0
Но, да не остане само насловот како главна содржина на постов, треба да се кажат уште два-три збора...

Вчерашниот ден, јас и мојот компањон го искористивме да направиме посета на нашите пчеларници.

Откако излеговме од магливото Скопје целта ни беше да одиме веднаш на пчеларникот во Горна Матка.



Тука сонцето над маглата беше преубаво, и откако го разгледавме пчеларникот и констатиравме дека нема никаква промена, се фативме со кроење на вегетацијата пред и околу пчелните сандаци - колку за да останаеме малку подолго на оваа убавина.


По некоја пчелка излегуваше и влегуваше во по некој од сандаците.

Нашиот комшија, таму горе, се поздрави со нас и ни соопшти дека завчера денот бил уште подобар и пчелите од сандаците правеле масовен облет.


Но ниското сонце тука бргу заоѓаше зад врвот од најблиската планина - во околу 13.30 часот, и штом тоа бидна, се упативме да ги провериме и останатите два пчеларника.



Мислам дека и јас, и мојот пријател-компањон ноќва мирно спиевме, знаејќи дека се е во ред со нашите пчели - особено затоа што вчера не забележавме некои видливи знаци на аномалии.








































Но пред да заспијам, на телевизија загледав еден прилог за органското земјоделие - за големото намалување на интересот за него, конкретно кај струмичките градинари.

Се потсетив на она што го бев објавил за органското пчеларење во овој мој пост на мојов блог (Органска одисеја на која крај не и се гледа). Како за градинарството така и интересот за продолжување со сертифицирано органско пчеларење, според моите сознанија, опаѓа.

Потоа веднаш се сетив и на мојот викендашки комшија Илија Ѓорѓевиќ од Побожје.

Пред две недели бев со фамилијата на излет во тоа место близу Скопје, на север, на падините од планината Скопска Црна Гора, (викенд-населба Побожје), каде мајката на мојата сопруга има плац со викендичка.

Решивме дека мора да го искористиме убавиот ден, сличен како што беше и вчерашниов, за да прошетаме.

И на овие, скоро зимски прошетки, природата не престанува да нуди дел од своите плодови.

Омекнати мушмули - плодови на доцната есен.




















Јас ги спознав и прифатив овие шипинки.

Повелете на витамин Ц плус многу повеќе друго!



















На овие шипинки, омекнати од утринскиот мраз,
 им го грицкам задниот дел, се до семките. 








Шетајќи така, на излезот од куќите, во допир со дабовата шума, наидовме на најчудната возможна глетка што може да се види на нашиве простори...









Покрај и пред огромната недоизградена куќа со крајно необичен облик на топка (асоцира на опсерваторија, планетариум или пак на црква) имаше безброј животни...

Тешко беше, ама уште од подалеку се обидував да видам и разберам што се тие!


Помислив дека личат на кокошки - и навистина, кокошки беа.

Но меѓу нив, низ дворот, се шетаа и кози, и неколку кучиња.
Во делот од природната шума сите животни си шетаа барајќи храна.

Еве еден од чуварите - не си ја сфаќа сериозно работата преку ден.

Тука беше и газдата, г-динот Илија Ѓорѓевиќ, тазе селанец, а во минатото, во градскиот живот: компјутерски програмер.


Си направивме краток муабет со него, за неговиот живот и мотивацијата да го започне овој потфат: одгледување кокошки и кози на органски начин.


Си порачавме од него и една табла тазе поскапи органски јајца.


Неговото стопанство не беше сертифицирано, ниту пак јас помислив да му побарам сертификат - доволно ми беше што дојдов и се прошетав по неговиот двор, заедно со козите, кучињата и безбројните кокошки и петлиња.

Правевме и муабет за економската исплатливост на неговиот потфат - но неговата мотивација беше сосема поинаква. Парите и среќата, за него не одеа рака-под-рака...

За човек него да го разбере, би требало и самиот да ги искусил и двете страни на животот.

Тој не беше примарно заинтересиран за финансиската исплатливост - главно му беше, производот да му биде сто-посто чист и природен (како што модерно се вели: органски).

Исто така тој искажуваше дека чувствува и големо задоволство од дружењето со овие домашни животни, од грижата за нивното развивање и опстанување (околу 50 кокошки, вели, му биле до сега жртвувани, на птиците грабливки).

Јас мислам дека на овие органски занесеници како мојот викенд комшија Илија државата ама баш ништо не може и не треба да им помогне - но секако, би можела и би требало да не им одмогнува, на пример со недавање на земјиште под концесија кое, тој велеше, сега го побарува.

Ние, од сега па натаму, од него ќе си купуваме од скапите јајца - и тоа е најголемата поддршка што можеме да му ја дадеме: производите помалку да му стојат во залиха.

Но, разговаравме и за тоа, органското производство, на подолг рок, генерира премногу загуби, кои тешко можат да се надоместат со цената на производите - ако таа цена не е толку висока за да обезбеди покривање на сите трошоци, но и создавање на резервен фонд.

Козјо млеко, деновиве, неговата Еколошка фарма речиси и немаше, затоа што козите така сакале, а и јацата биле помалечки од обично - но што е тоа важно?

Важно е дека Илија не употребува неприродни продукти за исхрана на своите животни и не користи др. ветеринарски ујдурми.

Инаку, Илија си има на фејсбук своја страничка (клик) и, покрај со мобилниот телефон, така може да се контактира со него, за да се договара купување.

Јас мислам дека за неговите производи треба во редови да се чека а не како сега, да ги користат ексклузивно комшиите од викенд населбата, и блиските селани од Побожје и Бродец.


Постави коментар Blogger

 
Top