0
(Ова е всушност статус-белешка што денес ја напишав на мојот личен профил на интернет програмата Фејсбук.
Сметав дека ќе биде корисно да ја има и тука!)




Пред само два месеци и кусур денови бев во Србија на еден пчеларски панаѓур.

Овој мед од фоткава подолу што ја сликнав, се продаваше таму. Цената му беше 500 ден./тегла, и...

Јас немам сомнение дека медот на фоткава е навистина багремов (за така да се декларира треба од 70 до 90% да биде од декларираниот извор) но, судејќи според бојата, далеку е од сортноста што знам дека овој наш колега од Србија ја имал во некои други пчеларски сезони/години. 


Медов не беше лански (2014-та) - туку беше прелански (2013-та)...

Муабетот ми е ЗА новите колеги, за пчеларите - почетници...

Од тоа, колкава ќе биде цената по која ние, пчеларите, ќе си го продадеме медот зависи задоволството што понатаму ќе го чувствуваме... И не само ние, особено тоа важи за нашите семејства - од кои пречесто бараме поддршка/помош!

Од тоа задоволство зависат понатаму многу други важни работи!



Само една работа од многуте е: колку ригорозно ќе се придржуваме до нашата заложба: во нашиот мед да нема ништо друго освен она што пчелите сами си го собрале од природата и си го преработиле во МЕД.

Иако сте почетник, и АКО вашите пчели ЗА ВАС произвеле НЕШТО, не дозволувајте да си го урнисате угледот кај вашите најблиски - до ниво на сожалување!

Премногу често сум ја гледал таа слика: од воодушевување и гордост од постигнатото - за кусо време потоа - пад до малодушност, самосожалување и...

Потоа и понатаму: НЕГИРАЊЕ на реалноста дека се западнало во БЕДА...

Многу фактори влијаат на тоа по која цена медот ќе се продава - но еден од најчесто игнорираните е: колку мед останало од лани (колку и од прелани).

Мојот прелански мед беше подобар по многу карактеристики од ланскиот.

Од ланскиот ми останаа само 10-тина тегли за продавање... Од преланскиот ниту лани, на крајот од сезоната, немав за продавање една тегла.

По која дефинитивна цена медот ќе го продавам медот од годинава, ќе знам на крајот од сезоната, но сега, додека пчеларската сезона уште трае, го нудам по ланска цена - која за мене, морам да кажам, не носи економска сатисфакција: затоа што трошоците што сум ги направил, трудот, времето и знаењето што сум ги вложил - со таа цена не ми биле надоместени!



За да ми се плати секојдневниот труд и преокупацијата со пчеларењето, јас тие количини со мед што ги добив лани, а кои БРУТО беа на ниво од една тегла дневно - мене малку ми е, да го продавам и по цена од 10 евра/тегла - а камоли за само 400,00 ден. (~6.5 евра).

За разликата, за кражбата од околу најмалку 2 евра по тегла што јас дозволувам да ми се прави, ја обвинувам колонијалната позиција што нашиот пазар ја има наспроти пазарите на останатиот дел од Европа.

Само на нашиот, македонскиот, и само на бугарскиот пазар, колку што мене ми е познато, чистиот природен мед е принуден да се продава по толку ниска цена.

И затоа - само на нашиот, и бугарскиот пазар, е ВИСТИНСКА РЕТКОСТ воопшто да се најде чист природен мед! Оти... ФАКТ е: таков локален мед за тие цени, во наши природни услови, произведуваат само пчеларите-будали!

Затоа, без обзир што сте почетник-пчелар! Ако вашите пчели ви дале чист природен мед, восок, полен и прополис... А вие сте вложиле многу труд, знаење и умеење за во тие нивни производи да нема остатоци од антибиотици, флувалинат, тимол, метаболити на амитраз, да нема сахароза и гликоза од вреќи и буриња, да нема траги од отровите кои ги користат другите земјоделци - вдишете длабоко - немојте да сте малодушни и за таквиот мед или друг пчелен производ, немојте да не ја побарате највисоката цена што можете да ја добиете на пазарот!

Оти...

Од тоа зависи како во иднина ќе ги поднесувате одбрамбените убоди на пчелите - зависат и многу други работи, особено тоа дали ќе можете следната година да продолжите со пчеларењето а истовремено и да се погледнете со чистите почетнички очи в огледало!

(п.с. Слободно споделете, ако Ви се чини интересно...)

п.п.с. И да ви соопштам, да не заборавите: вистинскиот природен мед нема рок на траење ако се чува и третира стручно и правилно. Со месеци наназад ми се случувало, секогаш кога ќе пробам од мојата единствена тегла на прелански мед (не е за продавање) да помислам: подобар е од овогодинешниот!

Следен
Ова е најнов објавен пост!
Претходен
Старији пост

Постави коментар Blogger

 
Top