Заврши тој еден, последен состанок на кој што требаше да се донесе одлуката: што ќе ни земат, т.е. “прават“ ветеринарите во оваа година.
Пропадна алтернативата таа беља, барем годинава да ја тргнеме од грб, а јас пред крајот, го напуштив состанокот, и...
Мислејќи дека со тоа мојот придонес во таа беља е завршен, дека ми падна еден голем товар од плеќите, си решив да си повратам дел од старите мои активности, кои во меѓувреме ми останаа запоставени.
Една од тие мои редовни активности е повременото следење на американската пчеларска дискусиска група (дискусии по е-пошта) со име Bee-L. (оваа боја означува линк!)
Кога отворив еден од поновите (од 6-ти јануари) збирни дневни прегледи што ми пристигнува на мојата е-поштенска адреса (собрани и хронолошки подредени е-пораки што биле испратени од членовите за време од 24 часа) - што да видам!
Таму главна тема станала истиов овој наш проблем што и нас, македонските пчелари не мачи - прегледувањето на пчелните семејства за откривање на болеста Американска гнилеж (АГ) и регулативата која што го форсира или се обидува да го форсира...
Нема ли бегање од ова, си помислив...
А потоа ме поклопи мислата: сите шанси постојат дека, откако ни пропадна последниот обид да ја тргнеме АГ од државно интервенирање, ќе мораме да се судираме и да се бориме со овој проблем уште долго време...
Сите информации во контекст на овој проблем би требало да ги собираме и разгледуваме, си помислив, на едно место, по можност достапно за сите - затоа што има и тоа како големи изгледи овој проблем со државната интервенција при решавањето на АГ да биде вечен, т.е. циклично да се изродува, поттикнат токму од наши добронамерни колеги и нивните блиски конекции до регулаторите и властодршците.
Едноставно кажано, решението за еден прилично сложен чисто пчеларски проблем, како што е проблемот со оваа болест кај нашите медоносни пчели, за некои наши колеги вечно ќе биде идејата: државата треба да интервенира!
Вечно ќе има такви пчелари кои ќе сметаат дека еден проблем, сложен и тесностручен, државата може да го реши, без дополнително да го закомплицира.
Арно ама, овие наши колеги-пчелари забораваат дека постојат граници до каде државата може “да влезе“.
Еве еден прост пример: државата може да помогне во изградбата на одвод и канализација, ама не може да ви пропише начин на кој вие ќе мора да си го миете лицето и задникот!
Државата може да и помогне на дејноста пчеларство на тој начин што ќе му пропише облигација на пчеларот тој да мора, во најкус можен рок, да преземе ефикасни мерки за санација на болеста АГ, но што има државата да се меша во начините како тоа пчеларот ќе го стори - ако тој тоа го направи на начин што фактички нема да ги загрози интересите на неговите колеги. (Болеста Американска гнилеж не е зооноза, т.е. не може да им премине на луѓето и да го загрози нивното здравје!)
Државата може да помогне во информирањето и да оди чекор повеќе, во едуцирањето на пчеларите за тоа кои се најпрактичните и најефикасните методи за во рамки на постоечки услови да се санира оваа болест и последиците од нејзиното појавување и земање замав - но, за пример, не може да санкционира непријавување на сомневање за постоење на оваа болест! Без обзир колку многу тоа некој од нас го посакува...
Зошто?
Па затоа што тоа е невозможно!
Сомневањето е во доменот на личните можности на секој поединец!
Секој може сомневањето да го има или да го нема. Може денес да го има - утре да го нема! (Јас сум, на пример, доволно стручен - едуцираноста и искуството се лични можности - во пракса, во пчеларник, да разликувам симптоми на европска гнилеж од американска гнилеж - врз база на тоа мое знаење јас можам да имам сомневање дека постои појава на европска гнилеж. Од друга страна, само од симптомот: гнило легло што се тегне при влечење со стапче, други мои колеги, ветеринари и сл. можат да се сомневаат во појава на Американска гнилеж! Значи, при истовремен увид на иста ситуација, јас нема да пријавам АГ, кога се сомневам на ЕГ, а некој друг ќе пријави!)
Државата може да оди и до тој степен, на пчеларите да им создаде соработници - кадри кои ќе располагаат со соодветни стручни знаења но и материјални можности, кои на пчеларот ќе можат да му помогнат во дијагностицирањето на проблемот, и дури ќе му помогнат во справувањето со неговата санација - откако дијагностиката ќе покаже за каков проблем се работи - арно ама, во интерес, право и одговорност на пчеларот е самиот да одлучи како ќе се справува со болеста и дали, во колкава мера и каква помош и соработка ќе побара - ако такво нешто државата има капацитет да му понуди!
Кога бевме на оној гореспомнат “последен“ состанок, муабет стана и за обврската предвидена во нацртот на програма за контрола на АГ, пчеларот да спроведувал мерки за добра пчеларска практика.
Под поимот “добра пчеларска практика“ во контекст на државната регулатива можат да се подразбираат само збир на цели што би требало да се постигнат и принципи кои пчеларот би требало да ги познава/спроведува - а не и дефинирани методи, или не дај боже утврдени постапки кои треба да се прават со намера да се постигне некаква цел. Оти до секоја зададена цел може да се дојде на безброј начини! (Зависно од аспектот на гледање: лоши, добри, подобри и најдобри!)
Добрата пчеларска практика која ќе биде дефинирана на тој начин што ќе наложува некакви утврдени процедури, или ограничува избор, може да биде само приватен стандард - не и државен.
Ако државните регулатори (пишувачи на регулативи) не ја разбираат ова разлика - кршат човекови и други права!
А ова неразбирање на суштината, како и неразбирањето на домените, до каде може а каде не може да нагази државата, не е карактеристично само за нашава земја - ова се случува секаде, се случува во ЕУ, па и во САД.
Ова мое размислување за денес ќе го завршам со преведен извадок од дискусијата на Aaron Morris, на Bee -L, одлично информиран пчелар, чие мислење научив низ годините многу да го ценам. Како што ќе видите, тоа е преполно со податоци кои се специфични за таа една држава, дел од САД. Но вие барајте ја суштината, а таа, според мене е блиску до фактот дека човечката природа е слична како што сме слични и ние луѓето.
Дискусијата конкретно се однесува на законот за задолжителна регистрација на пчеларници (и таксата за плаќање), што бил донесен во јуни 2007-ма година, а како и кај нас, оваа тема за дискусија настана во корелација со прашањето дали да се елиминираат инспекциите (eliminate inspections?) т.е. една друга програма за пчеларска инспекција за АГ што ја спроведуваат или ја спроведувале некои (не сите) држави од САД.
“Државниот апиарист (државна функција во некои држави на САД, може да се преведе и како: државен пчелар, значи државниот апиарист) се обидуваше да ги убеди пчеларите дека ним им е потребен тој закон. Земјоделското биро (државен орган како што е и нашава Агенција) продолжи да ја брани својата инструментална акција во залагањето оваа легислатива да биде усвоена, претседателот на Советодавниот Комитет за пчеларска индустрија држеше предавања за тоа зошто пчеларите од државата треба да го прифатат законот, (“законот е усвоен, сега ајде да се обидеме да го извлечеме најдоброто од него“), АИАЦ (Советодавниот Комитет за пчеларска индустрија) продолжуваше да го известува министерот за земјоделие дека има поддршка за оваа легислатива - а пак пчеларите најгласно се противеа!“
“Во јуни 2010 законот беше повлечен! Овој дебакл создаде лоши чувства, остави скршено јајце на многу лица, ги стави државните легистратори во позиција да си ги чешаат главите, чудејќи им се на тие лудаци пчелари, а не му користеше никому! Претпоставувам дека би можел да кажам дека нашата пчеларска организација (ESHPA) истапи, за да ги заштити интересите на пчеларите од државата, но во стварноста тоа беше циркус со три подиуми.“
“Требаше да се покренат заложбите на индивидуалните пчелари, тие да контактираат со нивните легистратори, па овој непопуларен закон да биде повлечен.“ (Date: Tue, 7 Jan 2014 18:36:46 -0500)П.С. Оваа дискусија (eliminate inspections?) на Bee-L се уште трае.
П.П.С. Јас сега, после објавувањето на овој пост, ќе започнам со прибирање на сите можни актуелни регулативи и други документи кои се однесуваат на оваа проблематика: Државна интервенција при појава на болеста Американска гнилеж.
Линковите до документите во дигитален облик, за почеток ќе ги поставам на мојов блог, но подоцна ќе бидат префрлени на веб страницата од новото државно пчеларско здружение. Ако сакате а можете да помогнете и Вие, испратете ми линкови и сл. затоа што ова е проблематика што, никогаш нема “за стално“ да не одмине!
Постави коментар Blogger Facebook