2

Вчера беше 11-ти април.

За живите луѓе на планетава Земја - уникатен ден во оваа 2015 година.

Беше втор ден, после завчерашниот, што одново влеа надеж во мојата пчеларска душа дека пролетта најпосле доаѓа, дека конечно и вистински ќе дојде.

Уште ден порано јас и мојот пријател бевме договорени да одиме заедно на пчеларникот во Горна Матка.

Поглед на Шар Планина од Матка....

Требаше, во моите мисли, дури еден месец порано од денес, да ги префрлиме сите пчели од тој пчеларник во нови сандаци.

Всушност и не требаше тоа да биде префрлување од стара во нова опрема, туку требаше да започнеме еден сосема нов систем на работа - систем што истовремено немаше старата опрема да ја шкартира, туку ќе ја искористи.

Таа работа требаше да биде и истовремен прв детален пролетен преглед - акција што нам требаше да ни даде сознание каква е состојбата со пчелите... Како опстануваат, како напредуваат.

Овој пчеларник беше во тотална надлежност на мојот пријател-компањон - оваа зима јас на таа локација немав ниту едно пчелно семејство.

Нему пак, пчеларењето тој би сакал да му е дополнително занимање, но всушност му е хоби - оти другите животни активности, професионални и семејни му се далеку поприоритетни.

И така, се покажа, одново и одново, дека ние, луѓето од денешниве времиња, не сфаќаме дека пчелите не опстануваат, нема да преживеат, ако на нив не се мисли.

Ако пчеларот, од неговиот ментален фокус врз неговите пчели, успеат да го одвлечат други настани во животот - било какви нека се тие настани - пчелите денес најчесто назадуваат и гинат.

Во други времиња, читаме од старите пчеларски книги, било сосема честа појава токму спротивната работа - пчели оставени на мир, запоставени од мислите и присуството на пчеларот, не само што опстанувале, туку, својот газда/пчелар го наградувале со големи вишоци од мед.

Оттаму била популарна изреката дека со секое нивно вознемирување заради прегледување - се губи одредена количина мед, т.е. дека им се прави одредена штета на пчелните семејства.

Точно е тоа дека им се прават штети - но тие штети се далеку - ептен се помали, отколку што е штетата која настанува ако пчеларот не отворајќи ја внатрешноста барем на еден пристоен процент од пчелните семејства (околу 5-10%) не направи согледување на состојбата - што секогаш е резултат од микс на:
а) ОНА што БИЛО во природните надворешни услови, што е општоважечко за сите пчелни семејства на една конкретна локација, и
б) состојбата во самото пчелно семејство, што е специфично за секое пчелно семејство одделно, но оваа специфичност мора интелектуално да се спознае и да се оддели од она што е последица на состојбата со надворешните влијанија.

Ако некој мисли дека ова што се обидов да го опишам погоре, и што всушност е главна цел на првиот пролетен преглед - а тој преглед е преглед што обично се прави после долготрајно зимско занемарување на контролата врз пчелите - ако некој мисли дека ова е лесна работа: горко се лаже!

Не е ич лесно да се оддели и сфати како корелираат надворешните и внатрешните состојби кај пчелите без да се има големо искуство, ДОЛГОГОДИШНО ИСКУСТВО!

Интелигенцијата и теоретската едукација на пчеларот, во оваа димензија се сосема неважни, речиси бескорисни. Потпирањето само на нив - најчесто е погубно!

Но и пчеларот што се потпира на искуствата од минатото - без да направи напор претходно да ја согледа реалната ситуација - веќе реков како - ама ќе повторам: со отворање на добар процент од пчелните семејства - тој пчелар ќе биде шокиран од реалноста - некогаш позитивно, ама многу почесто: негативно!

Јас уште кога влегов на пчеларникот, веднаш се фатив да ги отворам нуклеусите со резервни матици - имав претчуство дека мојот колега едноставно не ја разбира во доволна мера важноста и функцијата што нивното постоење на пчеларникот тие ја имаат!

Во телефонските разговори што ги правевме и моите заложби тој да прихранува интензивно - за овие нуклеуси/бебиња, претчуствував дека ќе бидат запоставени.

И точно така, лут на себе си, констатирав дека се случило.

Пчелите на овие четири нуклеуси кои практично скоро и да презимија во едно ДБ 12 тело, беа оставени да угинат од глад заради недостаток на храна на рамките - иако имаа сува храна (погача над поклопна даска/фолија) но за жал, за нив таа храна беше тешко пристапна на толку ниските температури какви што беа со десетици денови порано.

Мене ептен јадно ми беше да видам како пчелите од еден нуклеус сè уште мрдаа...

Мојот пријател дури ја најде нивната неподвижна матица...

Јас ја зедов во дланката и со мојот здив ја стоплив...

И таа почна да мрда - дури и лизна малку од сирупчето што и го дадов...

Потоа како што работевме понатаму на префрлувањето на пчелите во новата опрема,  запаѓавме во сè поголема и поголема депресија...











На рамките од речиси сите семејства немаше ниту капка мед!

Леглото беше најмногу на три-четири рамки, ама со дијаметар од 10 - 15 сантиметри.

Некои семејства немаа постари ларви!

Веднаш на почетокот, уште второто пч. семејство што го отворивме/префрливме - немаше матица...

Ете зошто, - му за’ржав на мојот пријател - требаат резервните матици!

Потоа се обидов да му додадам матица... Онаа што беше полу-мртва од нуклеусите, на ова семејство...

Додавањето беше неуспешно. Матицата беше повеќе мртва отколку жива...

И тоа беше нејзиниот крај...

Основните проблеми поради кои работата не одеше добро на овој пчеларник беше: а) тоа што мојот пријател-компањон при ретките добри прилики не ги отвора пчелите за да види што се случува и каква е состојбата, б) не се обидел да констатира зошто пчелите не ја земаат додадената прихрана (преголема оддалеченост од гнездото/леглото).

(Неземањето на храната од пчелите, во пролет, секогаш е индикација на некаков проблем што мора итно да се разрешува.)

Ова семејство имаше повеќе среќа багодарение на скршената тегла со мед што мојот пријател вака ја икористил.

...За крај на овој пост да додадам дека тој ден имав прилика да ги отворам двата сандака во ЛР опрема, на еден наш комшија - на истата локација.

Неговите добро ухранети пчели со предобри резерви мед сепак немаа повеќе од по 3 рамки со легло - но леглото беше на многу поголеми површини (од 50 до 90% од рамка).  (Комшијата нас не честеше цел ручек - првокласна чорба со салата од цвекло од негово производство!)


Пред недела дена таму, на 630 метри, надморска висина, веел снег...

П.С. Пред да почнам да го пишувам овој пост си помислив: колку ли пчели сега ќе беа спасени ако јас не престанав со редовното постирање на овој мој блог?

Затоа, ете повторно седнав и неколку часови го пишував ова...

Се надевам дека некој ќе го цени, дека некому ќе му помогне - дека беше доволно поучен...



Постави коментар Blogger

  1. Анониманаприл 14, 2015

    Вашите постови секогаш се ценети и добре дојдени во секое време. Ви благодарам

    ОдговориИзбриши
  2. treba (mora) da prodolzite so pisuvanje

    ОдговориИзбриши

 
Top