0

Вчера била Василица.

Василица била стара Нова Година.

Тоа беше воглавно она што јас го научив излегувајќи од кафеаната, целиот засмрден од забранетиот чад од цигари - и со глава и со уши, во кои се уште ѕвонеа некои заостанати тонови од безосетно прегласната кафеанска жива и нежива музика.

Кога излегував од кафеаната не ни помислував дека “вчера“ е всушност “денес“ (беше заминат 1 ч. и 30 мин.) - оти за човекот денес од вчера се разделени со сон, со спиење.

Ете денес конечно сум наспан и можам со поинакви очи да гледам на вчерашниот ден.

А вчера моето пчеларење не започна кој-знае како спектакуларно. Започна со подготовки за финалното адаптирање на новите 30-тина Фарар спратови.


Откако ги добив од производителот на пчеларска опрема, па ги зашрафив и залепив, па ги бојадисав, “со две раце“ многу разредена мрсна боја - сега преостана уште да се постават лимените аголници и кружните затворачи на летата.

Таман кога со мислите веќе го правев тоа, и констатирав дека треба да побарам уште нешто што ми недостасуваше - ете го, на телефон се јави еден мој пријател и наш колега...

Уау... Си реков... Навистина не заборавил дека денес требаше задоцнето да ги третира неговите пчели со оксална киселина против крлежите.

А денот за тоа, за малку немаше да биде добар. Оти и покрај минусните ноќни температури, сепак беше речиси без магла и без облаци - значи сончево...

Сепак, знаејќи колку време му требаше за да го стори ова што требаше многу порано да го направи, и знаејќи дека тој има само околу 10 пчелни семејства - немаше шанси да го одбијам. Иако со мислите веќе бев завлезен длабоко во претстојната работа околу довршувањето на новите спратови.

Така си решив да седнам на компјутеров, пред кој седам и сега, и решив да ѕирнам што има ново на Фејсбук...

Така, како што oбично бива, кога ќе отвориш Фејсбук - мојот пријател екстремно бргу се појави кај мене, и дури мораше да ме почека да финиширам некој “умен“ коментар.


Дворот каде што му беа сандаците на мојов пријател беше исто така и двор на еден друг мој стар пријател-колега. Всушност просторот беше предворје на неговата работилница за изработка на пчеларска опрема од дрво.

Веднаш забележав дека на некои од сандаците им ги нема капаците.
Очигледно ова не била намерна работа. Ветерот ги извадил  - а поклопните даски беа влажни.
Мал детал со кој сликовито се покажува дека капаците направени од печатарски лим се “џабе време и пари“.
Не само тоа, туку во некои години можат да предизвикаат смрт на пчелите во сандаците покриени со нив.

Се погоди и тој да биде таму!

Дошол чисто само за да излезе од дома, од празничната новогодишна атмосфера и безработицата која се надоврзуваше со денови и денови.

Секогаш ми е мило да го видам тој човек, бидејќи со него ме врзуваат многу спомени, некои од нив поврзани и со почетоците на моето пчеларење со Фарар (ФР) сандаци.

Овие двајца мои пријатели, меѓу себе си, си имале веќе направено некаква зделка, во која вториов му ги презел на првиот сандаците за пчеларење од типот Родна Воја (РВ) и Еко Воја (ЕВ), во која зделка вториов за возврат презел обврска да му изработи нови дрвени сандаци од типот Полошка (ПЛ).

Ова на-ти-го, дај-ми-го, беше веќе “стопати“ видена работа за мене - всушност, за праксата на првиов мој пријател, оној чии пчели требаше да бидат третирани со оксална киселина.

Нема врска колку некој ти е близок, како човек, и како другар - некои темелни сознанија не можеш да му ги пренесеш, ако за такво нешто тој си е заклучен.

Најчесто кога бараат мислење или совет, луѓето не настапуваат со став/прашање кое е произлезено од претходно бескрупулозно расчистување на сопствената состојба со посакувањата, можностите, мотивациите и потребите.

Тоа е и причината што, од другата страна, од оној од кој што бараат совет - не добиваат соодветен одговор.

За нив, кога така нерасчистено настапуваат, секогаш добиениот совет е дискутабилен и најчесто погрешен.

Нормално е дека за таа ситуација тие не се обвинуваат себе си - никогаш!

Тие велат: Другите пчелари кријат! Не сакаат да кажат...

Или пак, ако вољата и желбата да им се каже, не им е сомнителна, се склони да си мислат: Овој дефинитивно не знае толку колку што си мисли дека знае!

Ај, за првиот мој пријател, дека не е способен да разбере како стојат работиве со сандаците ми е некако вообичаен феномен...

Оти практично подобро го запознав кога ги распродавав сандаците на една вдовица од еден наш колега, од типот Лангстрот-Рут (ЛР) од кои еден дел и тој купи...

Оти потоа го гледав како купува стари употребувани дванаесетки ДБ, па и нови сандаци од типот Дадант Блат (ДБ, десетки) ...

Оти потоа бев информиран дека веќе преминал на сандаци од типот РВ - и на крајот, нормално дека не ме чуди што ете решил сега да преминува на полошка.

Ај, за него...

Ама што му стана и на вториов мој пријател - штом дозволил оваа болест на промена на сандаци за пчеларење - да го зарази и него?!!

Тоа, признавам, малку ме изненади, малку ме разочара, малку, со еден збор: ме изнервира!

За мене, за моите сфаќања, промената на типот на сандаци со кои се пчелари е речиси без исклучок индикација за недоволно пчеларско функционално образование.

Ниту теоријата, а сигурно не и праксата, на овие наши колеги не им ја објавила доволно јасно веста дека сандаците (нивниот тип/карактеристики) не се најважниот елемент за успешно пчеларење. Ако има потреба - тие што се имаат (во големи количини), се модификуваат, и... Толку.

И не знам што всушност ме изнервира повеќе. Дали сознанието дека вториов мој пријател преминува на нов тип сандаци, или дека всушност и не преминува, туку само воведува уште еден тип/стандард на опрема во своето пчеларство - покрај постоечките два (ЛР и ФР) што веќе ги има!

Па на првиов мој пријател барем тоа му беше јасно - дека не е функционално да се мешаат два типа на опрема. Тој барем така тоа го правеше: ги ликвидираше сите некомпатибилни елементи од стариот стандард, пред или веднаш штом ќе преминеше на друг стандард.

И на двајцата како да не им беше сè уште усвоена лекцијата што ја добија истиот тој ден - од самите пчели.

Да потсетам, зошто ние бевме таму.

Бевме да третираме 9 живи пчелни семејства кои беа чувани од мојот прв пријател со неговата органска философија на пчеларење (“остај ги - сами ќе си се грижат за себе“) а кои поради таа философија беа при крајот на летото 10. (А пред тоа, не знам ниту јас колку.)

Мојот втор пријател кој на неговиот посед нè пречека држејќи една од рамките од сандаците РВ на првиот пријател, што се обидувал пред да дојдеме да ја репарира, му помогна во третирањето на својот колега наместо мене, а јас пак си презедов “тешка“ задача да ги фотографирам во таа нивна заедничка пријателска активност.

Медот од угинатите не беше лош за живите. Беше без трагови од измет. Без пчели во сандакот...
Според мое видување неговите семејства што угинале, т.е. беа празни, угинале како последица на голема инвазија на крлежи - и потоа на сè друго (Nosema cerana, вируси,...)!

Откако ги истретираа сите пет живи пчелни семејства и малку го прераспоредија медот од мртвите на живите, сите седнавме покрај запаленото ќумбе во столарската работилница “бистрејки“ ја матната актуелна политика во државата ни наша, и дел од пчеларскиве дилеми, што погоре ги опишав.

Жар во печката на работилницата.

Јас и мојов втор пријател ретко се согласуваме за некоја работа во нашиов заеднички живот. Се пердашиме буквално за сè и...

Покрај неуспешните обиди на првиот пријател да ни ја заврти дискусијата во друг правец - се разделивме не како луѓе, ами како непријатели - пуздер се направивме!

До влегувањето во колата јас веќе му кажав што мислам за неговата постапка со сандаците, а тоа беше приближно истото ова што го кажав и тука.


На враќање назад по патот, мојот прв пријател небезбедно возеше и беше премногу весел - да бев на негово место, јас ќе бев во тешка депресија, од која само некоја чашка ракија немаше да може да ме извади...

Но не сум... А мојот пријател ја прифати информацијата за загубата многу по-стоечки отколку што би ја прифатил јас. Ја прифати онака како што таа самата и си настанала - како последица на претходните негови постапки.

Потоа, откако се вративме кај мене дома, и откако испивме по едно отрезнувачко кафе, заедно ги избушивме сите 300 рамки со помош на машината-бушалка што ја позајмивме од нашиот колега пријател и пчеларски столар.

Денот беше прекрасен, со многу топло сонце а без ветер и облаци...

Потоа откако за неполн час ги суредивме рамките, мојот пријател си замина, а јас продолжив да ја работам дома онаа работа која практично ми беше прекината во фаза на подготовка.



Го привршував 4-тиот спрат кога на телефон ми се јави мојот пријател-компањон, да ми каже дека токму тој ден пчеларското здружение Матица го има својот прв состанок во новата календарска година - но во новиот термин: вторник во 17 часот.

Ми кажа дека на предавање ќе дошле двајца кумановци и... Погледнувајќи на часовникот (16 часот) решив дека би можел и јас да одам.

Кога стигнав во салата веднаш го видов грбот на мојот втор пријател-колега и врвен пчеларски столар...

За мене не постои нешто заради што вистински би можел да го откачам тој човек - а мислам дека и двајцата го знаеме тоа.

Впрочем и тој самиот, некој час порано од мојот компањон, исто така ме побарал на телефон за да ме потсети дека вечерва ќе имало собир на здружението.

А предавањето на првиот од двајцата наши колеги од Куманово беше...

...Беше мноооогу долго!

Треаше речиси 90 минути и беше со енциклопедиска сеопфатност на темата: “Како јас пчеларам“.

Мислам дека му беше многу незгодно на актуелниот претседател на Здружението да му предочи на предавачот дека времето е прилично истечено - и дека практично за неговиот сопатник и колега од Куманово останаа само уште неколку минути од двочасовниот термин.

А пак неговиот колега си го презентираше, на брзина, својот пчеларски контејнер што тој го изработил пред 6 месеци.

Жалам што морам да забележам, ама тој период на употреба/тестирање е многу кус за овој производ да може да им се препорачува на останатите колеги...

Инаку за функционалните решенија, и за некои други аспекти, неговата презентација си заслужуваше и неколку минути повеќе.

А заслужуваше да има и време за одговарање на евентуалните прашања, за кои, за да се поставуваат, впрочем немаше време и за првото предавање.

И за првото предавање имаше многу работи кои би можеле да се појаснат - само да имаше време.

После овој официјален термин за собир на сите членови на здружението, пчеларите си заминаа од салата на Стопанската комора на петтиот кат, практично поделени.

Тие што не сакаа да се дружат уште малку, си заминаа веднаш дома, а другите се поделија во најмалку 2 групи. Едната група замина со претседателот на здружението и колегите предавачи од Куманово во една кафеана, а пак друга група замина во друга кафеана.

Јас бев поканет и заминав со групата што не беше со претседателот - токму во истата онаа кафеана од која излегов веќе во почетокот на следниот ден, заедно со колегите - откако заедно ја пречекавме старата Нова Година.

Таму, на масата преполна со пијалоци и храна, дознав дека управниот одбор на здружението имал свој состанок непосредно пред терминот за предавања и дека се дискутирало главно за старата нивна организациска тема: статутот и промена на претседателот.

Барем таму, на масата, неколкумина од нив мене веќе ме прогласија за нов претседател, т.е. за кандидат! А јас, како што им бев рекол и порано - тоа го прифатив - нормално, иако знам дека овие неколкумина што ме предлагаат и се гласни за тоа, всушност во тоа здружение, со моментално обновено членство од само 51 членови - се всушност малцинство.

Но, мислам дека не треба во овој момент да ги одбивам, и ако навистина соберат храброст да ме предложат - макар и да не бидам изгласан од мнозинството - јас за понатаму ќе бидам чист пред себе си и пред другите колеги, дека ете, барем сум се обидел! 

Како и многу други, и јас бев пријатно изненаден од нашата млада колешка која се прифатила да биде благајник на здружението.

Жените во здружениево Матица секогаш биле ретки како бисери. И нејзиното присуство, како единствена колешка на нашата маса, командуваше сосема поинакво однесување од нашите колеги - за кое однесување, некои од нас, и не се баш секогаш најспремни.

Ако не за нешто друго и ако станам в.д. претседател на здружението Матица, сигурно ќе изнајдам начини за нашите колешки да бидат многу побројни, поактивни и позастапени во неговото функционирање.

Така некако, придружен од многу зарипнати колеги, поради гласната музика и пеењето во кафеаната, ја минав Василица...

А... Ете ги...

Од вчера, уште на жицата во дворот висат алиштата што ги носев вчера.

Висат во обид, со скопскиот “чист“ воздух да се замени чадот од “забранетите“ цигари.


Постави коментар Blogger

 
Top