0

Ма, денес сите предуслови ги имав за добро расположение ама...

За такво нешто не ми беше денот.

На пчеларник се појавив доста рано, околу 9 часот. Денот изгледаше толку убаво и надежно што си го дозволив тој луксуз да си се одморам од возењето со точак шетајќи по пчеларникот - без заштитна облека, онака како што дојдов.

Иако пчелите работеа френетично, веднаш ме збумбарија три пчелки, една во веѓа и две во врат. Тууу, си помислив, изгледа деновиве пчеливе биле ептен нервозни поради ветерот што дуваше.

Веднаш се фатив да го отворам сандакот каде требаше да го видам Јентеровото апаратче - и опцув како најлош кочијаш. Па можно ли е ова? Толку да сум блесав? Сум го поставил наопаку - саќето од апарачето - ми беше завртено кон ѕидот на спратот а не кон леглото на соседниот рам, како што требаше.

Не дека нешто загубив, зошто и онака планирав заради прифатени обврски, да го пролонгирам затворањето на матицата за ден-два - туку затоа што ми се случуваат вакви работи кои секогаш се последица на недоволна концентрација (сега си мислам дека некој ми телефонираше, тогаш кога ја поставував рамката со јентерот минатиот пат).

Целта беше пчелите да ги затворат дупките на дното од ќелиите - и таа, нормално остана нереализирана. Па ете, барем апаратчето го фотографирав, да се види како изгледа.

Денес дојдов со цел да направам ротација на спратовите од плодиштата.

Речиси трите изминати дена (од минатото доаѓање на 14 април) според моето мислење беа доволни, новододадените рамки со сотни основи да бидат изградени и залегнати, и сега е најдоброто време да се изротираат спратовите на оние семејства каде симнував од една до три рамки со легло во долниот спрат за да направам место за новите рамки со сотни основи.

Оваа моја проценка беше точна за скоро сите такви семејства, освен за едно, со тоа што, очигледно беше дека втората рамка со сотна основа, кај повеќето од семејствата беше започата со занесувањето во текот на претходната ноќ и утрово.

Мразам да работам со чадалка но денес, откако ме збумбарија првите три пчели в глава, и многу други ме прогонуваа откако ја облеков заштитната блуза со капа - решив дека мора да ја запалам чадалката.

Патем да кажам дека има изненадувачки голем број мои колеги пчелари на кои палењето на чадалката им е се уште нерешен проблем.

Како се пали чадалка?(од “прва мајка“, и за цел ден!)

Тајната на успехот е во сувата хартија, сувите дрвца (поситни и покрупни) и распалувањето се додека од дрвцата не се појави пламен! Најчестата грешка е пчеларот да престане со дувањето/распалувањето пред да се појави пламен од дрвцата (не од хартијата), т.е. да го затвори капакот со првиот чад.

Кога ги отворав семејствата, очигледно беше дека во претходните ветровити денови речиси и да немало паша , па пчелите го исчистиле она малку напрскан нектар во медиштата.

Но и сега, уште еднаш се покажа и докажа, дека пчелите кога имаат некоја силна причина да бидат лути - и чадалката не ги смирува!

Веднаш стартувам со испробување на цаката од коментарот на мојот колега Зоран Димов од Кавадарци. Рамкава-градежник со откинати Хофманови разделници ја додадов во семејство што имаше 13 рамки легло.
Разделниците ги откинав со тесла и чекан. Откинатите делови ги донесов на пчеларникот заедно со неколку клинчиња и планирам да ги заковам на лице место ако експериментот успее. Методава/техникава за кинење не ми се бендисува за некаква помасовна употреба.
Растојанието меѓу рамките изгледа сега вака. Се разбира, на соседните рамки Хофмановите разделници си останаа исти.
Во текот на работниот ден на пчеларникот, некаде околу пладне, пчелите го променија своето расположение - но, дотогаш веќе се изнадишав чад - а реков - тоа го мразам!

Ова е клипот што ми текна да го снимам пред да направам ротирање на спратовите од плодиштето на еден сандак. И, да сунгерот од подницата залепен на спратот, морав да го извадам отпосле...

Слика за релативна силина на семејствата што ги ротирав дава податокот дека сега имаа од 9 до 13 фарар рамки со легло (а претходно 1 до 3 рама им беа спуштени во долните спратови).

Еве ја спасената матица од минатиот пат. Добро проработи па поставив празен изграден рам меѓу двата рама со легло (ЛР).
Деленикот имаше доволно пчели.
При едно од следните доаѓања планирам да им ги заменам местата на сега веќе двата ЛР сандаци во пчеларникот.
Инаку. јас веќе одамна од неколку пчелни убоди ја немам ниту најнормалната телесна реакција - отокот. Но оваа пчелка што ме бодна во едната веѓа, како одамна да ме чекала, и малку ми го измени и личниот опис.

Тоа чувство на отеченост...
Речиси сум заборавил како беше непријатно...

А пчелите денес цел ден се бореа да најдат пат низ гужвата пред летата, кога се враќаа од паша...

Постави коментар Blogger

 
Top