0
Вчера, кога се вратив дома од советувањето веќе беше паднала црната ноќ над Скопје.

Се враќав возејќи со шкрипавиот мој точак од автобуската станица, до која од земјоделскиот факултет, одејќи пеш, во муабет, испратив двајца наши колеги во нивните градови.

Јас и онака си имам позитивно мислење за новоградбите во строгиот центар на градот, но вчера, додека возев низ ледениот и не баш премногу загаден воздух - тие градби ми изгледаа многу поубаво и некако повеличествено.

Немам прилика често да поминувам низ центарот на Скопје и просто ми е мерак кога ќе поминам да видам што ново се направило во меѓувреме. И,  за мене, на градилиштата секогаш има нешто ново.

Но, така беше и вчера  утрината - уште кога на доаѓање, ги забележав овие неколку пчелни сандаци во шумскиот двор пред паркингот и влезот на Земјоделскиот факултет.

Уште одма, морам да признаам, бев позитивно изненаден - и веднаш помислив дека ова е дело на Ацо и Хрисула, и осетив голем респект, зошто добро знам колку многу напор бил вложен за такво нешто да се направи.

И кога приоѓав до влезот на факултетот, за кого уште од дома се подготвував да направам фотка, некако мислејќи негативистички, дека нема да биде видно променет во знакот на советувањето - пак бев демантиран во очекувањата, затоа што над вратите беше поставен овој голем транспарент.


На сите вие, што го читате ова, треба да ви биде јасно дека овој пост е мое лично видување на настанов - без обзир што јас бев ставен во прилично долгиот список на луѓе кои беа напишани/отпечатени под заглавието “Организациски одбор“.

Моето учество во организирањето на ова советување беше, искажано во прецизни математички вредности: 0,00.

Не присуствував на ниту еден состанок на овој одбор, не си зедов/презедов никаква обврска, и дури, немав речиси никакви информации како се развиваат подготовките.

Моето име, претпоставувам, таму стоеше само за да се обезбеди организаторот, Александар Узунов (+ Хрисула Крлевска) од моето евентуално негативно влијание, и за на другите да им се презентира дека и јас сум вклучен, затоа што се уште има зад него по малку моја стара слава, од мојот минат труд (иако и таа е веќе прилично отидена во бестрага).

Мојот интерес за ова советување беше толку мал што ниту програмата не му ја бев прочитал!

Едвам се натерав себе си, ден пред тоа, да видам кога започнува, и тоа не заради моја информираност, туку, затоа што ми се јави купувач на мед, па да видам дали ќе имам време порачаниот мед, по пат да му го доставам.

Немаше ниту да одам на советувањево, да не беше закажано за сабота (неработен ден) - но сепак, неколку дена пред тоа, ги уплатив бараните 200 денари за влезница/регистрација в банка, затоа што си мислев дека барем така можам да си ја манифестирам мојата поддршка. (Подоцна, низ муабетите во паузите, разбрав и дека некој друг колега така направил, однапред знаејќи дека нема да присуствува).

Јас бев дојден, да ви признаам, само за да се видам со луѓето, колегите од кои многумина не ги бев видел по-дооолго време.

Еден од студентите - организатори, ги упатуваше гостите веднаш по влегувањето - да не залутаат по ходниците на факултетот.
Во ходникот, пред вистинскиот влез за салата имаше два презентациски штанда. Не успеав да ги разгледам, бидејќи ги оставив “за после“ а после ги снема.

Десно од влезот се делеа околувратни картички со имињата на гостинот плус торбичка со промотивни материјали и програмата. 

Лево беше масата за регистрација преку здруженија
(Охриѓани на оваа фотка).  
Разбрав дека членовите на Матица (ете ги на врата) беа на советувањето со плаќање на 50% од “влезницата“.
Еве го, фатен на дело еден од најголемите виновници за настанот: Александар Узунов.
 


Аман бреј - сликај! Ми се замрзна насмевката!

По се изгледа, ова беше единствениот гостин прилепчанец. 


Советувањето практично започна, откако сите влегоа и седнаа на своите места, а организаторите се смирија, откако видоа дека за сите има место, дури има и празни столици во првиот ред, за некои официјални лица/гости.

Практично почетокот беше прилично тегавен.

Се започна со чекање, сите чекавме министерот за земјоделие и неговиот домаќин, ректорот на Земјоделскиот факултет да пристигнат.

Откако тие дојдоа, со нив и пратечките камери, со нивните говори, започна советувањето.

Деканот Драги Димитриевски читаше на почетокот...

Откако и двајцата едвам го прочитаа она што некој друг им го напишал, советувањето започна.

...А со крајот на читањето на министерот Љупчо Димовски практично беше отворено советувањето. 

Започна со огромната, ужасно долга презентација на гостинот научник од Словенија.

Во најголемиот дел од текот на оваа негова, речиси час и половина долга презентација (а требаше да биде најмногу 45 минути) јас мислев како орелски крила да си метнам и некаде, што подалеку од таму, да си прелетнам.

Но, бев седнат до прозорците на салата - вратата беше на другиот крај од салата, и да стигнам до неа мораше да минам пред очите на сите присутни.

Уф, брееее.

Штета што телепортацијата уште не е пронајдена!

Еве дел од печатените материјали што заедно со едно пенкалце беа во торбичињата.

На словенецот му се случи она што им се случува, по правило, речиси на сите странски гости презентери/предавачи кај нас.

Не му беше јасно ниту објаснето која е, и каква, публиката на која треба да и се обраќа (настрана од тоа што насловот на темата му беше апстрактен и немаше врска со содржината).

Наизглед, уште со првата точка на програмата, советувањето како да се закопа.

Поради предолгата презентација на гостинот, следните две презентации, едната за здружeнието MacBee, а другата за развојот на пчелните семејства ги проследив со 50% од и онака ослабената внимателност што ја имам за ваквите презентации.

Единствено ми беше важно презентациите да се кратки, за да се мрднам од заглавената позиција/седиште.

Паузата ми требаше како вода/воздух.

Кога најпосле дојде на ред паузата, пријатно бев изненаден што во ходникот нас не чекаше една голема маса полна со чашки со кафе, сокови, вода, и други пијалоци.

Овој почитуван господин беше вториот странец на нашево советување! Пчеларскиот ментор на А. Узунов од Германија (Hans-Dieter Lang).
Секоја чест за него!
Да сте жив и здрав, колега-мајсторе!


Веднаш грабнав едно кафе, оти без него, ми се чинеше дека советувањево буден не ќе можам да го проследам.

Како што одеа презентациите понатаму во ова советување, мојот впечаток за настанов се подобруваше.

Веќе никој од презентерите не се обиде да го пречекори зададениот термин, дури сите се трудеа да бидат што е можно пократки.

Имаше повеќе од 20-тина гости Кумановци на советувањево.


Мене најмногу впечаток во негативен смисол ми остави презентацијата за здравствената состојба на пчелните семејства и во позитивен смисол, презентацијата за опрашувањето на овошките.


Колку пчелни семејства се неопходни за ефикасно опрашување на одредени овошки.

Кога слушнав од презентерот за здравствената состојба на нашиве пчели дека ветеринарската Годишна наредба била одлична мерка за “американската чума“ и дека таа Годишна наредба би требало да се прошири со вметнување на ноземозата во неа - инстант бев надвор од себе си!

Не ми се веруваше дека го слушам/гледам она што го слушав!

Добро беше што не се јавив за збор во дискусиите после блокот на презентации, оти немаше ништо умно да кажам, поради нервозата, впрочем тоа му се случи на еден наш колега - неговото туц-муц протестирање беше за слушателите бесмислена говоранција.

Но на втората пауза мене ми беше дадена уникатна, ексклузивна, невидена можност да си ја испразнам нервозата - и тоа токму на лицето што ја напишало новата верзија на Годишната наредба!

Фала им за тоа на Мишо Христовски и Александар Узунов, кои буквално ме посочија на човекот - да не беа нивните сугестии тој ќе ми се измолкнеше за две секунди, со образложение дека често бил во контакт со нашиот претставник Павле.

Сите тие ликови кои учествувале во креацијата на оваа новокомпонирана ветеринарска Годишна наредба, мој впечаток е, дека немаат ниту приближна претстава каква збрка, каков хаос направиле!

Нас, пчеларите, не искарикираа до таа мерка, дека 60-те денари по пчелно семејство ни биле “проблематични“ за давање!

Тие, јас констатирав, до ден денешен не сфатиле дека ветеринарите немаат капацитет за изведување на таква масивна операција (преглед на сите пчелни семејства), не сфатиле дека од таа погрешна премиса потоа тргнала лавина од криминални дејствија (корупција) и дека постои ОГРОМНО незадоволство кај пчеларите - не поради 60-те денари по пчелно семејство што треба да се дадат, туку затоа што треба да се плаќа буквално за ништо, за необавена обврска/операција! За операција која, и онака, во пракса од стручен аспект е бесмислена во самата своја основа/суштина!

Тие поим немаат дека голем, или поголем дел од нас пчеларите сме чесни луѓе, и дека секој чесен пчелар во Македонија е изнервиран заради принудата да влезе во нечесен коруптивен партнерски однос со ветеринарите!

Да се краде сопствената држава, тоа не смее да биде “здраво однесување“ ниту за војниците на опозицијата - оти власта денес е една а утре ќе биде друга, можеби нивна, па тие ќе си имаат проблеми со мафијашката структура што сега злорадо ја аминуваат!

На ликот од агенцијата за ветеринарство што ја напишал Годишната наредба се обидов да му ја “загорчам“ закуската на паузата, но џабе...

Тој потсмешливо ме слушаше, додека слатко си јадеше, и рече ќе ме повикал да сме направеле муабет за ова - и без да ми побара контакт информација, по закуската си замина од советувањето.

Да, ќе прави муабет со мене, само ако е луд, кога има други “легитимни“ соговорници/послушници, како што е, на пример, Павле!

Кога мислам на ова, јас се уште се нервирам, како што бев изнервиран и тогаш!

Но, на крајот, кога дојде крајот, јас имав мошне позитивно мислење за ова советување.

Ми се бендиса што во неговата организација беа вклучени студентите на факултетот, ми се бендиса начинот на кој Александар Узунов им се заблагодари ним за залагањата, на тој начин што ги покани да истапат пред сите гости и да го добијат заслужениот аплауз, затоа што од технички аспект, со нив во неговата организација, советувањето беше чиста перфекција за наши, македонски услови.

Битно беше за мене, многу битно, што се уверив дека Хрисула Кипријановска и Александар Узунов конечно и практично се зафатиле да го садат и негуваат вистинското нешто, дрвото што нашево пчеларство ќе го подигне од пепелта во која нон-стоп тлее - новите стручни, пчеларски студенти/кадри.

Конечно, уверен сум, завршува јаловата ера на пчелари-егоцентрици (меѓу кои, влегов и јас) кои правеа (од љубов кон пчелите) се и сешто во нашево пчеларство - а после нив не остануваше ништо.

Фала ви, Ацо и Хрисула, уште еднаш, за тоа што го правите за нашево пчеларство!

Фала ви што ги создавате НАШИТЕ, пчеларските деца!



Постави коментар Blogger

 
Top