Утредента требаше некој да го сними мојот оптимизам.
Се појавив на пчеларник неколку минути подоцна од вчера. Точакот ми беше натоварен со 15-тина рамки со главно темно саќе што ги изцентрифугирав утрината.
Реков веќе: се досега пчелите не прифаќаа бело саќе!
За ништо.
Минатиот пат беше прв пат кога видов јајца на саќе извлечено од сотна основа и мед/нектар во веќе извлечено такво саќе.
Но, кога тоа утро стапнав на пчеларникот, ситуацијата беше сосем спротивна од онаа вчерашната во истото време од денот.
Сега на пчеларникот владееше некое мртвило!
Необјасниво мртвило!
Што беше разликата?
Денес само имаше некој северен ветер и... ништо подруго или нешто повеќе!?
Како и да е... Тргнав да си ја реализирам минималната норма - да извадам барем 8 рамки со мед, за барем едно центрифугирање.
Нормата ја реализирав, но при крајот на таа работа веќе пчелите-крадливки вршеа толку голем притисок што решив да ја баталам понатамошната работа.
Треба многу да се внимава кога во еден пчеларник се чуваат и многу јаки и многу слаби пч. семејства.
А токму слабите потоа сакав да ги провоцирам на создавање повеќе легло со додавање на црна добро изградена изцентрифугирана (влажна) рамка меѓу рамките со легло.
Пчеларникот го напуштив во кисело расположение.
Да не ти се верува што може да се случи за само еден ден, си мислев.
|
Доста од мрежите се веќе во завршна фаза на исполнување со прополис.
Ова семејство освен што ги запушило дупките на мрежата, работело и на рабовите од рамките. |
|
Јас го собрав тој прополис со ножот и еве колку извадив. |
ЦРНО и БЕЛО
Денеска не мораше многу да брзам за да стигнам порано на пчеларник.
Горештината која најмногу ја избегнував овие денови, не беше некоја закана, бидејќи беше облачно - дури и малку невообичаено преоблачно за август.
По патот, додека возев, ме освежи паѓањето на ситен дожд.
Инстиктивно знаев дека овој дождец ќе биде и-тоа-како добредојден за живомедликовата паша. Нормално, ако мојата теорија за престанок на оваа паша поради преголема сувост на воздухот е точна.
Кога влегов на пчеларник ситуацијата беше иста како што го оставив - тотална беспашност.
Можеш да заспиеш пред летата на сандаците броејќи ги ретките пчелки што излегуваа-влегуваа.
И дождецот набргу престана.
Сепак беше пријатно за работење и јас тргнав да си ја реализирам денешната норма - да извадам барем 8 добро изградени, темни рамки со мед.
Откако тоа го завршив, веднаш продолжив со отворањето на нуклеусите и поставувањето на влажните рамки донесени уште вчера и овие донесени денес. Истовремено ги вадев стапчињата со флувалинат и од средината ги тргав настрана рамките со сотни основи или бело саќе (и саќе со само една-две генерации излегнати пчели).
Но како што минуваше времето - не само сандаците кај кои ќе поставев влажни рамки, туку и другите посилни а негибнати пчелни семејства почнуваа да покажуваат засилена активност, а многу од нив се решаваа да направат и облет...
Кај 14 часот, кога решив да направам пауза за оброк, целиот пчеларник работеше интензивно - речиси исто како завчера!
Пак пчелите станаа необично мирни и незаинтересирани за грабеж - иако јас веќе преминав на модусот на строго придржување на принципите на работа во беспашни услови.
Ете, така, почитувани читатели-колеги, во само еден ден, јас денес го искусив истото она што ми се чинеше неверојатно брзо кога беше сервирано ден-за-ден.
Сево ова, секако нема да им користи на оние што веќе се знаат.
За мене (и нас останатите 10%) овој ден беше возвишен приказ на моќта и непредвидливоста на животот на оваа наша планета.
|
Денес дома донесов две вака исполнети мрежи со прополис.
Овој прополис е првокласен/чист/тазе и јас не го давам за помалку од 50 евра за килограм.
Инаку, една пријателка правеше испитување на овој мој прополис и констатира дека содржи 4 пати повеќе флавоноиди од останатите примероци! |