3

Деновите од минатиот викенд ги поминав во аргатска работа.

Мора да ви признаам дека по малку се чувствувам онака како што верувам дека би се чувствувала нимфоманка на која и понудиле да биде проститутка.

Секој друг, па и јас кога бев помлад и без фамилија, би прифатил таков ангажман без пари, но денес, на мои години, доколку јас оправдано сакам да се помрднам од мојата ситуација морам да имам некаква финансиска, читај парична корист. Битно е да се знае дека сум отворен за пчеларски аргатлук, и секако би сакал да си добијам за тоа, што е можно повисока цена.

И така, два дена јас бев придружба/аргат за еден мој познаник/пријател што на повеќе локации одржува околу 300 пчелни семејства (сака да остане анонимен).

Саботата и неделата (6 и 7 април) беа два крајно спротивни дена. Саботата беше топла, сончева и без ветер а неделата беше студена (под 10 целзиусови на локациите) ветровита, дождлива и магловита, дури и темна.
Убав ден за паша и миризливата слива - цанка.

Требаше да ја поминеме цела Македонија за да стигнеме на пчеларниците, и кога стигнавме главната работа што ја правевме во саботата беше отворање на сандаците, оценување на силата и состојбата (главно без подигнување на рамки, иако и тоа го правевме на почетокот) и прихранување.
На ваквите семејства обично им дававме “петка“.
Мојов газда за тие два дена, во принцип бара и бесплатен консалтинг од мене, но нормално, бидејќи е бесплатно, она што ќе го добие не го цени онака како кога би го плаќал за тешки пари.

Јас му предложив саботниот ден да го минеме во отворање на сандаците, да бележиме, а прихранувањето да го обавиме утре, во неделата, за кога знаев дека ќе врне, а по дожд, сметав јас, ако не друго, барем ќе може да се прихранува. Но тој не ме послуша. Затоа во саботата со таквиот преглед и прихрана поминавме само околу 50% од семејствата (околу и помалку од 120).

Јас не можев да судам компаративно, но газдата тврдеше дека пчелните семејства од неговата последна посета до сега стагнирале, дури, одреден број и назадувале, некои и речиси до изгинување (оценка од еден до пет = единица).
Ова беше се уште невидена слика за мене: остатоци од жаба на подница од активен сандак.

Се работи за локации на надморска висина од околу 600 метри  (корекција, н.в. е: 900) и за нив важи, според мое мислење, правилото дека тие локации не се толку лоши за презимување, но пролетниот развој во месеците март и април е значително поспор и дополнително посуров за послабо одзимените пчелни семејства.

Интересно беше она што ни се случи во еден од пчеларниците во саботата.

Кога дојдовме, околу 14 часот, пчелите работеа максимално - беа разиграни. Речиси точно во 15 часот, при неверојатно погодни надворешни услови,(без ветар и облаци, сончево и топло и расцветани џанки, мртва коприва и др. во близина) пчеларникот тотално замре како да експлодирала неутронска бомба! Од околу 80-тината семејства во пчеларникот со тешка мака најдовме само три кои демонстрираа мала активност - кај останатите активноста беше нула!
Штама - мртвило после 15 часот во пчеларникот.
Пчелите пропуштија најмалку 3 часа прекрасно време за паша!
Јас мислам дека се работеше за условен рефлекс, создаден во претходниот период/денови.
Кога по завршувањето на прегледот/прихраната се вративме во базниот пчеларник - таму пчелните семејства работеа со несмален интензитет.

Во неделата непрекидно врнеше дожд и само поставувавме сотни основи во рамки а подоцна, по дожд, дававме прихрана на пчелните семејства од преостанатите два пчеларника.

Гуштерски дом во збегот на еден сандак.

Последен оптимистички поглед на силно семејство (за петка) пред заминување.

Постави коментар Blogger

 
Top