отепавме, чекајќи во колона пред тунел, во кој се асфалтираа дупки.

На крајот, кога стигнавме во градот, бевме толку уморни што лесно, планираната операција ја презакажавме за утре.

Постави коментар Blogger

 
Top