Иако со еден ден задоцнување, ќе продолжам таму каде што во минатиот пост застанав. Со багремот.
Овие беа првите расцветани цветови од црвен багрем, кој инаку, цвета во се исто како и белиот. |
Денес веќе во утринските часови ситуацијата е ваква - и сосем е извесно дека на овие температури (околу 30 Целзиусви) во градот до вечер, багремот ќе биде во полн цвет, а задутре веќе би требало да меди (ако може).
Вчера на пчеларник најпрвин проверив дали матицата што ја затворив завчера го “посеала“ Јентерот со јајца.
Сеењето беше задоволително и решив веднаш да ја ослободам матицата, иако знам дека ризикот за чистење на јацата така изгледа како да е малку поголем.
Всушност јас мислам дека пчелите ќе ги исчистат јајцата во ќелиите без обзир дали матицата е внатре или не е - ако нешто не е во ред со ќелијата.
Она што потоа се случува е матицата пак да ги занесе, но и тие нови јајца ќе бидат изедени, доколку во меѓувреме пчелите не го поправат недостатокот.
Мораше и да го реорганизирам сандакот-одгледувач затоа што рамките со легло во делот/спратот што пред тоа беше стартер, а сега веќе одгледувач, во висок процент беа заполнети со нектар и полен, натрупан на местото од претходното легло.
Матичната решетка ја кренав еден спрат погоре а рамката со 11 прифатени матичници ја поставив во бившото медиште, меѓу два рама со затворено легло.
Рамката со сотна основа, додадена пред повеќе денови беше комплено изградена а незалегната. А беше подготвувана за легло, т.е. не беше заполнета со нешто друго. Тоа не беше добар знак.
Веќе неколку дена, увидувам знаци дека пчеливе го баталиле развојот и сега се во модус на собирање храна за зима - небаре е поминат месец јуни!
Од деталниот преглед открив дека дури пет и повеќе рамки со легло матицата веќе не ги одржува затоа што веројатно е далеку послабо негувана. Во долниот спрат на една рамка видов дека едвам осуетила преврат - уништила веќе затворен тивкозаменски матичник.
Оваа матица и нејзиното семејство на првите ранопролетни прегледи покажуваше изразита тенденција кон роење и имаше (и сега ги имаше) произведено дури два цели градежника со речиси 100% трутовско легло.
Овие два рама со зрело трутовско легло ги извадив и ги “заклав“ трутовите, оставајќи на местото ужасна слика на уништено саќе и растечена белковинска маса од трутови во разни стадиуми.
Ова, во техниката за биолошка борба со вароата е еден од нерешените проблеми за кои досега не сум нашол задоволителен одговор - т.е. решение за проблемот: што да се прави со изваденото трутовско легло?
Во моето искуство овие рамки сум ги:
- оставал на страна до сандаците, да ги јадат ежеви и мравки - и тоа не е никакво решение!
- топел во сончев топилник, што потоа ми го засмрдуваат/изгнасуваат до немајкаде - и тоа не е никакво решение!
- гмечел со раце за млекото да истече врз рамките и пчелите, што тие веднаш го собираат/чистат, но без видлива корист за нив - и тоа не е никакво решение, затоа што остануваат топки смрдлив восок кој повторно прави неред во топилникот!
Јас и не знам за некое попаметно решение освен ова саќе да се фрли некаде подалеку в трева за со него да зиминат и одреден број крлежи. Но ова е голем биолошки минус за секое пчелно семејство и уште поголем минус за пчеларот.
Но, сепак, гледајќи што се случува со блокадата заради оваа неочекувана паша, можам да заклучам дека после багремот ќе имам доста послаби семејства, т.е. ќе го немам оној втор ешалон на семејства во развој, што обично си го правам подоцна во сезоната, за подоцнежни паши.
Бидејќи на овој пчеларник еден дел од семејствата ми се само ротирани, друг дел (помалку) се демарирани, а третите се во фаза на развој/опоравување од ноземата - ќе видиме во следниов период кои подобри ќе се покажат.
Но за ова семејство што го прегледав решив матицата со решетка да ја ограничам на само еден, првиот спрат а одозгора дополнив со две рамки регло од другите семејства (од групата во развој) за подоцна од нив да правам оплодници.
Да не беше багремот во најава, а и временската прогноза да не беше добра, после овој пашен период, ќе можеше да се случи масовен бран на самоизмени на матиците... Но, вака... Ќе видиме...
Да биде сликата покомплетна, од пчеларникот морав да се враќам пешки до најблиското село, затоа што и двете гуми на точакот ми беа дупнати/издишани!
Ова (цутенјето на багремот во скопје ) е само усте една потврда колку иако сме релативно мала земја по површина ,се разлицни приликите во пцеларството .За разлика од скопското подрацје, во охридско багремот е сеуште во ваза на пупки односно цутенјето ке поцне далеку покасно ,една а некаде на повисоките места (дебарца ) и повеке недели покасно , а со тоа и работите со пцелите се одвиваат према таа состојба..
ОдговориИзбриши